ИНТЕРВЈУ СТОЈАН ПЕТРУШЕВСКИ: Животот ми е ракомет, Вардар ми е дома – ќе се разболам ако заминам од клубот!

Една од легендите на Вардар, која безмалку три децении е константа во клубот (без разлика дали играчки или тренерски) е Стојан Петрушевски. Тој во моментов е актуелен асистент на Давид Дејвис, заедно со Владо Недановски, но низ годините бил голман на „црвено-црните“, помошник тренер, но и прв тренер со кој Вардар има освоено двојна круна. Може да се пофали и со европски успеси – реми со Магдебург, победа над Кил во Лигата на шампионите, натпревари кои и денеска се паметат. МРК Вардар, Вардар Јуниор, Работнички, кој лани функционираше под вардаровата капа, Петрушевски има работено со генерации и генерации „црвено-црни“ ракометари. Бил сведок на сите клупски подеми и падови, а се грижел и за подмладокот – во времето на Вардар воден од Сергеј Самсоненко трипати беше младински првак на Македонија. Има и селекторско искуство – ќе ги предводи младинците во неколку квалификациски циклуси, но и сениорскиот национален тим. Ќе биде и прв селектор на ракомет на плажа. Можеби никогаш не ја добил вистинската шанса за комплетно да покаже што знае и умее, но Петрушевски секогаш вистински одговарал на предизвикот.

Столе Петрушевски е скопјанец, пораснат во Драчево, кој релативно доцна, на 14 години по убедување на негов другар-ракометар започнува да тренира ракомет. Сакал да игра лево крило, но во екипата немало голман, па така застанал на голот и се пронашол меѓу диреците. Драчево е неговиот прв клуб, а потоа кариерата ќе ја развива во Младост Богданци, Металург, бил дел и од нов проект на Пошта ПТТ (денешен Бутел), но по само една година поради финансии клубот пропаднал.  Се враќа во Металург и е дел од одлична екипа водена од Ванчо Јовановски, заедно со Аце Станковски, Ане Велков (со кој се голмански тандем), Драган Маринковиќ, Стојановиќ…

На клубот му се случува финансиски крах и кога тренерот Јовановски преминува во Вардар во сезоната 1993/94 повеќето играчи го следат, а меѓу нив и Петрушевски. Четири години ќе биде вардаров голман, а потоа релативно млад, на 33 години ќе влезе во тренерски „води“. На клубот кој му дава шанса, му останува верен засекогаш.

„Како денеска го паметам мојот премин во Вардар. Брзо се договоривме со Михајло (Михајловски). Тоа беше друго време, немаше преговори и менаџери, услов беше да си добар играч и клубот да сака да те земе. Со Вардар ги преживеав сите подеми и падови, сите перипетии. Тоа е клуб кој ми даде сè и со кој сум емотивно поврзан. Вардар ми е како дома. Најубавите години во играчката кариера ги минав во ‘црвено-црниот’ дрес, а потоа добив и шанса да станам тренер и да ја развивам тренерската кариера. Тоа беше интересен, спонтан момент. Не планирав кариерата да ја завршам, како што ја завршив. Паметам тренер на Вардар беше Богољуб Периќ (таткото на Дејан Периќ), а ние бевме четворица голмани во состав – јас, Данило Брестовац, Кирил Колев и Зоран Петковски – голема конкуренција! Се одлучуваше кој да оди на подготовки и Колев отпадна, но за среќа или несреќа, ден пред заминување се случува ќерка ми по третпат да ја скрши истата рака и потребна е операција, нормално не можев да го оставам семејството. Му откажав на Периќ и чекав екипата да се врати во Скопје за да се приклучам на тренинзи. Во меѓувреме Периќ во консултација со Михајло, и на негова препорака (не знам зошто сум му се допаднал толку, која човечка или спортска карактеристика го привлече) ме побара да бидам дел од стручниот штаб. Бев млад, 32-33 години, можев да играм уште, имав и понуди за други клубови, но некој сплет на околности си го направи своето. Прифатив и кратко време бев тренер на голмани, затоа што Ивановски му беше помошник на Периќ. Тој замина по месец дена и јас станав асистент. Убава соработка имавме и паметам рутина ни беше секое утро да пиеме кафе во ‘Париз’ – познато кафуле на времето. Така почнав, а потоа бев и самостоен тренер на Вардар, го водев и МРК Вардар. Сè до доаѓањето на Сергеј Самсоненко бев во стручниот штаб на првата екипа, потоа на младинците. Со нив бев три-четири пати шампион на Македонија, затоа што со Самсоненко услов за продолжување на соработка беа резултати и титула. Потоа се создаде Вардар Јуниор, кој го водев неколку сезони во Суперлигата, па лани и Работнички, за кој планот беше да се развиваат млади играчи на Вардар.“


На почетокот на играчката кариера Петрушевски е меѓу стативите во Автокоманда

НИКОГАШ НЕ ДОБИВ ВИСТИНСКА ШАНСА, НО НИ САМИОТ НЕ НАСТОЈУВАВ

Интересно за Петрушевски е што како тренер во Вардар соработувал со плејада големи имиња – Живковиќ, Обрадовиќ, Милошевиќ, Ѓукиќ, Вујовиќ, Петковиќ, Стрезовски… кои го предводеле Вардар, а во три наврати се случува и при нивно заминување, тој да го превземе клубот. Факт е дека секогаш наследувал, а никогаш не добил вистинска шанса.

