ИНТЕРВЈУ ЕДУАРДА АМОРИМ ТАЛЕСКА: Не треба само да бидеме репрезентација, треба да знаеме што сакаме!

Ракометарка за која не е потребна посебна најава, нејзиното име Едуарда Дуда Аморим Талеска доволно силно зборува за нејзината големина. Бразилката, која е македонска снаа, која во Европа дојде со трансферот во Кометал Ѓорче Петров, а од таму само небото беше граница за неа. Левиот бек во својата 20 годишна кариера освои сè што можеше да се освои - клупски, репрезентативно и индивидуално. Во 2022 година се збогува со играчката кариера, но му остана верна на ракометот. Две години подоцна, таа гради живот во Македонија со сопругот и ќерката, истовремено започнувајќи и тренерска и менаџерска кариера. Во набиениот распоред најде време за кафе-муабет и интервју со 24ракомет.

Со Дуда сме се среќавале на Ф4 во Лигата на шампионите во Будимпешта неколкупати, но во тие години некако не ми беше најомилена, најверојатно бидејќи со Ѓер беа еден од најголемите противници на ЖРК Вардар.

Сега Аморим понуди една поинаква страна од неа – позитивна, насмеана, одлично зборува македонски и целиот разговор мина опуштено и непосредно, како да дружиме со години. Беше интересно да ја вратам две децении наназад и како се почна од Кометал Ѓ.П. за да дојдеме до денеска и нејзиното повторно враќање во Скопје.

Ја потсетив дека претседателот на Кометал Ѓ.П. Иван Бојков во неговото интервју за 24ракомет откри дека со нејзината сестра Ана ја гледале на СП за млади и еден телефонски повик ја донеле во Скопје.

„Хахаха, тоа беше многу одамна. Најверојатно било така. Ана прва дојде во Кометал, а потоа јас со Бразил играв на СП за млади во Охрид и ми се јави сестра ми, ме викнаа на проба во Скопје. На тој турнир бев избрана и за најдобар лев бек и паметам дека чекав одговор еден-два месеци. Им реков: Ајде, што правиме, ќе потпишеме или да се вратам во Бразил!? Потоа си останав тука“, се потсетува и низ смеа раскажува Аморим.

За мене Бразил е синоним за женска одбојка, но Дуда вели дека како помала таа одела по стапките на сестра ѝ.

„Во Бразил моравме да одбереме спорт како дополнителна активност на училиште. Околу девет години почнав да тренирам гимнастика прво. Не се сеќавам зошто, најверојатно поради другарките. Потоа на 11-12 години преминав на ракомет поради сестра ми. Таа тренираше ракомет, а јас ја следев. Ја чекав секогаш после тренинг и еден ден тренерот ме викна да тренирам. Почнав, ми рекоа дека имам талент и продолжив.“

КОМЕТАЛ БЕШЕ ОДЛИЧЕН ИЗБОР

Очекуваше ли дека трансферот во Кометал Ѓорче Петров ќе ти направи таква пресвртница во животот?

„Има многу разлика од ракометот во Бразил и оној кој се игра во Европа. Сега кога ќе дојде некој Бразилка во Скопје потребно и е време за да се адаптира. Јас во тоа време го имав Портној, на кој многу му се допаѓаше мојот начин на игра. Веруваше во моите квалитети и ми даваше мотивација. Не слобода, зошто тој знаеше што точно сака со тактиката, но ми даваше на самодоверба. Тешко ми беше да се адаптирам. Од Бразил каде тренирав еднаш на ден, тука се работеше многу сериозно, во подготвителен период понекогаш имавме тренинзи и трипати на ден. Доаѓањето во Кометал беше добар чекор, одличен избор. Потоа Кометал почна да паѓа, но имав и среќа што игравме во Лигата на шампионите. Тогаш игравме против Ѓер, играв и со репрезентација на Олимпијада против Унгарија, бев во добра форма и можеа да ме видат повеќе скаути и клубови, а со тоа дојдоа и понудите. Тогаш немаше информации како денеска, паметам морав на мапа да ги барам Скопје и Македонија. Но одбрав добро и имав среќа.“

ДВЕ СЕСТРИ МАЖЕНИ ЗА ДВАЈЦА БРАЌА

Македонија и Скопје нема да бидат само професионална, туку и приватна пресвртница за Едуарда Аморим, која тука ќе ја најде и љубовта на својот живот.

