Тасески: Eзерските двобои сами по себе носат тежина, очекувам да ги освоиме трите бода

Деветтото коло од плеј-офот во Супер лигата, ни го носи езерското дерби. Екипата на Охрид, која после победите над Тиквеш и Бутел го зазема третото место на табелата, во сабота гостува во Струга, кај истоимената екипа, која се наоѓа на последното место.

Сепак, изгледот на табелата не игра голема улога кога овие два тима се во прашање. Тоа го знае и капитенот на охриѓани, Иван Тасески, кој низ годините водел многу битки на теренот и знае што значи набојот на овие дерби натпревари.

Тој очекува дерби во вистинска смисла на зборот, со борба за секоја топка во сите 60 минути од натпреварот. Вели дека тие ќе дадат максимум од своите можности за да освојат нови три бода и да ја продолжат победничката серија.

„Без разлика на моменталната ситуација, не очекува тежок натпревар. Струга ќе ја има поддршката од навивачката група „Паткари“ кои ќе бидат нивни осми играч и ќе имаат ветер во грб и поголем мотив да играат. Ние мора да изиграме добра одбрана, да дадеме лесни голови од контра и полу контра, за да може да го добиеме натпреварот. Секој пат овие натпревари сами по себе носат тежина поради ривалството на двата соседни града. Мислам дека сме подобри, ја имаме фаворитската улога, ги победивме дома на почетокот од плеј-офот, се надевам дека ќе ги совладаме и во гости. Потребно е мотивирано да влеземе во натпреварот и да бидеме сконцентрирани до самиот крај, бидејќи овие дуели често знаат да се решаваат и во последните минути, често се изедначени и неизвесни, но јас се надевам дека победата ќе е наша и ќе запишеме нови три бода“, истакна капитенот на Охрид.

После одиграното 8. коло екипата на Охрид е на третото место со скор од шест победи и два порази, додека Струга е на последното место без остварена победа.

Традицијата е на страна на охриѓани кои во 17 меѓусебни натпревари забележале 13 победи, додека Струга само две, два натпревари завршиле нерешено. Последен пат стружани на победа против Охрид се радувале пред пет години.

Натпреварот меѓу Струга и Охрид се игра денеска во салата „Тими“ со почеток од 18:00 часот.