ИНТЕРВЈУ КРИСТИЈАН ГРЧЕВСКИ: Дамите ми се предизвик, сакам да им се посветам!

Женската сениорска ракометна репрезентација ја израдува нацијата со изборен пласман на Европското првенство кое во декември годинава ќе се игра во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Преку квалификациите нашите најдобри ракометарки 12 години се обидуваа да стигнат до континентален собир, а со актуелниот успех тие „врзаа“ второ ЕП во низа, со оглед на тоа дека пред две години добивме директно учество како ко-оганизатори со Словенија и Црна Гора. Успехот е на ракометарките кои на свој грб го понесоа товарот на квалификациите, но истовремено ова е успех на стручниот штаб и на селекторот Кристијан Грчевски, кој за неполна година на клупата успеја во нешто што сениорките го бркаа повеќе од една деценија.

Кристијан Грчевски беше изненадување на селекторската позиција, неочекувано решение од Ракометната федерација на Македонија кое лани во септември го превзема местото на Љубомир Савевски. Тренер кој претходно за една акција седна на клупата на женската кадетска репрезентација, а кој работеше и како предводник на машкиот суперлигаш Бутел и во младинските школи на Пролет и Вардар.

Дифовец (завршен Факултет за физичка култура) со професорско искуство во основно училиште „Гоце Делчев“, во Американската гимназија, како и во Академијата на РК Вардар, тренер со мастер коуч лиценца, кој е решен комплетно да се посвети на ракометот. Грчевски потекнува од спортско семејство – неговата мајка и сестра се поранешни ракометарки, неговиот татко е хокејар, а спортскиот дух и здравиот начин на живот тој сега ги пренесува и на неговите син и ќерка. Популарниот Кики е несуден фудбалер и кошаркар, најдолго се задржува на ракометот, а имал статус и на хокејарски репрезентативец кој го има постигнато првиот гол за македонската хокејарска репрезентација.

Во еуфоријата по ЕХФ неделата и пласманот на Европското првенство, Грчевски најде време успехот – изборен пласман на големо натпреварување да го промовира и преку викенд-интервју. Од таму првото прашање се наметна само по себе – Се надеваше ли на ваков успех пред неполна година кога ја превзема селекторската функција?

„Кога прифаќам нешто тоа е секогаш со позитивна мисла и со некоја позитивна цел и не би се нафаќал да работам нешто ако мислам дека не може да направиме нешто. Федерацијата ми даде доверба и ја добив селекторската функција, дури ми беше понуден и договор за подолг временски период, но јас прифатив да биде само за овој циклус. Сакав да видам дали јас ќе се вклопам со овие девојки, дали се ќе биде како што треба. Не сакав да брзаме, за ако нешто не е добро да можеме, нормално, да ја завршиме побрзо соработката, или, како што е сега случајот, ако е добро да може да ја продолжиме. До 30 април завршува мојот договор, беше само за квалификацискиот циклус на мое барање, за да видиме дали ќе биде успешно или не, па понатаму да разговараме за нашата иднина. Направивме успех и јас сум вистина благодарен на овие девојки кои беа максимално посветени, голем процент од она што се договаравме се исполнуваше. Имаме добра атмосфера, добра хемија меѓу играчите, и меѓу мене и нив, се споивме, почнавме да се читаме меѓусебно и навистина мислам дека има голема иднина тука. Ќе биде се подобро и подобро затоа што има простор за напредок. По ноемврискиот собир кондициониот тренер на репрезентацијата направи една платформа со која ги следи девојките на неделно ниво. Секоја има свој план за работа за тоа што и треба и што и недостасува и во зависност од нејзиниот распоред на тренинзи и натпревари, сè е во договор. На последниот собир особено беше забележлив напредок, кој верувам дека во континуитет (ќе се работи цело лето иако нема да имаме собир), но ќе продолжиме со соработка и со работа за да бидат девојките фит до Европското првенство“, објаснува селекторот на женската репрезентација.

Со оглед на одлично завршената работа верувам дека соработката со РФМ ќе продолжи…

„Оставивме малку простор за одмор со РФМ, да спласне еуфоријата по пласманот на ЕП. Се надевам дека ќе се договориме. Направивме нешто добро, позитивно и не би било логично да се разделиме сега. Ситници се во прашање и секако она дали да барам клуб или ќе останам само селектор и ќе се посветам на тоа. Голем предизвик е ЕП за мене, а и престои голем подготвителен период и ќе биде тешко истовремено да сум и тренер на екипа. Искрено сакам да се посветам само на селекторската функција и да сум само со репрезентацијата, да имам контрола над девојките. Особено оние кои се во Македонија да ги следам, но и оние што ќе играат надвор. Би сакал барем една година да бидам само селектор.“

НА ЕП ТРЕБА ДА ЈА МИНЕМЕ ПРВАТА ФАЗА

Репрезентацијата од третиот шешир ќе ја чека ждрепката за противниците во групата за ЕП. Јасно е колку е силна конкуренцијата, но следејќи го тимот во континуитет и начинот на кој функционира сега, ова ќе биде и второ ЕП за нас во низа, може ли да се надеваме дека нема да бидеме само учесници, туку и ќе се бориме за резултат.