„Марина Наукович ми го покажуваше свадбениот албумот и јас и велам ’кој е овој на сликата?’ (се смее). Таа се смее и не ми кажува ништо. Неколку дена подоцна ми вели ’Едуарда ти договорив кафе’. Јас целата изненадена се консултирам со сестра ми, да одам, да не одам, ми беше срам и јас ја земав неа за друштво, а Дејан го зема брат му за друштво и така излеговме два пара и беше интересно. Тие за жал повеќе не се заедно, но јас и Дејан останавме.“

По сè што поминавте одлучивте дека Скопје и Македонија ќе бидат вашата крајна дестинација?

„Со Дејан сме заедно од 20-21 година, растевме заедно. Веќе десет години сме во брак и тој е мојата ’карпа’. Дејан многу време ми посвети мене, жртвуваше многу работи за да бидеме заедно и да ме поддржи во кариерата, а сега е време да возвратам. Имаме договор дека ќе пробаме да живееме тука. Кон крајот на мојата кариера за него не беше многу лесно да биде со мене во Унгарија. Сега треба тој да биде посреќен, да е поблизу до семејството. Одлучивме да пробаме тука, затоа што поблизу сме до Европа и поефтина земја за живот, па додека Идалина (ќерката) е мала. Може да смениме и Бразил, ќе видиме како ќе оди. Јас сè уште се адаптирам. Тешко ми е поради менталитетот, долго време бев во Унгарија, различно е. Луѓето во Македонија се потопли, сакаат да се дружат како во Бразил, но јас уште немам круг на пријатели и некоја стабилност. Тоа ми фали, да бидам во група. Кога ќе ме прашаат што ми недостасува од кариерата, велам ракомет – не, ми недостасуваат луѓето! Лошо е што сум далеку од мојата фамилија, но лесно е за да патувам, има конекции и мислам дека ќе биде добро.“

EДУАРДА АМОРИМ ТАЛЕВСКА -приватна архива-

МАЈКА, МЕНАЏЕР, ТРЕНЕР

За само две години откако стави крај на играчката кариера на Дуда и се случија многу промени. Таа сега е насочена кон нови хоризонти – мајчинството, тренерската кариера, а има и менаџерска агенција.

„Со Дејан ја имавме таа среќа, веднаш да добивме дете. Не сакав таква кариера, да правам пауза за да станам мајка, па да се вратам да играм. Планот беше да завршам со кариера, па потоа да се посветам на мајчинство. Мислам дека е тешко да комбинираш спорт на високо ниво и семејство. Овие две години донесоа голема промена во мојот живот. Како играч секогаш посветував внимание за транзициите во кариерата, но колку и да се подготвуваш за ова… Ја завршив кариерата, сменив земја на живеење, хормоните поради бременоста ми вивнаа и шест месеци бев… Добро е што Дејан го издржа тоа! (се смее) Сега е многу подобро отколу што очекував. Имав многу голема љубов кон ракометот како играч и уште верувам дека нема да можам да најдам некоја работа која ќе ја сакам толку многу. Но, работата со менаџерската агенција, се пронаоѓам и во функција на втор тренер, мислам дека можам да помогнам. Сето тоа се начини да останам поврзана со ракометот.“

Премногу нови улоги истовремено, не чувствуваш дека се расплинуваш?

