ИНТЕРВЈУ ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ: Јас сум борец, сонувам да освојам медал со Македонија!

Иднината на машкиот национален тим останува во рацете на левиот бек, 25-годишниот Филип Кузмановски, како еден од предводниците на генерацијата која полека стапува на сцена. Интернационалецот кој во последните три години се гради во Бундеслигата беше дел од селекцијата до 21 година кој на СП 2017 во Алжир го постига најголемиот успех на еден мундијал – шестото место. Неговата генерација веќе се наметнува во А тимот, а водена од легенда како Кирил Лазаров и надежите и очекувањата се големи. Првиот вистински тест ќе го имаат за само десетина дена – Европското првенство во Дебрецин.

По завршувањето на клупските обврски со Хановер во Бундеслигата, тој веднаш се стави на располагање на репрезентацијата на подготовките во Маврово, но успеа да најде време и за новогодишно интервју со 24ракомет во кое открива многу детали непознати за јавноста. Кусото слободно време кое го има за празниците ќе се обиде квалитетно да го посвети на семејството и сопругата Моника, затоа што за него „семејството е пред сè и над сè“ и она малку време што го има се обидува максимално да го искористи за да ужива во нивното друштво.

Првите чекори во спортот Филип Кузмановски ги прави во родната Битола, но тие не се ракометни, туку фудбалски. Четири – пет години тој ќе биде дел од младинските школи на ФК Пелистер, за на 13-14 години поради здравствени проблеми да биде принуден да направи пауза од година дена, пред повторно да му се врати на спортот. Но, сега ракометот е во неговиот фокус.

„Бев навистина талентиран за спорт, за сите спортови и настапував за сите училишни екипи (фудбал, кошарка, одбојка, ракомет). Активно тренирав фудбал во младинските екипи на ФК Пелистер, но кога почнав да растам се појавија и здравствени проблеми со колената и зглобовите и морав да направам пауза. Не можам да се пофалам дека бев добар ученик ама за спорт бев прв (се смее). Паметам игравме државно првенство во ракомет во Битола и станавме прваци, се направи некоја убава атмосфера, еуфорија и во тој период некако се ме влечеше кон ракометот. Доцна почнав да тренирам во клуб, на 15-16 години во младинската екипа на Пелистер под водство на Игор Николовски – Ќани. Тој ме откри и многу се трудеше, работеше со мене и не знам како да му се заблагодарам за сето она што го стори за мене. Паметам ме будеше во шест часот наутро да одиме да тренираме во паркот и на секое дрво да правам финта (се смее), да трчам на планината, ме земаше, ме враќаше дома. Ги минав сите млади категории и стигнав до првиот тим на Пелистер. Во тоа време клубот имаше финансиски проблеми, па имавме шанса и простор и ние помладите да играме повеќе и така се развив како играч“, се потсети на почетоците Кузмановски.

Првите чекори ги прави во Пелистер, но факт е дека Металург е клубот во кој Кузмановски ќе порасне како играч, пред повторно да се врати во матичниот клуб, каде ќе се задржи само една сезона. Потоа почнува интернационалната кариера, ни помалку, ни повеќе во Бундеслигата – прво во Магдебург, потоа Хановер, чии дрес го носи и денеска. Вртоглаво брзо му се случуваат на Филип работите во кариерата, како клупска, така и репрезентативна – од повикот на Александар Јовиќ во кадетска репрезентација, па потоа како најталентиран станува најмладиот ракометар кој ќе добие шанса од Ивица Обрван на ЕП 2016 во Полска. Деталите ја прават приказната, па затоа одиме по ред.

ЛИНО МИ БЕШЕ И ТРЕНЕР И ВТОР ТАТКО

Филип Кузмановски доаѓа во бурен период во Металург, кога од клубот си заминува шампионската генерација (поради финансиските проблеми) и екипата останува во раце на младите. Тогашниот стратег на „металурзите“ Лино Червар ќе му го даде епитетот „небрусен дијамант” и по само година дена ќе ја добие и капитенска лента.