„Од самиот старт бев позитивен. Прва цел за нас беше пласман на ЕП во што и успеавме. Следната цел ќе зависи и од ждрепката, но нема да одиме само како учесници, цел ќе ни биде да ја минеме групата, па потоа во вкрстувањата што ќе ни донесе среќата. Со пласманот на ЕП направивме еден чекор и не сакам да застанеме на тој. Сакам да направиме уште еден, а тоа е да ја минеме првата фаза. Сепак, сè ќе зависи и од ждрепката и од среќата, од моменталната форма на играчите во тој период, повреди дали ќе има… Да се надеваме дека ќе имаат девојките и добри клубови за да држат форма. Голем дел од нив следната сезона ќе играат во Прва лига и тоа ќе биде добро и за националниот тим“, потенцира Грчевски.

Националниот тим официјално ќе паузира летово, но неофицијално секоја ракометарка ќе има план и програма за работа, за подготвена да дојде на следниот собир во септември.

„Официјално следен собир е во септември, додека летово ќе следиме како ќе помине трансфер периодот и истовремено секоја ќе има програма за работа за подготвена да дојде на акција. Сега кога ќе седнеме со Федерација да се договориме и за понатамошната соработка ќе го дефинираме и целиот план и програма за подготовките. Начелно има план и програма за работа, закажани се и два пријателски натпревари со Австрија, но со оглед на тоа дека може да ни се паднат и како противник во групата, ќе видиме, може и ќе треба да менуваме, не знам. Ќе направиме сè за добро да се подготвиме и да се покажеме во досега најдобро светло на ЕП.“

МЛАДИНКИТЕ ВО ПРВ ПЛАН

Кристијан Грчевски истовремено има функција и на координатор на сите младинки категории и тој заедно со Дарко Јанев, кој е селектор на женската младинска селекција ќе ги водат на Светското првенство кое летово ќе се одржи во Македонија.

„Во моментов младинките ми се во прв план. Како координатор на сите младински категории ќе бидам на СП со младинките и со селекторот Дарко Јанев. Едната задача со сениорките ја завршив како што треба, сега сакам да се посветам на следната, односно на младинките затоа што СП е многу близу. Од секогаш сум сакал да работам со млади категории. Претходно бев и со кадетските една акција и во таа кратка дружба добив слика за некои девојки кои можат да бидат во младинска конкуренција и тие се на тој список и беа на последниот собир. Некои од нив беа и со сениорките и со селекторот Јанев ги вметна и младинките во платформата на кондициониот тренер и ако имаат желба може да го искористат тоа за свој сопствен напредок. Верувам дека ќе имаме одлични услови за работа, како со сениорските. Навистина Федерација стои позади сè! Сè што сме побарале, сè е исполнето. Како домаќини на СП имаме можност да бираме група, а и обично на ова првенство има и два полесни противници во групата од четири и се надеваме на добра игра и добар пласман. Ова им е излезна година на младинките, последна, а меѓу нив има четири-пет девојки со капацитет за во А тимот. Дел од нив веќе добија и шанса со Литванија, затоа што кај мене тоа е принцип, да не бидат само статуетки на тренинг, туку да добијат шанса на натпревар за да видам и јас и тие до каде и колку можат. Дел од нив треба полека да стасуваат за да покријат позиции на кои се поискусните играчи и со еден добар концепт мислам дека сме на добар пат.“

НЕМА ЖЕНСКИ И МАШКИ РАКОМЕТ

Грчевски е селектор на женски национален тим, претходно ги водеше кадетските на ЕП во Црна Гора, но на ракометната сцена е познат како тренер на машки клубови. Кој е предизвикот да бидеш селектор на женска репрезентација?