„Додека имам енергија ќе ја искористам секоја шанса која ќе ми се пружи за да пробам нешто, а времето само ќе покаже што е она вистинското. Во моментов мислам дека агенцијата е нешто во што се пронаоѓам, но од друга страна јас сум и во Олимписки комитет на Бразил, во комисија за играчи, активна сум на спортски план и тоа ми се допаѓа. Сè што правам и со што ќе можам да му помогнам на спортот. Во Македонија слушам тренерски модули затоа што сум тренер во репрезентација и важно ми е да се едуцирам, да имам и документ. Едно е да си играч, друго е тренер, треба да се образувам и надградувам и во тој процес за да можам повеќе да помогнам. Играчката кариера е основа за добар тренер, но јас се гледам само како втор тренер. Тоа е перфектно, се пронаоѓам во тоа. Бев многу посветена на спортот претходно, соработував со девојки од различни земји и култури и ги имам видено сите репрезентации. Кој и како работи и во тој аспект можам да помогнам. Како прв тренер не сакам, не го сакам тој живот затоа што веќе имав таков живот како играч. Многу е напорно, како капитен фокусот ти е и на екипата, но ти си приоритет. Како тренер треба да им помогнеш на сите, да ги следиш, да мислиш на тактика, на систем, на сè! Ова во репрезентација како дел од стручен штаб е нешто друго. Ме влече сè уште и ми се допаѓа, но да бидам тренер во клуб не.“

НА ДЕВОЈКИТЕ ИМ НЕДОСТАСУВА САМОДОВЕРБА, ЦЕЛ

Како се случи Едуарда Аморим да се најде во стручниот штаб на женскиот национален тим?

„Кога се вративме во Македонија се сретнав со Љубомир Савевски, кој ми беше тренер во Кометал. Тој ме праша дали би сакала да работам. Отворено му кажав дека немам искуство  како тренер, но ако мисли дека можам да помогнам ќе прифатам. На негова иницијатива влегов во приказната.“

Репрезентацијата сега има нов селектор Кристијан Грчевски, но ве има и тебе и Ања Алтхаус во стручниот штаб. Како функционира тоа?

„Добро функционираме, треба да ја подобриме комуникацијата, но до сега девојките се задоволни и мислам дека правиме добра работа, а тоа го потврдуваат и резултатите. Се комплетиравме некако, Кики има тренерско искуство, Ања веќе пет години работи како тренер, претходно богата играчка кариера, а и јас со моето играчко искуство. Она што најмногу недостасува е самодоверба кај девојките, недостасува да сонуваме дека можеме многу повеќе и тоа е она на што работиме многу. Треба да сонуваме, не само да бидеме репрезентација. Искрено, очекував првиот натпревар со Шпанија да играме подобро, но тоа се случи на вториот. Имаме одлична шанса сега уште на првиот натпревар со Азербејџан, ако ги победиме, да се пласираме на ЕП. Се надевам дека ќе успееме во тоа. Што побрзо го завериме билет за ЕП, тоа подобро, а и за да нема нервоза на последниот натпревар. Никој не го сака тоа.“

Првпат по 12 години женската репрезентација ќе се избори за пласман на едно големо натпреварување. Како гледаш на тоа?

„Она што најмногу ми недостасува тука е што нема цел. Јас не сум таков човек да немам цел, треба да сонуваш. Каде сакаме да бидеме ако се пласираме на ЕП, каде? На 10, 15, 20 место, на петто место? Тоа треба да го имаме во главата уште од сега. Не е само да се пласираме на ЕП, треба да направиме и резултат, нормално. Оваа екипа мислам дека има три-четири ракометарки кои наскоро ќе стават крај, но за останатите девојки веќе осум години како се заедно, не е дека не може. Ако јас со Бразил, која не е ракометна нација можев да освојам СП и потоа седум-осум години да играме на некое ниво, ако таа екипа со помалку ресурси стигна на врвот, зошто да не може Македонија? Немам слика што е она што ќе го бараме на ЕП и тоа ми е чудно, не знам што да очекувам. Мора малку и среќа во ждрепка, но велам, не знам, за мене тоа фали – целта, а таа треба да доаѓа од раководството“, објаснува Едуарда Аморим.

Што е со играчкото лидерство, го имаме ли?

