Манасков отворено за селекторот: Ја почитувам неговата одлука, ама јас не сум се откажал од Македонија

Дејан Манасков го нема на мечевите од репрезентацијата на Македонија. Откако првично не беше на списокот за дуелите со Португалија за пласман на ЕП 2024, сега селекторот Кирил Лазаров повторно не го повика левото крило на Вардар за дуелите со Луксембург и со Турција. На собирот на репрезентацијата Лазаров изјави: „со Манасков имавме непријатно искуство пред и за време на СП, и затоа решив да им дадам шанса на помладите“.

Лазаров не објасни детали какво е тоа „непријатно искуство“. Манасков е дел од генерацијата која досега настапуваше на големите натпреварувања, и еден од „последните Мохиканци“ во националниот тим меѓу оние што ги постигнаа најголемите репрезентативни успеси иако има „само“ 30 години.

Играчот на Вардар кој зад себе има и богата интернационална кариера „се отвори“ и проговори за тоа дали има недозрабирања со Лазаров, и која е причината поради што тој не е дел од националниот тим.

„Немаме некое несогласување. Добив повик еден ден пред да излезе списокот за Португалија. Селекторот ми се јави. Беше недела, Прочка, и бараше да се види со мене. Следниот ден немав можност да се видиме, затоа што требаше да играме со Партизан во СЕХА лигата, и му кажав да се видиме во среда по враќањето од Белград. Ми рече дека било доцна да се видиме во среда, мора побрзо, и ми кажа дека ќе ме побара после нивниот натпревар со Пролет, мислам дека играа. Само добив порака дека ќе се видиме во среда, но, ме побара на телефон за да ми каже дека не сум повикан за репрезентација, но не ми кажа зошто. Ми рече дека сака да разговара со мене и дека не е ова конечна одлука за понатаму.

Многумина сметаат дека недоразбирањата на Манасков со селекторот Лазаров датираат уште од СП во Краков. Тогаш, не само Манасков туку и други ракометари имаа изјави со кои потврдија дека „внатре нешто смрди“ и дека не се баш многу добри меѓусебните односи.

„Не е од Краков, таму немаше никакво недооразбирање. Имаше една реакција од негова страна во текот на подготовките во Маврово. Мене најмногу ме повреди тоа што го кажа пред почеток на СП дека конечно очекувал од мене да дадам комплетно првенство, како да досега не сум играл добро и мене лично тоа ме навреди и во една ситуација тоа му го напоменав во Маврово. Не сме се скарале, меѓутоа не знам дали тоа го погодило. Во еден момент тој искоментира дека јас сум бил избркан од репрезентација и дека тој ме вратил против Данска и дека јас треба да му бидам благодарен што ме вратил. Јас бев повреден година дена претходно, имав операција на колено, имаше ковид ситуации кога Данило Брестовац беше селектор, кога јас не успеав да отидам за Швајцарија, поради тоа што клубот не ми дозволи. Ми беше соопштено дека не можам да се вратам во Унгарија директно од Швајцарија и затоа останав тука, па се вратив во Унгарија, вели Манасков.

ОДЛУКАТА Е НА ЛАЗАРОВ – ТОЈ ОДГОВАРА И ЗА РЕЗУЛТАТИТЕ
Во моментов Манасков го нема во репрезентацијата, но тој не се откажува од нејзе. Одлуката да не биде во тимот е на селекторот. Крилото ќе игра ако биде повикан. Ако не биде, тоа е тоа – живото оди понатаму.

„Тоа е одлука на Кире, јас ја почитувам одлуката, на него е да одлучи кој ќе игра, тој е најодговорен за резултатите на крај на денот. Јас не сум се откажал од Македонија, секогаш кога сум бил спремен и здрав сум се јавувал на повиците, секогаш сум давал максимум и нема да дозволам некој да каже дека за репрезентација треба да сакаш да играш, бидејќи секогаш сум играл со срце и душа, и во иднина исто така ќе играм ако имам можност и бидам повикан. Ако не бидам, тоа е тоа, животот оди понатаму, смета Манасков.

Репрезентативецот на Македонија смета дека било покоректно веднаш по СП да се разговара со него, а не пред објавување на списокот пред дуелите со Португалија.

„Не знам дали ова потекнува од претходните години ова, но сите мора да се ставиме во служба на репрезентација. Мене покоректно ќе ми беше искрено да ме побараше после СП, имаше доволно време до пред тој собир. И да имало некои недоразбирања, ќе седневме, 12 години сме играле заедно, сме биле соиграчи и сме делеле соблекувална. Вакво однос и третман кон мене не очекував, долго време сум од репрезентација, практично од дете и ги знам сите многу добро, па и приватно. Ако видевме дека не можеме да соработуваме понатаму, јас сам ќе се повлечев и ќе им кажев да им е со среќа.

ЛАЗАРОВ КАКО ИГРАЧ – ЛАЗАРОВ КАКО СЕЛЕКТОР
Манасков и Лазаров заедно беа дел од репрезентацијата повеќе од деценија и настапуваа заедно на големите натпреварувања, дури и на ЕП 2012 кога Македонија беше петтопласирана. Десноракиот играч на Вардар, смета дека секој треба да знае да се носи со притисокот. Дали Лазаров селектор е различен од Лазаров соиграч?

„Не би сакал да коментирам. Тие што го знаат, го знаат. Не е исто да бидеш играч и тренер, сигурно е многу потешко да сте тренер, притисокот е многу поголем, но оној што одлучил да се занимава со тоа, треба да се носи со тоа, смета Манасков.

Додека репрезентацијата ги игра двата последни натпревари од квалификациите за ЕП 2024 година, Манасков се подготвува со Вардар за остатокот од сезоната. „Црвено-црните“ ќе играат во полуфиналето на СЕХА-Газпром лигата, ќе го бранат и трофејот од Купот на Мскедонија со настап на Ф4 турнирот. Но, прво доаѓа најважниот меч сезонава, гостувањето во Битола каде им треба најмалку реми за да може да сметаат на одбрана на титулата. На Манасков му завршува и договорот со Вардар.

„Уште не знам ништо, сакам прво да помине мечот со Еурофарм Пелистер во Битола, па потоа ќе решавам за иднината. Треба во Битола да се докажеме. Кој ќе победи таму, 99% е шампион, се подготвуваме за тој натпревар, смета Манасков.

Лазаров објасни зошто Дејан Манасков не добива репрезентативен повик