СЕДМЕРЕЦ: „Десетките“ креваат просек

Женската репрезентација на Македонија со 10-ка ги заокружи квалификациите за пласман на ЕП 2024, шампионот Еурофарм Пелистер со 10 гола разлика го исфрли вицешамоионот Алкалоид од борбата за шампионската титула

1.Заверка по мерка

Две важни „десетки“ го одбележаа овој ракометен викенд. Едната „женска“ и престижна на репрезентативен план, другата „машка“ и клучна во клупската разврска за шампионската титула.

Со „десетка’ против Литванија, женската репрезентација на Македонија во Скопје  го заокружи циклусот квалификации и го потврди пласманот на ЕП 2024. Прв изборен пласман за најдобрите македонски ракометарки по цели 12 години и сам по себе исклучително битен за исчекор на македонскиот женски репрезентативен ракомет.

Македонските ракометарки со пласманот останува на сцената и на крајот од годината како дел од 24 најдобри европски селекции што ќе настапат на европскиот шампионат во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Што заедно со настапот како ко-домаќини на шампионатот во 2022, за Македонија ќе значи второ европско по ред од вкупните седум од кои другите пет се со постар датум заклучно со последниот изборен пласман на ЕП 2012 во Србија. Зголемувањето на бројот на репрезентациите учеснички на завршниот турнир на ЕП од досегашните 16 на 24 секако, ни оди во прилог, но никако не ја намалува вредноста на изборениот пласман. Многупати претходно сме дебатирале за добрите и лошите страни од промените на системите, и кога ни оделе во прилог како сега и кога ни ги пореметувале сметките како на машкото СП 2017 во Франција. И тогаш и сега стојам на ставот дека промените на системите, добри или лоши, важат за сите подеднакво и погрешно е да се гледа на нив еднострано и изолирано. Само треба да знаеш умешно да ги искористиш кога ти доаѓаат како поволност или навреме да ги искалкулираш и умешно да ги избегнеш кога потенцијално, може да ти донесат некој негативен ефект.

И ако тогаш во Франција со машката репрезентација нешто лошо се пресметавме во ремито со Исланд за конечниот пласман, овој пат проширувањето на ЕП добро го вкалкулиравме. Македонија оди на ЕП како второпласирана во групата, со вкупен скор од 4 победи во дуелите со објективно, послабите противници во групата – Азербејџани и Литванија и со 2 порази од Шпанија во улога на фаворит. Или во превод, на сигурно, без да се потпираме на среќа, услуга од други и да чекаме резервна шанса за најдобрите третопласирани. За тоа треба да им се честита на девојките исто како и за завршната „десетка“ против Литванија, постигната без Сара Ристовска во составот и со претходно веќе изборен пласман на ЕП што некогаш и тоа како знае да ја спласне мотивацијата.

Првата цел е „штиклирана“, следната треба да де исцрта во наредните 6-7 месеци до почетокот на ЕП, за да им биде појасно на сите, и на тие внатре и на јавноста надвор и да нема после забуни – сакам кажам, не знам речам и „кати“ со замислени противници.

Линијата сигурно во многу ќе зависи од противниците што ќе ги добиеме во ждрепката на 18 април. Како и да е, за 10 дена работите секако ќе бидат многу појасни.

2.Доминација на шампионот

Втрата важна „десетка“ викендов падна во Автокоманда. Шампионот Еурофарм Пелистер со убедливата двоцифрена победа фактички, го исфрли вицешампионот Алкалоид од комбинација во разигрувањето за шампионската титула.

Во дерби дуелот на двата тима со најмногу репрезентативци во своите редови, битолчани демонстрираа компактност, добра подготвеност, поголема разноврсност, уште поголема мотивираност и во најголем дел, супериорност на теренот. Може секако да го мериме настапот на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите, но едно е сигурно – 14-те силни натпревари во најсилната европска лига во Европа, за битолскиот тим можеби не донесоа бодови, но дефинтивно носат многу подруго искуство, поинаква перспектива и повисоко ниво на игра.

Три сегменти беа некако највпечатливи во победата на шампионот – тактичката поставеност поткрепена со силна мотивација што излегува буквално од сите пори, битолските Словенци во најдобро можно издание и сврзувачката улога на Филип Кузмановски во капитенска улога. Што уште еднаш се потврдува како чиста добитна битолска комбинација – Еурофрам Пелистер доби домашен лидер каков што му недостасуваше, а Кузмановски доверба и улога што му легна, што сака и може да ја (од)игра. И што е уште поважно – да биде клучна за резултатот.

На другата страна, вицешампионот настојуваше достојно да парира и на моменти успеваше да фати чекор, но не и да преземе контрола на играта. Можеби грешам, но впечатокот од страна е дека новите сини од Автокоманда како да го подзагубија жарот и еланот со кој лани како дебитанти направија „чекор од илјада милји“ и предизвикаа тектонски промени во врвот на македонскиот ракомет. Прво, како ладна вода на Билјанини извори, ги пресече поразот од Охрид. Поразот од Вардар дојде како „вратка“ за лани и дополнително им ја закомпликува позицијата во плеј офот. А доминацијата на Еурофарм Пелистер дефититивно им ја скрши самодовербата и ги потисна во вториот ешалон.

Во игра за титулата сега кaко главни играчи повторно остануваат актуелниот и поранешниот шампион. Што пак дава дополнителен шмек на утрешната голема скопско-битолска пресметка во „Јане“.

3.Тивка вода брег рони

Во сенка на дербито во Автокоманда викендов помина гостинската победа на Охрид против Тиквеш. Во Кавадарци додуша немаше спектакуларна „десетка“, ама и „тројката“ врши работа за Охрид да го задржи местото во водечката тројка на табелата. Во многу подраматичен и резултатски понеизвесен натпревар, охриѓани освоија важни бодови, а Стевче Алушовски тивко, без галама ги поведе кон историски пласман.

Тиквеш и покрај осцилациите во плеј-офот и непланираниот домашен пораз кој значително му ги намалува шансите, се уште останува во комбинација за излез во Европа, а Кавадарци незгоден терен за секој противник.

По драматичната „десетка“ испорачана од шампионот за вицешампионот до крај на суперлигашкиот плеј-оф остануваат уште седум кола кои ќе го дадат одговорот кој до каде е и за каде ќе биде за следната сезона. И да нема „десетки“, драма сигурно ќе има.