ИНТЕРВЈУ КОСУКЕ ЈАСУХИРА: Самурајот кој сонува да игра во ЛШ

Изминатава деценија навикнавме на македонската ракометна сцена да гледаме легенди, топ ѕвезди, повеќе или помалку познати светски и европски ракометни имиња или, пак, комплетни анонимуси. Во оваа низа од почетокот на сезонава се вбројува уште еден интересен играч, кој од „земјата на изгрејсонцето“ го најде своето место во „земјата каде што вечно сјае сонцето“ – Јапонецот Косуке Јасухира.

Насмеан, но тивок и срамежлив 23-годишниот Јасухира, по малку убедување (затоа што се плашеше дека нема да може да се разбереме) прифати да го направиме интервјуто.

Имавме помош од google translate, не велам не, но вредеше да се посвети и време и простор и трпение за првиот Јапонец кој заиграл на македонската ракометна сцена.

Со него како креатор на играта и без него, Вардар има два различни лика. Најдобра потврда за тоа се поразите од Еурофарм Пелистер и Тиквеш (натпревари на кои не играше) и победата над Алкалоид (кога играше).

Косуке ракометот го осознава преку татко му, кој спортувал кендо (модерна јапонска боречка вештина) но е голем љубител на европскиот ракомет, додека почнува да тренира поради неговиот брат.

„Ракометот го запознав преку мојот татко, кој многу сака европски ракомет, особено Лигата на шампионите, а почнав да тренирам на 12 години поради мојот брат, кој играше ракомет. Го сакав и тенисот, па тренирав и тоа, но на крајот се одлучив за ракомет. Сакам да постигнувам голови, уживам во тоа, а и ракометот ми делуваше покул“, се смее Јасухира и продолжува: „На почетокот само сакав да играм, но кога бев студент, загубивме еден важен натпревар и многу тешко го прифатив тој пораз. Тогаш решив дека сакам да бидам број еден ракометар во Јапонија и комплетно се посветив на тоа. Ми помогна и татко ми. Тој за една година научи сè што можеше да се научи за ракометот. Тренирав паралелно и во клуб и дома со него, некогаш и по осум часа дневно. Сè за да успеам.“

ЕВРОПСКО ДЕБИ ВО СКОПЈЕ

Неговото европско деби се случува на Светското младинско првенство, кое во 2019 година се одржа во Скопје, кога Јапонија го освои деветото место, а Јасухира првпат го привлекува вниманието на европските скаути. Две години подоцна ќе направи трансфер во француски Ним, потоа заминува во Висла Плоцк во Полска, за од таму како позајмен играч сезонава да дојде во Вардар.

„На Светското првенство во Скопје имав прв контакт со европски ракомет, но ми се допадна. Две години подоцна, имав само 21 година одлучив да заминам од дома и да играв во Франција во Ним. Тежок период, голема далечина од семејството. Имам голема поддршка. Тие знаат дека мојот сон е да играм во Лигата на шампионите и дека морам да го најдам мојот пат до таму и поради тоа ме поддржуваат. Комуникацијата ни е преку социјалните мрежи, не доаѓаат да ме посетат поради далечината“, објаснува Јапонецот.

ВАРДАР ГО ГЛЕДАВ НА ТВ, СТОЛЕ Е ЛЕГЕНДА

Со Ним, Косуке Јасухира играше во Европската лига, потоа премина во полски Висла Плоцк каде имаше и настап во Лигата на шампионите, но просторот за игра кој го добиваше беше скромен. Сезонава е во „црвено-црните“ редови, за кои смета дека се вистинската средина за него на патот кон остварување на целта. Пред да дојде во клубот тој информации собирал од ју-туб и она што го гледал на телевизија.

„Вардар е двократен освојувач на Лигата на шампионите, ја знаев историјата на клубот кога ја добив понудата. Од екипата знаев само за Стоилов. Паметам во 2019-та со татко ми го гледавме финалето во Келн на телевизија во Јапонија. Татко ми ми вели: Столе е број еден пикер. Столе е многу смешен и знае сè, има две титули во ЛШ. Пред пет години го гледав на ТВ, сега тој ми е тренер, соработувам и комуницирам со него. За мене тоа е исполнување на сон! Гледав видеа на ју-тубе од натпреварите на Вардар, од навивачите… Имав и други понуди, но во консултација со мојот менаџер Босер, кој добро ги познава околностите сметавме дека Вардар е добра средина за мене. Среќен сум тука. Имам одлични соиграчи. Задоволен сум и од тренерите, а и се пронаоѓам во ’шпанската тактика’, односно таквиот систем на игра, особено сакам ситуации ’два на два’“.