„Тоа е избор на селекторот, имаме еден играч, но мислам дека се потребни двајца-тројца, затоа што секој од нив може да и даде различно нешто на екипата – некој мир, некој тактика, некој енергија и треба да се работи на тоа. Мене Амброш во Ѓер јасно ми даде до знаење дека јас ќе бидам втор капитен со Горбиц и работеше на мене, како и што очекува, како ја гледа екипата и потребна е поголема взаемна работа за оние кои ќе бидат лидери да можат да и помогнат на екипата. Мислам дека имаме девојки кои можат да бидат лидери само треба да работиме на нив.“

БРАЗИЛ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИМЕР ЗА МАКЕДОНИЈА

Едуарда Аморим има златен медал со Бразил од Светското првенство во 2013. година и смета дека тој пример е одличен за Македонија.

„Успехот на Бразил не беше случаен на СП, се работеше на тоа. Кога дојде Мортен да биде селектор на Бразил прво нешто што нè праша беше дали верувате дека може да освоите медал? Јас прва реков – нема шанси. Ние (Бразил) сме далеку од европските екипи и немаме шанси за такво нешто, но тој направи да веруваме и почна со работа. Имаше комплетна екипа – нутриционист, кондиционен тренер од Данска, спортски психолог, втор тренер. Мортен имаше фантастични лидерски способности, а вториот тренер го комплетираше со видео анализи, тактика. Тие нè оставија да веруваме дека можеме да освоиме медал и нè учеа како да бидеме професионалци, на секој собир на репрезентацијата. И нè работевме само кога сме со екипата, туку и додека игравме во клубовите. Нè следеа, ни даваа задачи да се извршат и тоа е она за што се борам и тука, тоа е она што ни недостасува. Состаноци и со психологот, затоа што еден играч не може да стигне до врвот ако нема ментална сила и стабилност. Кондициониот тренер следеше што работиме во клубовите и ни правеше програма која нема да смета на работата во клубот. Нутриционистот ни даде посебна исхрана, сите моравме да имаме одреден процент на мускулна маса и масти во телото. Нашата глава беше 24/7 и на обврски со репрезентација и на клупски обврски и така успеавме. Но прва работа е да верувате! Јас имав привилегија да гледам како и другите репрезентации, пред сè европски работат, а ние во ништо нè заостанувавме и затоа успеавме. Нè можевме да држиме ниво затоа што немавме промена на генерација, не влегуваа млади играчи, свежа крв, но тоа е и до фактот дека во Федерацијата немаме систем за тоа. Со таа екипа игравме и на Олимпијадата во Бразил, на домашен терен. Тогаш не го издржавме притисокот, многу сакавме медал, ама не успеавме. Но и петтото место беше добро, најголем успех“, потенцира Аморим и додава: „Бразил е добар пример за Македонија, затоа што ние знаеме дека не сме Данска и Норвешка, но може со примена на еден таков план, организација и систем на работа, да се стигне далеку. РФМ е отворен и расположен за соработка, но чекорите кои се прават се многу мали, а и фокусот е повеќе на мажите.“

АГЕНЦИЈАТА И РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СЕ ПОСЕБНИ РАБОТИ

Дуда може многу често да се види на трибините како следи натпревари од домашното првенство во женската лига. Вели дека тоа го прави за репрезентацијата, а не за нејзината менаџерска агенција.

„Како менаџер не сакам да имам играчи од репрезентација, мислам дека тоа треба да биде посебна работа. Натпреварите ги следам само за репрезентација и тоа не само во Македонија, туку и надвор, затоа што тоа е моја работа, како втор тренер. Морам да ги следам девојките, нивните настапи, да знам која како игра, во каква форма е, за кога ќе се прави составот – кој да викнеме – кој не, да можам да му помогнам на селекторот во изборот. Во мојата кариера сменив три менаџери – од Скандинавија, еден кој работеше во Унгарија и еден во Русија – тоа беше добро искуство за мене. Во последните години како играч почнав да учам и како одат тие работи. Агентот е многу важна алка во кариерата на еден играч, а јас имав среќа и со нив. Агентот треба да знае кое место ќе биде добро за тебе и изборот на клуб ти дава добра можност да растеш и да се развиваш како играч. Како менаџер во моментов имам профил на играчи од Бразил, Аргентина, Португалија, Унгарија и Црна Гора. Отворена сум за соработка, секако пазарот во Европа е поголем и ќе видам на кој ќе можам да му помогнам.“

Две од трите Бразилки во редовите на шампионот ЖРК Ѓорче Петров се ракометарки на кои таа е менаџер.