„Уште додека играв за Пелистер добив повик од тогашниот селектор Александар Јовиќ за настап во кадетска репрезентација. Паметам дека беше многу тешко, бекови беа Нелоски, Крстевски, Талески – сите играчи на Металург, а јас немав таков тренажен процес како нив, а и подоцна почнав да тренирам ракомет. Ако добро паметам прв турнир во Бугојно и имаше многу повредени на мојата позиција и добив шанса. Брзо се адаптирав и убаво се вклопив во екипата. Јовиќ ме препорачува кај Червар и еден ден се шетам низ Битола и ми се јавува Левче Китевски, кој беше дел од раководството на Металург во тоа време. Ми вели Лино Червар сака да зборува со тебе. Јас, дете 16-17 години, добро знам кој е Лино и каков Металург водеше во тоа време, македонски првак и четвртфиналист во Лигата на шампионите, кој ја победи Барселона таа сезона… Се возбудив, бев изненаден, почнаа да ми се тресат рацете, не знаев што да му кажам… Ме побара да одам во Металург и трансферот се случи веќе на почетокот на следната сезона.“

„Во Металург сфатив што е професионализам, затоа што сè друго беше на страна, а ракометот беше во фокусот. Бевме млада екипа, сите знаат како се работеше со Лино. Морам да потенцирам дека ако не беше тој, јас немаше да се занимавам со спорт или да бидам ракометен професионалец. Тој ми беше тренер, но и втор татко. Од него научив многу работи кои ќе ги користам доживотно. Ме изгради во вистински човек со цврст карактер и сум благодарен за тоа и често сме во комуникација. Навистина ми беше жал што така си замина од Металург. Се боревме секогаш со него, а и тој знаеше како да не мотивира, ни велеше дека мора да се бориме и да докажеме дека можеме да се носиме и со голем тим како Вардар, кој беше се посилен. Имавме голема желба за докажување, а тој вадеше максимум од тоа. За него имам само позитивни зборови.“

ПРАЗНИТЕ ВЕТУВАЊЕ НА МЕТАЛУРГ МЕ ВРАТИЈА ДОМА

Интересно е што Филип Кузмановски го продолжува договорот со Металург на две години, а веднаш потоа потпишува и пред договор со Магдебург дека од 2019 година ќе биде играч на германскиот тим. Но бекот не останува во Скопје. Се враќа, дома, во Битола, во редовите на Пелистер, пред да почне со градење на интернационална кариера.

„Поради Лино Червар и го продолжив договорот со Металург на уште две години иако ги знаев сите проблеми со кои се соочува клубот. Сакав покрај тренер како него да се изградам и да пораснам, за кога ќе заминам во странство да знам како да се носам со притисокот. Тоа беше целта – да останам, да играм, бев лидер на тимот, имав голема минутажа – Лига на шампиони, СЕХА, домашно првенство, таа доверба која ја добивав тогаш многу ми значи денеска. Лино си замина, а полусезоната ја доврши Јовиќ, но работите не беа добри. Цела полусезона немавме земено плата, а во пресрет на новата сезона добивме ветувања за промени, дека почнуваме нешто ново, со нов тренер – тогаш дојде Данило Брестовац, нов проект и дека ќе се средат работите. Од ветувањата ништо не беше исполнето, а од мене како капитен, кој навистина се бореше за екипата, се очекуваа некакви одговори. Во тие моменти и услови сите беа незадоволни, атмосферата беше лоша, а и со Данило со кој се знаевме од претходно од репрезентација имавме коректен, професионален однос, но различна комуникација. Сакав да останам и да го доработам договорот со Металург, но не се случуваше никаква промена во клубот и од ветувањата и прво мислев да заминам порано во Магдебург. Не бев подготвен, ги пропуштив нивните подготовки, сезоната беше веќе почната и во еден таков момент контактирав со Ванчо Димовски и одлучив да се вратам дома, во Пелистер, кој во тој период почнуваше со градење на еден амбициозен проект. По сите години живот во Скопје, сакав и да бидам малку со семејството и пријателите пред да заминам во Германија.“