ВО ЈАПОНИЈА СÉ Е ПОЧИТ, СЕКОЈ ДЕН СУМ ПОБЛИЗУ ДО ЕВРОПЕЈЦИТЕ

Трите европски земји Франција, Полска и Македонија во кои живеел Јасухира се различни меѓу себе, но и дијаметрално спротивни од културата и традицијата во Јапонија. На средниот бек не му пречи тоа, напротив вели дека секој ден е се поблизу до Европејците.

„Разликата меѓу европските земји и Јапонија е комплетно спротивна и огромна. Во Франција и Полска луѓето се некако порезервирани. Македонците многу ми се допаѓаат како народ. Насмеани, позитивни, опуштени, делуваат како секогаш да се среќни. Во Јапонија културата е поинаква. Таму се е прашање на почит. Правилата се построги, се е организирано и плански. Секој дел од денот е пополнет. Тука луѓето се поопуштени, послободни. Во нашата култура и традиција е да бидеме уредни и чисти и се по нас да оставаме како што сме нашле. Во Европа е хаос (се смее), но за мене е ОК, се навикнав, опуштен сум и го прифатив тоа, не чистам после соиграчите. Не ми пречи доцнењето, немам проблем со тоа. Ми се допаѓа животот тука, убаво време, позитивна атмосфера, мислам дека секој ден сум се поблизу до животниот стил на Европејците.“

Го прашав и за македонските жени/девојки, но културно одговори:

„Имам девојка во Јапонија, врска на далечина, но работиме на тоа да ни успее.“

ПОЈАДОК ЗА ШАМПИОНИ – ЛЕБ, АЈВАР И СИРЕЊЕ

Кога правиме споредба не може да ја изоставиме кујната, односно колку на Косуке му се допаѓа македонската храна и дали јаде ориз тука?

„Има голема разлика во храната. Во Македонија не јадам ориз, тоа не е ориз (се смее) во Јапонија е оној вистинскиот. Од македонската кујна сакам ќебапи, чорба, тавче-гравче. Ми се допаѓа и лебот, особено кога ќе го намачкам со ајвар и со сирење. Карапале (Мартин Карапалевски) ми го покажа тоа.“

Најчесто странските играчи прво што учат од македонскиот јазик се пцовки, но тоа не е случај и со Јапонецот.

„Тешко ми е да го научам македонскиот јазик. Знам само неколку зборови ’добро’, ’како си?’ и ’шишињата’.“

Интересно е што освен Скопје, Косуке не прошетал во ниту еден друг град во Македонија, ниту пак бил на некое туристичко место за да се запознае со убавините на земјата.

„Не сум бил никаде надвор од Скопје, освен кога одиме да играме натпревари, а тогаш нема време за шетање. Ми се допаѓа Скопје, голем, убав град“, констатира тој, а кога зачудено го прашав како е Скопје голем град кога доаѓа од Јапонија каде градовите се со милионски жители, објасни: „Потекнувам од помал град Тојама, кој е многу поразличен од Токио. Затоа за мене Скопје е голем град (се смее)“

ТЕШКО Е ЈАПОНЕЦ ДА ГО НАЈДЕ СВОЕТО МЕСТО ВО ЕВРОПСКИОТ РАКОМЕТ

Компарација која е најважна за успехот на играчката кариера на Косуке Јасухира во Европа е како јапонски ракометар успеа да се вклопи во европскиот ракомет.

„Разликата меѓу играње ракомет во Јапонија и играње ракомет во Европа е голема. Во Европа се игра подобар ракомет. За мене беше промногу различно и премногу тешко да го најдам своето место. Јас сум мал играч, само 172 сантиметри и ми беше мачно да се носам со високите и крупни европски момци. По три години минати на европско тло мислам дека полека го наоѓам мојот стил на игра и дека играм како што би сакал. Треба уште да работам на себе, но засега е ОК, задоволен сум. Спомнав и претходно дека сон ми е да играм во Лигата на шампионите, а за да го направам тоа морав да се префрлам на европски ракомет и продолжувам да работам на себе.“

„СОНИК“ И „НИНЏА“

Јапонецот гордо носи два прекари. Првиот добиен од навивачите на полски Висла Плоцк и вториот, по традиција, од соиграчите во Вардар.

„Прекарот Соник ми го дадоа фановите на Висла Плоцк затоа што сум мал и брз (се смее). Кога дојдов во Вардар, Карапале и Мечка (Милан Лазаревски) ми дадоа прекар – нинџа.“

Косуке вели дека убаво се адаптирал во Вардар. Со дел од соиграчите, Ален Ќосевски, Мартин Карапалевски и Стефан Петриќ се соседи во иста зграда.

