СЕДМЕРЕЦ: Финта за титула, финта за ваучер

Додека Европа сумира впечатоци од најновиот келнски спектакл, Македонија сумира мислење и предлози како да ја скрати лигата ама никој да не замери

1.Ракомет во друга димензија

Во Келн нема аутсајдери и фаворити. Се покажа тоа и годинава на завршниот турнир во Лигата на шампионите, кој веќе по традиција, на најдобар можен начин ја заокружува и става точка на сезоната.

Изненадувањата и возбудувањата не изостанаа ни на ова издание на Ф4 турнирот во ЛШ. Ни чудата исто така.

По 21 година, Магдебург повторно е шампион на Европа. А, само два дена претходно пред стартот на Ф4 викендот, предвидувањата беа дека германскиот тим влегува во завршницата со најмали шанси да ја освои титулата во ЛШ.

Тимот што сезонава, одигра дури 62 официјални натпревари на сите фронтови, и до титулата во Келн изоде најдолг пат. По „германски“, издржаа избраниците на Бенет Вигерт 60 плус 2х5 минути и плус седмерци во полуфиналето и ја победија Барселона. И ден потоа, пак издржаа 60 плус 2х5 минути, направија пресврт и го надиграа Кјелце во големото финале.

Тренерот од новата генерација, Бенет Вигерт, на крај го надмудри големиот Талант Душебаев и му се придружи во одбраното друштво како петти во историјата, покрај Карлос Ортега, Филип Јиха и Роберто Гарсија Парондо, што успеал да освои титула во ЛШ и како играч и како тренер.

Исландското чудо од дете Гисли Кристјансон, во саботата не го доигра полуфиналето и веќе беше прежален и отпишан на подолго време со дислокација на рамото на шутерската десна рака. А, 24 часа подоцна, тој го креираше пресвртот на Магдебург за шампионска тутула и стана МВП на завршниот турнир. Што на крај излезе успешна „финта“ за европска титула.

2.Од пропаст до финале

Кјелце на почетокот на сезоната се соочуваше со финансиска криза и не се знаеше дали воопшто ќе опстои, за на крај повторно да стигне до големото финале. И немаше да  биде незаслужено и ако полскиот шампион се искачеше на подиумот во Келн, посебно по сето она што го прикажа таборот на Талант Душебаев на овој Ф4, со Андреас Вулф и Алекс Душебаев во вонсериско издание. Кјелце во полуфиналето го реши ПСЖ за сите пари и го разреши францускиот тим од улогата на прв фаворит за титулата што недостасува и што очајно се посакува во најбогатиот ракометен клуб. Потоа и во финалето со Магдебург, Кјелце во поголем дел беше во позитива и диктираше темпо, се до прекинот на средината од второто полувреме.

Трагичниот момент во новинарската ложа кога полскиот новинар Павел Котвица почина од срцев удар, донесе тажна нота на големиот ракометен спектакл и комплетно го смени и расположението во Ланксес Арена и текот на натпреварот.

„Ние пак ќе се вратиме овде и ќе победиме, но никој нема да ни го врати Павел…“ – стои во емтотивната порака со која Кјелце се прости од полскиот новинар.

Несреќата не бира ни место, ни време…

Од спортски аспект, ова Ф4 издание во ЛШ, нема по добро да го паметат ни француските љубители на ракометот, побројни од претходно, дојдени во Келн со поголеми очекувања, но и овој пат без реализација. Раул Гонзалес ни во овој обид во Келн не успеа да го повтори она што го направи со Вардар пред шест години. Францускиот тим дојде на Ф4 како прв фаворит, а заминува како последен, поразен и крајно демолиран. Прво надигран од Кјелце и шокиран во полуфиналето, а потоа комплетно прегазен од Барселона во натпреварот за 3.место. ПСЖ не само што не ја освои шампионската титула во ЛШ, туку за прв пат во досегашните пет учества на Ф4 во Келн завршува со пораз и во борба за 3.место. Сето ова може да ја поткопа и позицијата што ја ужива поранешниот тренер на Вардар во Париз, колку и да е таа цврсто зацементирана.

Во Ланксес Арена годинава се стопи и фаворитската улога на Барселона. Но за разлика од распад системот во играа на ПСЖ, Барса успеа да се консолидира по пенал-рулетот во полуфиналето со Магдебург. И потоа „нагази“ против ПСЖ во мечот што е најмалку посакуван во секоја завршница. Најтрофејниот клуб во историјата, од Келн годинава заминува со утешна „бронза“ и со новиот рекорд на Алекс Гомез кој успеа да ги надмине Микел Хансен и Кирил Лазаров на листата на најдобрите стрелци на завршниот турнир во ЛШ.

3.Како да се „изигра“ ваучер системот во три чекори

И додека Европа, во финишот на сезоната, сумира впечатоци од најновиот келнски спектакл, Македонија сумира мислење и предлози како да ја скрати лигата ама никој да не замери.

Предлог-планот за промена во системот на натпреварување кој деновиве неофицијало циркулира меѓу клубовите, викендов доби своевидна официјална потврда на тренерскиот семинар во Охрид.

Македонската Супер лига и догодина ќе тера во широкиот формат со 16 екипи, за од следната 2024/2025 да се преполови, како што налагаат прописите за промена на системот на натпреварување. Всушност, да се подели на 8+8, односно на А Супер лига и Б Супер лига. Што практично би требало да бидат две лиги од различен ранг, нешто како поранешната Прва и Втора лига или актуелната Супер и Прва. А, теоретски сепак, и двете да останат како највисок ранг на натпреварување, што всушност е и најдискутабилната точка во предлогот.

Инаку, предлогот за, условно, скратување на најсилната лига, генерално е позитивен и го отсликува она што се бара со години – концентрација на квалитетот и силни натпревари во текот на целата сезона во највисокото по ранг натпреварување на домашна сцена. Нејасна малку е само А-Б конструкцијата која во суштина изгледа како обид со „финта“ легално да се „издрибла“ ваучер системот. И, во исто време и клубовите да бидат задоволни, посебно тие од Б-класата што фактички ќе настапуваат во втор, но формално за ваучер ќе бидат бодувани по ставка – од прв ранг. Тоа не би била најповолна варијанта за водечките осум клубови или „вистинските суперлигаши“, односно клубовите од А групата бидејќи ваучерот по ранг наместо на осум, пак ќе се дели на 16.

Колку и да нема логика, предлогот сигурно има своја причина, посебно во изборна година. Тогаш, всушност е и најбитно да биде мир во куќа и систем – „и волкот сит и овците на број“.

Се разбира, ако помине предлогот на Собрание. Ако остане ваучерот. Ако АМС во критериумите прифати највисок ранг што всушност е понизок. Ако Антикорупциска веќе намерачена на ваучер-финтите, не најде замерка и во ракометната шема.

Ако…