СЕДМЕРЕЦ: Македонија тогаш и Македонија сега

Додека младите македонски надежи играа во Баја Маре, оние од првата генерација македонски ракометни репрезентативци евоцираа спомени од Орадеа од пред три децении.

1.Во чест на првиот настап

Се погоди убава коинциденција – настапот на машката младинска репрезентација на Македонија на годинешниот „Трофеј Карпати“ во Романија да се поклопи со 30-годишниот јубилеј од првиот меѓународен натпревар на македонската репрезентација на истиот турнир во Романија одигран на 15 јануари 1993 година. Додека младите македонски надежи играа во Баја Маре, оние од првата генерација македонски ракометни репрезентативци евоцираа спомени од Орадеа од пред три децени.

И, убаво е човек да се потсети на првите чекори и на она што значеа за македонскиот ракомет тогаш Стевче Стефановски, Зоран Петковски, Димитар Богдановски, Драган Маринковиќ, Горан Шопов, Томче Петрески, Звонко Шундовски, Среќко Георгиевски, Емил Стојановски, Боро Чурлевски, Миле Нешкоски, Орде Илиоски, Игор Котевски, Наум Тасевски, Тони Николовски, Стевче Алушовски.

Македонија имала ракомет и добри ракометари и пред тоа во заедничкиот систем на поранешна Југославија. Но по осамостојувањето од 1992 година за македонскиот ракомет се отвора нова страница. А тие, играчите од првата генерација на македонската репрезентација, го скршија мразот на тој 15 декември ’93, таму некаде на северот на Романија и го разгазија патот за репрезентацијата која три децении потоа важи за најуспешната македонска, со досегашните вкупно 15, во јануари 16-ти настап на европските и светските првенства, од кои 13 во континуитет. Од првиот настап на ЕП 1998 во Италија, враќањето на големата сцена на СП 2009, најуспешниот со историското 5.место и навивачката еуфорија на ЕП 2012, па се’ до претстојниот настап во јануари на ЕП 2024 во Германија, машката ракометна репрезентација на Македонија успева да го задржи континуитетот и ракометната еуфорија. Низ годините се сменија генерации, се менуваа и резултатите, некогаш еуфорично подигнувачки, друг пат разочарувачки, но ракометната репрезентација остана посебна за публиката и за македонскиот спорт.

2.Трофеј Карпати 30 години потоа

Триесет години по првиот настап во Орадеа, малку понатаму во Баја Маре, својот пат го пробива новата генерација во македонската младинска репрезентација која веќе гради еден нов континуитет.

Избраниците на Раде Стојановиќ за јубилејот на 15 декември, на Трофеј Карпати додадоа победа против Саудиска Арабија. Настапот на турнирот го завршија со две победи и пораз од домаќинот Романија во последниот натпревар за победничкиот пехар и со две индивидуални признанија – МВП за средниот бек Мирче Калајџиески и најдобар дефанзивец за пикерот Самоил Ристевски.

Систематската работа и континуитетот имаат видлив белег на оваа репрезентација која изминатово лето беше деветта во светот на СП (У19) во Хрватска, а наредното лето ги чека нов предизвик на ЕП (У20) во Словенија.

Талент поврзан со тимскиот дух, скромност и борбеноста, позитивната енергија, взаемната поддршка и сплотеноста е она што посебно ја краси оваа млада македонска репрезентација која од настап во настап собира се повеќе симпатии и приврзаници. Нормално, има и уште многу што да научат овие млади играчи. Има и грешки и недостатоци што треба да се надминат. Но, има и многу надеж во оваа генерација која по многу нешто потсетува на онаа што пред нешто повеќе од две децении испишуваше историја на младинското ЕП 2002 во Полска.

3.Три со три по три

Во поновата историја на ракометна Македонија, втората половина од декември и првата од јануари е резервирана за машката А репрезентација. Од списокот, подготовките, до настапот на ЕП или на СП, па и некој ден потоа додека се сумираат впечатоците и дебатите што чини и што не чини, што е успех, а што неуспех.

Овој јануари пред селекторот и пред ракометарите е едно од поголемите искушенија – настапот на ЕП 2024 во Германија во група со Франција, Германија и Швајцарија и големо отворање со Французите на стадионот во Дизелдорф. И лаик за ракомет знае што значат Франција и Германија во овој спорт. И дека Македонија е далеку од првите две и малку поблиску до третиот противник. Иако во некои од оние алиби анализи кои понекогаш носат и контра-ефект, и Швајцарија оди во рангот на европските (веле)сили.

Како и да е, била Швајцарија сила или велесила, дуелот со Швајцарците ќе биде можеби и најважниот за Македонија бидејќи на крај директно ќе го крои впечатокот за настапот.

Факт е дека Македонија сега нема репрезентација кадарна да брка медал или некое големо изненадување на ЕП. Но, исто така факт е и дека мора да има линија што е под и што е над очекувањата. Млада и неискусна веќе е излитена фраза бидејќи поголем дел од репрезентативците зад себе веќе имаат најмалку две првенства. Ако и на трето само собираат искуство, е тоа е веќе проблем во селекцијата.

Селекторот Кире Лазаров ги одбра 19 репрезентативци на кои смета за настап на ЕП, оставајќи уште 8 во резерва. Во избраните 19, тројца се интернационалци, а останатите 16 од трите водечки клубови во Македонија – 7 од вицешампионот Алкалоид, 6 од шампионот Еурофарм Пелистер и 3 од лани третопласираниот Вардар.

Има логика селекторот најмногу да има доверба со тие со кои работи и клупски во текот на цела година, но малку боде очи кога на една позиција во репрезентација шанса добива дури и третата клупска опција, колку и да е таму најголема репрезентативната концентрација. Практика што се повторува во последниве 2-3 години, лани на пикерската, сега на бековската позиција и што барем досега, носи повеќе револт отколку резултат.

Но, изборот е на селекторот. На крај на денот, негова ќе биде и одговорноста.

***

Не е во контекст на домашните ракометни теми и вообичаено не е толку во фокусот кога немаш репрезентација меѓу учесниците, но завршницата на женското СП 2023 дефинитивно беше главен ракометен настан во изминативе денови и вреди да се запише. Франција ја презеде доминацијата, а зад неа на следните три позиции остана домаќините на шампионатот – Норвешка, Данска и Шведска. Завршницата на СП донесе максимално интересни дуели и врвен ракомет.

И кога некој ќе каже дека женскиот ракомет по квалитет е далеку зад машкиот – нека ги погледне овие натпревари.

Кога некој, било машки или женски, ќе каже млади сме и неискусни – нека ги простудира Французинките.

Кога некој, било машки или женски, ќе каже уморни сме после два натпревари – нека погледне како играат Норвежанките.

Што би рекле спортските сладокусци – ракомет за сите пари!