„Со Ален, Карапале и Петриќ живееме во иста зграда. Заедно одиме на тренинзи, излегуваме на кафе или на јадење, убаво дружиме. Многу често мрежно играме и игри на мобилните телефони.“

СРЕЌЕН СУМ ВО ВАРДАР, САКАМ ДА ОСТАНАМ

Средниот бек е позајмен играч од Висла Плоцк, а двата клуба имаа договор дека Вардар ќе има приоритет доколку сака да го откупи неговиот договор. Но, Висла сега се предомислува и го сака Јапонецот назад во своите редови, а „црвено-црните“ сакаат да го задржат. Желба и на Косуке е да остане во Скопје.

„Сакам да останам во Вардар, но ситуацијата е тешка. Висла сега сака да се вратам назад, а јас не го сакам тоа, сакам да останам. Сега останува да видиме дали Вардар и Висла ќе успеат да се договорат. Среќен сум тука. Играм, имам добри пријатели. Со Карапале сме другари уште од СП, одржавме контакт, а сега и играме заедно. Не знам што ќе се случува. Доколку не успеат клубовите да се договорат не сакам да се вратам во Полска. Тие имаат три плејмејкери и ќе нема минутажа за мене. Ќе се обидам да одам во некој друг клуб.“

НЕМА ДА ЗАГУБИМЕ МЕЧ ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА

По освојувањето на Суперкупот на почетокот на сезоната, вардарци најавија и атак на двојната круна. Сепак во плеј-офот загубија и од бранителот на титулата Еурофарм Пелистер во Битола, а потоа и на жешкиот терен во Кавадарци од Тиквеш. Во моментов се трети на табелата, но со ист број на бодови како вице-шампионот Алкалоид и во „трката“ за шампионскиот трофеј работите не стојат добро за нив.

„Јас се уште не сум загубил натпревар со Вардар (се смее) сакам така да остане до крај. Имаме време за поправање на ситуацијата. Свесни сме во каква позиција се наоѓаме и мислам дека нема да загубиме ниту еден натпревар до крајот на сезоната. Знаеме дека секој бод ќе ни биде важен. Мислам дека таква позитивна серија е возможна. Имаме тешка сезона со многу повредени играчи, бевме без Петриќ, Николиќ, јас бев повреден, сега Мечка. Тоа правеше проблеми и по секој пораз паѓавме и атмосферата беше лоша. По репрезентативната пауза мислам дека сите ќе се вратата и ќе бидеме комплетни. Тоа ни е потребно да бидеме сите заедно за да одиграме како што знаеме и можеме. Мотивиран сум, ќе одиме на победа на секој натпревар и навистина верувам дека можеме да ја оствариме целта – титула. Секако и одбрана на Купот“, позитивно размислува организаторот на играта на „црвено-црните“.

Поразите на Вардар беа на натпревари на кои Јапонецот не играше поради повреда, а кога беше во составот во „Автокоманда“ екипата имаше сосем поинаков лик.

„Тоа не е добро! (се смее) Ми беше многу тешко да седам дома и да гледам како Вардар губи, бев нервозен и плачев. Гледав како екипата се мачи, како тренерите немаат решение, не можат да направат промени поради тенката клупа, тоа е она што велам, многу повредени и немавме решенија во некои ситуации. Во иднина мислам дека ќе биде поинаку.“

НАВИВАЧИТЕ СЕ ЛУДИ!

Кога е Вардар во прашање никако не може да се изземат навивачите и нивната безрезервна поддршка.

„Пред да дојдам гледав видеа од навивачите, тие се луди! (се смее) Ако направам споредба, во Франција е монотонија, само ракоплескаат и толку. Тука има премногу енергија, емоција… премногу почит кон оние кои играат во клубот. Ми се случило неколкупати да ме препознаат на улица, да ме поздрават, се сликаат, даваат поддршка. Убаво е чувството.“

ЈАСУХИРА СО ЈАПОНИЈА НА ЛОИ ВО ПАРИЗ

Косуке Јасухира ќе биде еден од тројцата ракометари кои настапуваат во македонската Суперлига, кој летово ќе настапи на Олимписките игри во Париз со националниот тим на Јапонија. Јапонците во лош момент се одлучија на смена на селекторот, односно Дагур Сигурдсон неочекувано замина од функцијата и се чека неговиот наследник.

„Дагур Сигурдсон не е повеќе селектор на Јапонија и мислам дека неговото неочекувано заминување е лошо за нас. Тој внесе многу промени и подобрување во нашата игра, имавме комплетна програма за работа, особено тактичката подготовка беше одлична и сега не знам што ќе се случува и како ќе влијае на националниот тим, особено поради фактот дека ни престојат Олимписките игри во Париз. Како главни кандидати се споменуваат Карлос Ортега и Ивано Балиќ, кои се во преговори со нашата Федерација. Кој од нив и да дојде сигурно ќе внесе некоја мала промена. Според мене Ортега е подобро решение поради искуството кое го има, тој е тренер со реноме, за разлика од Балиќ, кој само три-четири години работи како тренер.“