„Знаеме колку можеме, знаеме дека и тие имаат слабости – но Охрид ја има фаворитската улога“

Екипата на Струга денеска во 9. коло од плеј-оф фазата на свој терен ќе го пречека амбициозниот тим на Охрид. Стружани против соседот во досегашниот тек од сезоната одиграа три натпревари, на кои триумфираа охриѓани.

Тимот предводен од Стевче Алушовски е фаворит на денешниот дуел против Струга, но избраниците на Наум Танески ќе се обидат да се покажат како незгоден ривал на домашен терен. Иако Струга не освои бод на првите осум дуели од вториот дел од сезоната, сепак, покажа дека може да биде тврд орев за посилните екипи.

Каков резултат ќе оствари Струга на дуелот против Охрид најмногу ќе зависи од расположението на голманот, Дејан Рикановиќ, кој го најави денешниот дуел со „гладијаторите“.

,,На секој натпревар одиме на максимум, така ќе биде и на дуелот против Охрид. Знаеме колку можеме, знаеме дека и тие имаат свои слабости, но според квалитетот и постигнатите резултати, се разбира дека Охрид ја има фаворитската улога. И покрај тоа што немаме освоено победа во плеј-офот, атмосферата во екипата е секогаш одлична. Нѐ очекува еден тежок натпревар, ние максимално се подготвуваме за да се претставиме во најдобро светло. Ги повикувам сите љубители на ракометот во Струга да дојдат и да нѐ поддржат, секогаш е убаво чувството кога играте пред полни трибини”, изјави Рикановиќ.

Натпреварот меѓу Охрид и Струга ќе се одигра со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Тими“. Влезот за сите љубители е слободен.