СЕ РАДУВАМ НА СЕКОЈ УСПЕХ НА ПЕЛИСТЕР

„Убаво беше да се игра дома! Таа сезона беше навистина убава, игравме во ЕХФ купот, завршивме втори во првенството. Тоа беа почетоците на овој Еурофарм Пелистер кој го гледаме денеска и почнуваше да се чувствува дека се враќа стариот сјај на клубот. Секоја чест за Зоран Стерјев кој вложи многу во тој клуб во Битола и дај Боже во секој град да имаме по еден таков човек. Убаво завршува таа приказна. Паметам во ЕХФ куп игравме пред полна сала, убава атмосфера, кога играш дома емоциите се поинакви и сега кога ги следам натреварите на Пелистер желба ми е да играм во таква атмосфера. Сепак јас си имам зацртано каква сакам да ми биде кариерата. Мило ми е, се радувам на успехот на Пелистер и горд сум на него – сепак јас сум дете на Пелистер! Се надевам дека клубот ќе остане на ова високо ниво и еден ден ќе се вратам дома. Исто го мислам и за Металург, мене вратите таму не ми се затворени, а и никогаш не можеш да знаеш што ќе се случи по пет – десет години.“

ПРОФЕСИОНАЛИЗМОТ Е ОСАМЕНИЧКИ ЖИВОТ, СРЕЌЕН СУМ ШТО ЈА ИМАМ МОНИ

Кузмановски последниве три години игра за Магдебург, односно Хановер, во клубови кои се дел од најсилната ракометна лига на светот и каде постои висок степен на професионализам, конкуренцијата е убиствена, како и темпото на натпреварување.

„Магдебург е клуб со традиција и со најдобра атмосфера во Бундеслигата. Клуб со високи амбиции секоја сезона. Ми беше многу тешко да се адаптирам. Бев навикнат во Металург и во Пелистер да бидам носител на играта, додека во Магдебург имав многу силна конкуренција на мојата позиција и повеќе седев на клупа. Бев помлад и иако имав искуство, беше проблем додека да се вклопам. Клубот бараше резултати, а мене ми требаше простор и време да се адаптирам на средината, во системот и да сфатам што тренерот сака од мене. Имав поддршка од Безјак и Муса тие ми покажаа како функционираат работите таму. Тренерот не комуницираше со мене затоа што не знаеше да ми каже кои се причините поради кои не добивам минутажа, плус имавме и некои порази и правеше промени и една негова изјава доби лош контекст дека не се разбираме, но за него немам лоши зборови. Факт е дека тој тренер ме побара да дојдам во Магдебург, а да бидеме реални и времето кое го минав таму беше кусо.“

„Заминав во Бундеслигата за да успеам, одлучен сум и тоа е мојата цел – сакам да бидам врвен играч, професионалец иако малку е осаменички тој живот. Едноставно тренинзите, натпреарите и екипата ти се сè. Свесен сум колку многу жртвувам за да ја постигнам мојата цел, но живеам за ракометот и посветен сум на тоа“, вели Кузмановски продолжува: „Благодарен сум и среќен што ја имам сопругата Моника, да не беше таа јас немаше да бидам овој денеска. Секако уште сум млад и се градам и карактерно, но таа е секогаш тука за мене. Фамилијата е сè и е пред сè! Имав тешки периоди, а таа цело време е до мене. Таа најмногу сака јас да успеам. Жртвуваше сè за мене – на 24 години го остави и семејство и факултетот и дојде со мене во Германија. Посветена е на тоа јас да успеам во мојата кариера и тоа е нешто што не смеам никогаш да го заборавам.“

СТРАНЕЦОТ МОРА ДА ЈА ЗАСЛУЖИ МИНУТАЖАТА

По мачното искуство во Магдебург, Филип како да се прероди во Хановер. Игра одлично сезонава и е во одлична форма.