„Јас стојам зад трансферите на Милена и Луана во Ѓорче Петров. Многу е интересно, сите од Бразил сакаат прв трансфер да им биде во Шпанија. Паметам кога зборував за тоа со Милена и велам ’гледај ги сите аспекти од предлогот’. Таа се подзамисли и вели ’да, не сакам да одам во Шпанија, сакам во Македонија, ти почна од таму и каква кариера имаше.’ (се смее) Лигата во Македонија е посилна од Бразил и тоа им носи предност. Без разлика дали ќе направат нов трансфер или ќе останат во Ѓорче Петров. И да останат мислам дека тоа е амбициозен проект, клубот сака да игра во Европа, и може да се случи да растат заедно. Засега немам друг играч во Македонија.“

СЕМЕЈСТВОТО ГЛАВЕН ПРИОРИТЕТ

Дали Македонија како што беше почетна станица во играчката кариера, ќе биде и место од каде ќе стартува и менаџерската на Едуарда Аморим, или Скопје ќе биде ваша постојана локација?

„Во моментов семејството ми е приоритет и каде е подобро за нас, таму ќе бидеме. Како ракометарка бев професионално и комплетно посветена, а тоа го лимитира социјалниот живот, да одиш каде сакаш и кога сакаш и затоа сега не сакам да се врзувам. Треба да биде тоа некоја екстра понуда за да заминам од Скопје, каде за мојата фамилија сега е добро.“

НЕ МОЖАМ ДА СЕДАМ ДОМА

Кога вели дека семејството е приоритет, тоа за Дуда не значи да се биде домаќинка, туку да се ужива во ситниците кои ги носи секојдневниот живот.

„Сега сè е различно, но воопшто не сакам да бидам дома, да бидам домаќинка (се смее). Гледам детето да ми е добро, да е здраво и најадено (се смее) внимавам дома да ми е средено, но научена сум да сум во движење. Ја носам и ќерката со себе, на патувања. Имам и голема помош од Дејан, од мајката на Дејан е секогаш тука, ја чува Идалина кога сум на некое патување на кое не може да ја земам, тука се дури и прабаба и прадедо, кои знаат да ја причуваат – тоа е ’петка’! Тие ми се голема поддршка, но најчесто патуваме заедно, се трудиме да бидеме заедно. Како играч немав шанса да посветам време на празниците, се случуваше да играм натпревар на празник, а сега се трудиме различните традиции да ги комбинираме и да славиме. Славиме празници како именден, Божиќ, јас си го славам и мојот Божиќ на 24 декември. Ни доаѓаат роднини на гости па подготвувам бразилски специјалитети. Готвам, знам да подготвам и кога ќе ме прашаат како ги подготвувам им велам ’штом можеш да јадеш добро е спремено’ (се смее) Од македонската кујна сакам пилешка тава, грав од баба, таа го прави многу убаво и пита со праз. Се обидувам да научам да готвам и македонски јадења, мусака, ориз-рижото, но не се пронаоѓам во тоа, не сакам комплицирани рецепти.“

САКАВ КАРИЕРАТА ДА ЈА ЗАВРШАМ НА Ф4

Од кујната моравме да се вратиме на топката и на ракометот. По петтата титула со Ѓер во Будимпешта во Лигата на шампионите сите очекувавме Аморим да каже крај, но тоа не се случи. Таа замина за Ростов Дон, а потоа во Романија, во ЧСМ Букурешт се збогува со играчката кариера.