„За мене нема машки и женски, ракомет е ракомет! На факултет не учевме дека има разлика. Можеби меѓу ракомет и ракомет на плажа, но поделба на машки и женски – не. Кога ќе ти понудат било каква селекција, особено во млади категории со кои навистина сакам да работам и долг период имам работено во млади категории, ми беше предизвик. По него добив друг повик, без да знам, за сениорките и некако сами си се наредија коцките. Тоа што бев со кадетките ми даде слика и за младинската селекција и се направи некој, ненамерен концепт. Ги знам сите девојчиња и верувајте дека и покрај тоа што бев во Кувајт, во ова модерно време со сите натпревари на ју-туб се ’убивам’ од гледање на натпревари и нема ракометарка која не ја знам по име, дури и по прекар. Во прилог ми беше тоа што бев во Кувајт имав повеќе слободно време да следам натпревари и да анализирам играчи.“

ЗАВРШИВ СО КУВАЈТ

Селекторот Грчевски уште пред доаѓањето во Македонија за обврските во ЕХФ неделата си ги спакувал куферите од Кувајт. Чудно беше што ја прекина соработката со оглед на тоа дека заедно со Зоран Кастратовиќ кој беше прв тренер, имаа успех.

„Имавме успех, но јас бев растргнат натаму – наваму и ми беше тешко. Со клубот се договорив пред да дојде соработката со репрезентацијата и баш тој период решив да се посветам само на ракомет. Претходно работев и како професор и во Академија, а сега веќе сум решен дека сакам да се посветам само на тренерска кариера. Затоа со Зоки (Кастратовиќ) прво бевме во Саудиска Арабија, потоа и во Кувајт. Потоа дојде и селекторската понуда од РФМ и сега со пласманот на ЕП, навистина сакав да бидам во Македонија и да се посветам на женската репрезентација. Да бидам само селектор – мислам дека ми е време да бидам професионалец и да се посветам само на едно нешто на кое ќе го дадам својот максимум. Секој човек кога ќе се ангажира на две-три работи, на ниту една од нив не може да даде 100 посто од себе. Имам понуди од клубови од надвор, но не сакам да одам, сакам да се фокусирам на национален тим, па сега за сега клубовите се на стенд-бај.“

БУТЕЛ Е СЕМЕЈСТВО

Пред да влезе во селекторски води Грчевски како тренер се развиваше во суперлигашот Бутел, со кого ги имаа најголемите клупски успеси и три сезони во низа играа во Европа.

„Бутел беше млад клуб, а јас млад помошник тренер. Дојде ситуација да станам прв тренер и искрено заедно растевме со Бутел – тој како клуб, јас како тренер. Дефинитивно искористена шанса, за која сум и благодарам на управата што ми ја даде. Максимално ја искористив и ги задоволив нивните барања. Секогаш бевме клуб со амбиции, кој целеше кон Европа и тоа го остваривме – три години во низа игравме во европските купови, игравме завршница и во националниот Куп, бевме екипа за почит, секаде правевме проблеми, особено на фаворитите. Оваа сезона не ми е сеедно да ги гледам на долен дел од табелата. Бутел за мене не е само клуб, тоа беше дел од фамилијата затоа што по 20 часа минував во сала и со играчите бевме заедно и во добро и во лошо. Само добри спомени ме врзуваат за Бутел. Мислам дека нема да најдам друга средина како таа и затоа и ден денеска сме во контакт и дружиме со играчите и приватно и службено.“

 ТРИ ВО ЕДНО: ФУДБАЛЕР, КОШАРКАР, РАКОМЕТАР

Но, не само Бутел и вистинското семејство на Кики е спортско семејство во секоја смисла на зборот.

„Бев фудбалер во Вардар и осум години тренирав фудбал. Онаа угорнината на Кале, со пони велосипед ја искачував на пладне за да стигнам на тренинг (се смее) колку и да ми беше мака. Од тие осум години последните четири паралелно тренирав и кошарка и бев сериозно многу успешен. Имав доста награди. Играв плејмејкер во Јуниор – првата приватна школа на браќата Димитриевиќ. Одев на кампови, имав награди еден куп и потоа ме побараа во МЗТ Скопје. Кога отидов во МЗТ се распадна нивната школа во млади категории и некако се разочарав. Мајка ми тогаш ми рече ‘ајде да те однесам на ракомет’ и така почнав – во Вардар. Јас сум во душа вардарец и син ми исто е фудбалер – болни сме за Вардар! Тоа е нормално, скопски, градски бренд. Нема логика, замислете некој битолчанец да не навива за Пелистер, не е сфатливо, ќе треба да му се налутам (се смее). Играв крило, но на еден пријателски натпревар немавме голман, а јас бев во тренерки и тренерот ми вика: А, ти да застанеш да браниш? Имав добар натпревар и така станав голман. Останав во Вардар долги години, стигнав и до прв тим. Потоа преминав во Металург, но таму не ми се погоди тренерот Јошко Петковиќ, кој имаше екцеси со сестра ми (Маријана Грчевска) во репрезентација кога ја вратија од едно Светско првенство. Мајка ми реагираше во медиуми и кога тој дозна дека ми е сестра ме ’шиканираше’ и го напуштив клубот. Отидов во Пролет и имав повреда на рбетот. Требаше да правам операција или да тренирам рекреативно. Со оглед на тоа дека не сакав да ризикувам со операција на рбетот, станав рекреативец и почнав тренерска кариера, на 27-28 години. Истовремено формирав и семејство и добив повеќе простор да им се посветам и на нив. Пролет ми даде шанса да работам со млади категории, таму всушност ја почнувам тренерската кариера. Потоа се отвори Академијата на Вардар и преминав таму. Со Тања Медвед имавме убава соработка, Академијата се прошири низ цела Македонија и некои деца кои почнуваа во тие категории се уште се активни. Така почна мојата кариера.“

