Пофалби од Данска: Ова е невидено, Лазаров е феномен во ракометот!

Победата на Македонија против актуелниот светски првак Данска и спектакуларното деби на Кирил Лазаров во двојна улога како селектор и капитен, одекна како голема сензација во ракометна Европа.

Поранешната македонска репрезентативка Љубица Георгиевска Хансен, која повеќе од две децении живее во Данска, за 24Ракомет ги пренесува реакциите во данската јавност по натпреварот во Скопје.

„Данците знаат кога губат да плукаат по судиите, посебно за репрезентации и екипи од Балканот. Но, овој пат сите коменатри овде се со голема почит за Кире и за македонската репрезентација и со многу пофалби дека Македонија поставила добра тактика за победа. Дел од коментаторите  како причина за поразот ја посочуваа ситуацијата со короната и тоа што данската репрезентација денеска слетала во Скопје. Но, во изјавите од играчите јасно беше посочено дека тоа не е причина за поразот. Ландин кажа дека имал мала повреда, ама дека причина за поразот не е ни неговата повреда, ни настапот брзо по слетувањето, туку добрата игра на противникот. Данските репрезентативци во изјавите за овдешните медиуми потенцираа дека ќе треба малку повеќе да се подготват за реваншот и дека не може да живеат на стара слава иако Данска е светски шампион“, пренесува Љубица Георгиевска Хансен.

Поранешната македонска репрезентативка  вели дека Данците во победата на Македонија посебно ја истакнуваат улогата на Лазаров како феномен во ракометот.

„За Кире велат дека е феномен во ракометот и дека досега е нечуено и невидено некој да биде на тоа ниво и играч и тренер. Се надеваат дека Лазаров и кога ќе престане да игра активно, ќе ја продолжи кариерата во тренерските води, дека ова е извонреден почеток и дека неговото познавање на ракометот ќе ја одведе и репрезентацијата на квалитетно ниво. Имаше коментари дека тој одлично го користи своето искуство и со довербата ги разигрува и ги мотивира сите околу себе“, вели поранешната македонска репрезентативка за реакциите во Данска.

Во вториот меѓусебен дуел од квалификациите за ЕП 2022, Македонија и гостува на Данска на 14 март во Алборг.