Врањеш: Македонија игра брз ракомет, ако голманите се расположени – тогаш ќе бидат опасни!

Прв ривал на Македонија на Европското првенство ќе биде селекцијата на Словенија, со која немаме баш позитивна традиција.

Селекторот Љубомир Врањеш, знае со каква репрезентација ќе си има работа, па затоа е внимателен пред двобојот.

„Македонците се силна репрезентација, емоциите ги носат на секој меч, многу се горди и навистина играат со сето срце за својата репрезентација. Ова е најголемата опасност. Секогаш се опасни на првите натпревари, дури и ги победија Франција и Данска на претходните натпреварувања. Тие се добар тим, но и ние. Имаат и добри кружни напаѓачи кои се многу силни. Не знам колку ќе игра Кирил Лазаров, кој е одличен ракометар, но не може сам да го добие натпреварот. Почнуваат да играат брз ракомет и ако и нивните голмани се расположени, тогаш ќе бидат опасни“, изјави Врањеш за „Сиол“.

Натпреварот меѓу Македонија и Словенија се игра на 13 јануари со почеток во 18:00 часот.