ХАРД ЕНДУРО КАКО ХОБИ, ХОКЕЈ – РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

„Имам уште едно хоби – возење мото-крос, хард ендуро. Поседувам спортски мотор, со опрема, со сè. Со моторите возиме по оние планински патчиња каде луѓето одат пешки. (се смее). Што се однесува до хокејот почнав по стапките на татко ми, од забава. Потоа се формираа клубови, па направивме репрезентација, која дојде до ниво да се натпреварува. Играв за репрезентација и сум стрелец на првиот гол во историјата на македонската хокејарска репрезентација. Трениравме во „Борис Трајковски“ и денеска играме, рекреативно, двапати неделно. Игравме и на ролери – интересно, необично. Имавме и успеси, освоивме некое Балканско првенство во Скопје, против Бугарија во финале, потоа и во Германија освоивме Дивелопмен куп, тоа е куп за држави во кои хокејот е во развој. Интересни случки.“

Кристијан Грчевски-приватна архива

МОЈОТ СТИЛ Е ОПУШТЕН

Грчевски е препознатлив по „чироки“ фризурата, делува како многу кул, урбан скопски тип, токму таков е и неговиот стил – опуштен.

„Таков сум (се смее) и секогаш некој коментира за фризурата или дека имам светли бои облечено или сум во нешто широко – опуштено. Сите очекуваат сега селекторот ќе се појави во одело и кошула – може и тоа да се случи, нормално, на некое ВИП претставување. Но мојот стил е опуштен, велосипедот ми е главно превозно сретство, моторче на струја, не глумам, тоа што сум тоа сум, и на терен, и на улица или дома. Фризура ми е веќе препознатлива. Дури и синот кога се роди имаше коса со четка (имам слики како доказ) се смее. Почнавме со 15-годишниот син веќе да се облекуваме исто (се смее). Ја продолжуваме традицијата на спортска фамилија – синот е фудбалер, голман, ќерката тренира одбојка и пливање. Единствено жена ми антиспортист – адвокат, но таа ми е најголемата поддршка. Да истрпиш спортисти кои никогаш не се дома, кои треба да ги переш по две вреќи облека на ден. Но, таа ми е теоријата, ние сме праксата и верувајте ми без неа никогаш немаше да стигнам до ова ниво, ни јас, ни децата. Наметнуваме здрав, спортски живот. Зимно време на скијање или со даски – сноуборд, летно време кампуваме, сурфаме на ветер…“

Има ли слободно време за приватност?

„Затоа реков и благодарам на сопругата за трпението, многу ретко сум дома и физички посветен и затоа се тргнав од многу работи, за да имам време да се посветам на едно нешто. Добив слика дека семејството и само една работа – клуб или репрезентација е она на што треба да се посветам. Времето ме гази, децата си растат и тоа нема враќање. Во Кувајт првпат бев сам и не ми беше сеедно. Среќа во денешно време технологијата многу помага ама пропушташ важни моменти, празници, успеси во нивните животи – кои за нив се голема работа. Сè што можам сè би им дал, да ги изнесам на прав пат со сопругата, па другото е на нив.“

Наоѓаш ли простор за одмор, за релаксација?

„Велосипедот ми е главно превозно сретство. Автомобилот не знам ни каде ми е паркиран во моментов (се смее) немам нерви за автомобил. Велосипедот ми е и превозно сретство и начин на уживање. Знам сам или со сопругата и во 11 часот навечер да излезам да свртам некое кругче низ пола Скопје, да си оладам глава или со сопругата да си помуабетиме на други теми – НЕ СПОРТ – имаме милион други теми за кои може да си дискутираме. ‘Викинг кафе’ е место каде што сме редовни гости. Немам бурен ноќен живот, едноставно опуштено.“

Грчевски вели дека поддршката и советите од семејството се најважни, додека најкорисни совети добива од сопругата.