„Во Магдебург не бев среќен. Не можев да се помирам со фактот дека не играм, односно не сум задоволен кога седам на клупа. Мене не ми беа проблем парите, мене ми требаше минутажа за да можам да се градам како играч. Магдебург не можеше тоа да ми го даде мене и по два-три состаноци со тренерот заклучивме дека треба да заминам во друга средина каде ќе играм повеќе и ќе стекнам искуство. Тоа што не играв во Магдебург ми влијаеше многу и на самодовербата, затоа што таа се гради низ игра, а тоа се одрази потоа и во репрезентативните настапи. Тоа не е изговор ама така го почувствував. И заклучивме дека најдобро за мене е да заминам. Се случи корона пандемијата на полусезона, период во кој никој ништо не знаеше што и како понатаму. За овој период, но и за сè, како персонален кондициски тренер морам да му се заблагодарам на Петар Баснарков, со кој сме постојано во контакт. Многу ми помогна за подготвен да се вратам во Германија, но и секогаш да бидам во форма без разлика дали станува збор за клуб или во репрезентација“, потенцира Филип и продолжува:Мојот менаџер стапи во контакт со Карлос Ортега и на негово барање се преселив во Хановер. Одлично се вклопив во шпанскиот систем кој ми беше познат од работата со Раул Гонзалез и Парондо во репрезентација. Се работеше за одлична, млада екипа во која можеше да се напредува. Добро трениравме и ми беше жал кога Ортега, од кој многу научив, си замина. Дојде нов тренер, Германец и тој ни даде шанса на сите. Кога си во странство, странецот мора да биде најдобар. Ако си ист квалитет со Германецот, тој ќе добие шанса пред тебе. Те гледаат со други очи, мораш да даваш 200 посто за да се наметнеш. Јас успеав да се изборам, ја искористив шансата и стекнав доверба и си ја заслужив минутажата која ја имам сега. Верувам дека враќам на најдобар начин и така растеме и јас како играч, и тој како тренер. Победуваме – губиме, но задоволни сме од тоа како заврши полусезонава. Добро се чувствувам во клубот, среќен сум на секое поле и со оглед на тоа дека имам договор на уште една сезона планот е да го одработам договорот до крај.“

СЕМЕЈНИ ДРУЖБИ СО МИРКУЛОВСКИ

Бекот потенцира дека имаат убав живот со сопругата во Хановер. Кога има слободно време се труди да се дружи со дел од момците кои ја сочинуваат македонската ракометна колонија во Германија (Пешевски, Миркуловски, Јоновски, Филип Лазаров).

„Немам многу слободно време, но кога имам го користиме за прошетки низ градот, некое кафе, ручек… Често знаеме да се собереме на заеднички ручек со Балканците кои се во клубот. Од Македонците најмногу семејни дружби имаме со Миркуловски, кој е на два ипол часа возење од нас. Еднаш се имаме сите собрано фамилијарно со Лазаров и Јоновски. Знаете кога имате еден слободен ден, треба пола да ми помине во возење за да се дружиме и потоа ќе бидам изморен следниот ден. Кога имаме некој слободен викенд или два-три дена се трудиме да договориме дружба, да се собереме на ручек“, објаснува Кузмановски и додава: „Многу се дружиме со Иван Мартиновиќ, тој е моја генерација, послободен е, другите соиграчи имаат деца и најчесто со него го минувам времето. Го чувствувам како брат, многу се поврзавме. Со него сум и цимер. Играме заедно мрежни игри – тоа ми е како хоби (најчесто кога Мони работи нешто или е излезена или во вежбалница), јас го користам слободното време за да играм (се смее). Сакам да гледам и ракомет и други спортови на ТВ, но и филмови – така се релаксирам.“

„ЗЕТ КАКО МЕД“ НА ПЕПИ МАНАСКОВ

Интересно е дека сопругата на Филип му е братучедка на Дејан Манасков, односно внука на легендата Пепи Манасков. А, нивната љубовна приказна е сосем случајна.