„И јас мислев така, дека после петтата титула со Ѓер, ќе кажам крај, но не се случи. Не е само дека понудата од Ростов Дон беше добра, имаше и други моменти. Во последната сезона во Ѓер толку бев уморна, се чувствував истрошена и немав љубов за ракомет. Бев како без енергија, се смени екипата и некако атмосферата беше хаотична, се караа тренерот со менаџментот, и не сакав да се збогувам со ракометот со такво чувство. Три години претходно на мојот менаџер му најавив дека сакам да заминам од Ѓер затоа што почнав да чувствувам дека се заморувам, нормално, девет години бев таму и се заситуваш, и нема веќе нешто што може да те мотивира. Во Ѓер ја чувствував екипата како дел од мене и многу се грижев за сè, девојките да се среќни, и да победиме и ставаш на твој грб работи кои не се твои. Многумина не можеа да ја разберат одлуката да заминам во Русија, но за мене вредеше. Кога отидов во Ростов ми беше многу убаво. Нов клуб, нова средина, јазик, култура, бев слободна и само играв. Бев среќна и ми беше жал кога морав да заминам од клубот поради војната. Така завршив во Романија. Сакав да се простам на Ф4, каде што имавме шанса да бидеме со Ростов, можеби не да ја освоиме титулата, но да играме. Еден ден бев тажна и почнав да плачам и Кармен Мартин ме прашува ’зошто си тажна?’, а јас и велам ’многу сакав да играме на Ф4’ и таа ми вика: ’да, изгледа ти си навикната да бидеш таму’. Јас велам ’да, навикната сум’, сакав таму да завршам со ракомет (се смее) но тоа беше позитивно искуство особено затоа што сакам да останам во ракометот и по завршување на кариерата.“

НЕМАВ ПОНУДА ОД ЖРК ВАРДАР

Македонскиот првак ЖРК Вардар никогаш не ја побарал Едуарда Аморим во своите редови.

„Немав понуда од Вардар. Ѓер во тој период беше врв и за да го смениш клубот требаше да имаше некоја ептен екстра понуда. Не знам зошто, но мислев дека ќе ја завршам кариерата тука во ЖРК Вардар, тоа ми беше како план Б, за жал се распадна.“

МОМЕНТИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Од дводецениската кариера, Аморим има две години кои и се посебно драги – 2013 и 2017-та.

„Има многу посебни моменти во кариерата, но 2013-та беше многу убава година. Со Ѓер ја освоивме првата титула во Лигата на шампионите. Истата година со Бразил станавме светски шампиони, а таа година е и нашата свадба со Дејан. Втор момент е финалето на Ф4 во Будимпешта во 2017. против Вардар кога по продолженија ја освоивме четвртата титула. Од тој натпревар ми е и омилениот мој погодок – од долу кон горе што го шутнав. Сега кога играше репрезентација со Шпанија и кога се видовме со Амброш Мартин зборувавме за тоа дека во продолжението никој не играше добро. Тој ми вели: ’што ти се случи тебе на тој натпревар, постигна четири гола, асистираше, се поаѓаше од тебе’!?“

ЃЕР ЌЕ ГО ПОВЛЕЧЕ ДРЕСОТ СО БРОЈ 18

Каде ги чуваш сите награди? Имаш соба за трофеи?

„Немам соба (се смее) пола ми се во Бразил, пола ми се тука. Имам многу врамени дресови, но доцнам со декорација и уште не стигнав да ги закачам. Можеби кога ќе имам канцеларија за агенцијата ќе ги ставам таму.“ (се смее)

Едуарда ќе добие уште едно признание, на почетокот на мај, од Ѓер.

„Во Ѓер ќе го повлечат од употреба мојот дрес. Тоа ќе се случува во четвртфиналето од Лигата на шампионите, на натпревар кој ќе се игра на 4 или 5 мај. Тоа е голема чест. Верувам дека ќе биде многу емотивно и убаво повторно да се биде таму.“

Каде се гледаш за десет години?

„Со повеќе деца (се смее), ако Господ ми даде. Ми се допаѓа таквата улога, за мене децата се дар од Бога, тоа е многу убава работа. Сакам големо семејство, ние сме три деца, мојата мајка биле осум деца. Сакам голема фамилија и мислам дека ќе бидеме тука, во Скопје.“