„Совети од родителите и семејството секогаш добиваш. Поддршката од нив е од голема корист. Мајка ми почина пред шест години, но со неа секогаш имав конструктивни разговори за сè. Татко ми – машка рака, машки совет, сестра ми зборува без престан (се смее). Жена ми е суштината. Ако верувате најкорисните совети ги добивам од неа. Таа ги гледа работите од страна, од друг агол, непристрасно што за мене е многу корисно.“

ИЗЛЕГОВ НА КРАЈ СО 30 ЖЕНИ

Мажите знаат да се шегуваат дека едвај излегуваат на крај со една жена, а не со 30 колку што Кристијан Грчевски ги има во националниот тим.

„Мислев дека ќе биде малку потешко. Нели обично велиме дома со една не можеш да излезеш на крај, а не со 30, ама некако добро поминувам. (се смее) Девојките се прекрасни, нема глумење од типот не можам, не сакам, нема ѕвезда момент. Постои мала поделеност на постари и помали што е нормално, но поврзаност има. Нема девојче од помладите што нема поддршка од постарите, тука се и за совет, постои интересна хемија“, коментира Грчевски и продолжува: „Вака кога ќе размислам во Бутел ми беше постресно. Не здрава храна, се здебелив, ми побеле косата (се смее). Во репрезентација е собир по собир и полесно делува. Веќе и искуството си ги прави своето и учам како да не ми се некои работи стрес.“

Се чувствува конкуренција меѓу девојките?

„Кај мене го нема тоа, нема прва или втора постава. Кај мене е систем на ротација, што подготвувам и кој ќе игра прв, кој втор. На почетокот тоа им беше чудно, имаше реакции од типот – Еј не сум во состав. Им објаснив – вас ве знам сакам да ги видам тие што не ги познавам и додека да дојдеме до тој степен на разбирање и на познавање на мојот начин на работа им беше малку чудно. Се објаснувавме и сега сфатија дека тие што почнуваат не се прва постава или тие што седат на клупа се втора. Не, туку тоа е систем на ротација, кој зависи од тактиката од тоа каков ми е планот и каков калибар на играч ми треба. Имам играч за сите замисли и ги користам сите. Анализите на натпрварите си ги правам сам. Обично сам работам, сакам сам да си го сработам тоа, бидејќи така ми доаѓаат и идеите. Како гледам видео и правам анализа, така сечам и знам што сечам, што кратам. Имав и доволно време во Кувајт за да правам такви анализи. Тие имаат видеа уште пред да дојдат на собир, за секоја посебно, сè им е презентирано, „изџвакано“ и доставено, за да знаат што треба да работат и на што да посветат внимание. Девојките се задоволни, а и резултатот го потврдува тоа.“

МЕНТОРИ – КАСТРАТОВИЌ, ГОНЗАЛЕЗ…

Во градењето на својата тренерска кариера Грчевски издвојува неколку тренери со кои соработува(л) и кои влијаеле на она што е денеска.

„Јас сум млад тренер и во моментот со Зоран Кастратовиќ имам прекрасна соработка, не само стручно, туку и приватно, и мислам дека така треба да функционира еден стручен штаб. Не само на тренинг и на терен, туку и приватно, ние сме 24/7 во контакт. Имаме 300 муабети на 300 различни теми. Во Кувајт ни се погоди некоја непрофесионална средина и мислам дека не ни е тоа нивото, и не се наоѓаме таму и треба да бараме нешто посериозно. Дали ќе продолжиме заедно не знам, но во него гледам еден голем ментор. Како најголем ментор би го издвоил Раул Гонзалез. Ја следев неговата комплетна работа и во Вардар и во репрезентација. Закажував тренинг со екипата во различен термин само за да можам да бидам на трибини на неговиот тренинг. Многу контактиравме и имам и тефтери и записки. Од сите стилови земав по нешто што ми одговара мене и си ставам свои идеи. Девојките можат да ме следат, почнаа да ме следат, но ќе биде сè подобро и подобро. Нѝ требаше време. Со клуб цело време си заедно и за месец – два може да се научиш. Со репрезентација треба повеќе време ама веќе се разбираме. За мене хемијата е најважна од сè! Мислам дека кога сме на долги стази, хемијата во стручниот штаб и во тимот е приоритет и според мене тоа носи 30 посто нагоре како тим.“