„Кога како најмлад влегов во А тимот, Дејан Манасков ме ’зеде под свое’, често излегував со него, многу ме засака, многу се дружевме, бевме најдобри другари. Не знаев дека е роднински поврзан со Моника, со која јас се запознав случајно при едно излегување во Велес. Интересни беа коментарите ’како тоа ти со братучедка му на Дејан’ ама од најдобар другар ми стана фамилија и навистина сум среќен поради тоа. Убаво е да бидеш во семејство со легенда како Пепи Манасков. Кога имаме слободно време и сме во Македонија се дружиме, се собираме на ручек, на вечера… Интересно е кога Пепи раскажува за неговата кариера или кога гледам слики колку скокал при шут. (се смее) Многу совети добивам од него, но тоа се мали совети. Тој не сака многу да ни се меша во кариерите, дозира. Го знаеме каков човек е Пепи, тивок, но и кога ќе ти каже нешто малку, тоа многу значи, затоа што низ многу поминал и многу видел во неговата кариера.“

Колку брачниот живот те смени, те смири и ти даде нов поглед на работите?

„Убаво ми е, мирен сум и уживам во фамилијарниот живот. Интересно ми беше кога ја читав книгата на Лазаров, кој за мене е спортист за пример, дека се пронаоѓам во многу од напишаното. Сакам да ги следам неговите стапки и мојот живот да биде мирен и стабилен, со среќно семејство и да можам да сум посветен на професионалниот ракомет. Лино Червар и Лазаров се тренерите кои имале најголемо влијание врз мене.“

СИТЕ КРЕНАА РАЦЕ ОД НАС ПРЕД АЛЖИР

Кога станува збор за репрезентацијата Филип Кузмановски го следеа многу пехови со повреди кои го спречуваа да настапи на големи натпреварувања, како во младинските категории, така и во А тимот, но тој беше дел од генерацијата која направи континуитет и стигна до најголемиот успех – шесто место на СП 2017 во Алжир.

„Имав многу пехови со репрезентација, повреда на претпоследниот тренинг пред ЕП во Полска, кога ја скршив клучната коска. Паметам Александар Јовиќ ме врати со кола до дома. Потоа се повредив пред СП во Франција, дланката. Сите тие повреди не се случуваат еден или два месеци, туку еден ден или една недела пред заминување. Сепак бев со тимот на најважното (се смее). На тоа првенство заминавме тивко, а тоа беше така затоа што сите имаа високи очекувања од нас, а ние од секое првенство се враќавме како последнопласирани и некако како сите да кренаа раце од нас. За нас пак беше последна шанса да докажеме дека не треба да не отпишуваат пред време и тоа ни беше посебен мотив. Како го направивме тоа не знам и денеска (се смее) имаше убава атмосфера, добра екипа и никако не смее да се заборави дека присуството на Роберто Парондо направи голема разлика. Носителите на играта во таа селекција, бевме дел и од А репрезентацијата и го знаевме системот на игра, а и анализите кои ни ги правеше Парондо беа фантастични. Паметам имавме натпревари кои завршуваат во девет навечер, а ние еден час подоцна имавме вечера. Парондо не беше со нас на вечера, туку правеше видео-анализи и веднаш по вечерата одевме на состанок со компетно подготвена анализа за натпреварот следниот ден. Беше максимално посветен за најдобро што може да сме подготвени за секој меч и да стигнеме до тој успех.“

ДЕБИТО СО ФРАНЦИЈА НЕ СЕ ЗАБОРАВА

Првиот настап за А репрезентација Филип Кузмановски го има на ЕП 2016 во Полска, кога добива шанса од Ивица Обрван, па дури и ќе се најде во стартната постава против Франција и против својот идол – Никола Карабатиќ.

„Бев изненаден од повикот на Обрван. Добив шанса и на првиот натпревар, прв настап во А тим на големо натпреварување, во стартна постава против Франција. Спроти мене, мојот идол – Никола Карабатиќ. Од една страна мотивиран, од друга страна чувствувам страв играм против идолот. На тој меч го постигнувам и првиот гол и тоа никогаш не се заборава, тие емоции. Во тој период бев најмал во тимот и морав да слушам. Носев топки и маркери, им бев потрчко на сите, но така се расте. Ако не го поминеш тоа нема да знаеш што те чека понатаму. Дел од нас како најталентирани добивме шанса во А тим, но факт е дека си млад, неискусен, нормално правиш грешки, но морам да потенцирам дека имавме поддршка и веруваа во нас многу. На секој тренинг Миркуловски, Мојсовски, Лазаров ни даваа совети и чест беше да делиш соблекувална со нив. Ги респектиравме максимално и го пиевме секој совет што ќе ти го дадат. Поддршката ни даваше и самодоверба иако да бидам искрен на почетокот требаше време некои детали во играта кои ни ги кажуваа да ги разберам, тие беа друго ниво тогаш.“

СО КРИТИКИТЕ РАСТЕШ, НО И НЕ МОЖЕШ СИТЕ ДА ГИ ЗАДОВОЛИШ

Со дел од репрезентативните соиграчи сте константно на „тапет“ и на мета на критики од јавноста за вашата игра особено во националниот тим. Колку тоа те разочарува, те лути или те мотивира?

„Од една страна е чекор назад, но од друга правиш два чекори напред затоа што сакаш да покажеш и да докажеш дека тие критики не се издржани. Колку и да не сакаш факт е дека ти влијаат на терен, но истовремено и растеш со нив. Мораш да ги прифатиш. Кога бев помлад допираа до мене, неискусен бев и сите имаа некој совет да дадат. Сега е поинаку. Веќе не им посветувам внимание, тоа го тргам на страна. Знам која ми е целта и посветен сум на себе и насочен на мојата работа. Во Македонија тешко е на сите да им удоволиш и најдобро е да не се заморуваш со тоа.“

НА ДОВЕРБАТА НА КИРЕ ЌЕ ВРАТИМЕ СО ДОБАР РЕЗУЛТАТ

Сметаш ли дека златната генерација момци од Алжир конечно ќе дојде до израз во А репрезентацијата?

„Најважно е што Кире има доверба во нас. Сите сме искусни веќе, а тој има добра стратегија и пристап. Фактот дека не познава од претходно и играчки и карактерно игра голема улога. Точно знае секој што и како може да даде и во вметнува тоа во некој негов систем и не тера да веруваме дека можеме. Ни укажува на тоа дека сите репрезентации растат, играат модерен ракомет и тој тренд мора да го следиме и ние. Верувам дека на довербата ќе му возвратиме со добар резултат. Знаете и со другите селектори Кире беше играч – предводник внатре на теренот. Тој донесе некоја нова енергија, таа убава атмосфера која тргна од првиот негов меч како селектор со Данска трае уште.“

ЗНАЕМЕ ШТО САКАМЕ ВО ДЕБРЕЦИН

Македонија ја чека ново големо натпреварување, 11 во низа, Европското првенство во Дебрецин, каде премиерно ќе не предводи Кирил Лазаров како селектор. Што може да очекуваме?

„Верувам дека ќе го поправиме впечатокот од СП во Египет, полошо не може да биде! Имаме многу специфичка група, балканска може да ја наречам доколку ја изземеме Данска. Сите противници ни се познати, сме играле со нив и во квалификации и на големи натпреварување. Имаме доволно време да се подготвиме. Очекувањата се големи, но ние имаме јасна цел. Прво мислиме на Словенија. Одиме мотивирани, желни да се надигруваме и не сакам однапред да зборувам за резултатот. Максимално ќе се подготвуваме за секој натпревар и ќе видиме како ќе се одвиваат работите.“

СЕ НАДЕВАМ ДЕКА НАЈДОБРОТО СЛЕДИ

Со само 25 години Кузмановски откри дека цели кон мирен, семеен живот во приватноста, но поважното за нас е кон што цели во кариерата.

„Сон на секој играч е и со клуб и со репрезентација да освои нешто. Би бил среќен да кренам пехар во Лигата на шампионите и секако да освојам некој медал со Македонија на големо натпреварување. На тој начин ќе се изреализирам и на двете полиња. Се надевам дека најдоброто од мене допрва ќе го видиме. Борец сум, работам на себе и секој ден растам како игра. Научив многу во Бундеслигата и се трудам секој ден да сум подобар и подобар. Се надевам тоа ќе се види и на терен.“