„Сон ми е да го водам Вардар и тоа го имам направено во три наврати – по заминувањето на Љуба Обрадовиќ, потоа Перо Милошевиќ и Драган Ѓукиќ. Никогаш не добив вистинска шанса од почеток до крај на сезона да ја водам екипата. Секогаш ја наследував по некој сплет на околности, но секоја шанса ја заработував и на секој предизвик одговарав како што треба. Михајло, во тоа време, сметаше дека сум млад и дека ми е потребно искуство. Од друга страна можеби и јас не ‘загризав’ како што треба, не се изборив и не настојував вистински да ја добијам довербата и да ја водам екипата од почеток до крај. Годините минутаа, потоа се сменија и околностите и Вардар дојде на едно друго ниво. Ако на нешто сум горд тоа е двојната круна, која под мое водство ја освои Вардар, како и фактот дека сум имал свој удел во сите освоени трофеи до 2013 година.“


Петрушевски повеќепати беше помошен тренер во Вардар

ГО САКАВ ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ СИСТЕМ, ТЕШКО ГО ПРИФАТИВ ШПАНСКИОТ

Она што не пропушта да потенцира Петрушевски е дека од сите тренери научил нешто. Исто така дека го сакал југословенскиот систем на игра низ кој растел, додека шпанскиот кој Раул Гонзалез го донесе во Вардар му било тешко да го прифати.

„Ако почнам да набројувам сигурно дека ќе заборавам некој од тренерите (се смее). Со сите имав добра соработка. Секој носи нешто свое, свој стил и начин на работа, секој е посебен и од секој може нешто да научиш. Од сите, со Ѓукиќ еден кус период не бевме во најдобри односи, се разидувавме во ставовите, имавме различни мислења, но тој беше многу посветен на работа и на ракомет. Вујовиќ ќе го издвојам, има посебен шмек и харизма и може многу да се научи од него. Користи некоја југословенска школа и методи, кои се спротивни на овие кои Вардар ги игра во последната деценија со шпанскиот систем. Интересно е да се води екипа на тој начин, да се дозира – кога и како да се направи притисок, дури и при подготовка на екипата, да се знае кога да се измотивира, кога да се даде слобода… Живковиќ носеше со него багаж од доживувања и тежина од сите негови титули и се чудев како човек на тие години може да работи со таков жар. Богољуб Периќ, бев почетник и имав друго мислење и сфаќање за ракометот како играч, но тој ми ја даде волјата и желбата за она со што се занимавам… Како станувате поискусен имате сè помалку работи да купите. Ми беше тешко да го прифатам шпанскиот систем кога дојде Раул Гонзалез во Вардар. Не го сакав на почетокот, бидејќи долги години работев со тренери кои играа според југословенски систем и тоа беше нешто наше. Но, во Вардар мораше сите да работиме по системот на Раул (тоа беше наредба). Тој одржа два куси семинари и не воведе во процесот, а потоа како навлегував во системот, сфаќав дека е се подобар и подобар. И, денеска од Дејвис учам нешто. Тој е тренер кој внимава на сите елементи – статистика, анализа… Има некој скриен темперамент во него, смиреност и фокусираност. На нас Балканците тоа не ни е јасно (се смее). Него на натпревар ништо не може да го исфрли од колосек, тој е насочен на екипата и можеби тоа е она вистинското, не дозволува ништо да го извади од контекст и од посветеноста на играта само на неговиот тим.“

ТРЕБАШЕ ДА ГО ВОДАМ ВАРДАР ВО СЕХА

Веселин Вујовиќ со кој Вардар ја започна сезоната како прв тренер ги побара Владо Недановски и Стојан Петрушевски во својот стручен штаб како асистенти. Давид Дејвис ги наследи на полусезоната и тие добија нови задачи и насоки како да му помогнат на Шпанецот.

„Вујовиќ посака да бидам дел од неговиот стручен штаб и имавме договор заедно со претседателот, јас да го водам тимот во СЕХА лигата, каде ќе играат некои помлади ракометари – Гогов, Ќосевски, Карапалевски… кои се мои играчи и кои добро ги познавам. Вујо требаше да биде комплетно фокусиран на Лига на шампиони и домашното првенство. Имавме и џентлменски договор со Владо Недановски околу тоа кој на кој натпревар ќе патува, се менувавме на клупата во зависност од плановите и потребите. Но, се случи тоа што се случи и Дејвис сега е шеф на стручниот штаб. Добив задача да ја работам статистиката. По секој завршен натпревар подготвувам статистика и секако заедно со Владо сме на секој тренинг и на располагање за се што треба за Давид. Имаме убава атмосфера за работа, добро функционираме и сега за сега се е како што треба. Се надевам дека ќе имаме и добар финиш на сезоната – шампионска и Куп титула дома и секако зошто да не го минеме Веспрем во осминафиналето од Лигата на шампионите!? Илиќ е млад тренер, Веспрем игра променливо сезонава, имаме шанси.“

ЕГЗОТИЧНА ПОНУДА – СЕЛЕКТОР НА НИГЕРИЈА

И играчки и тренерски Стојан Петрушевски имал понуди за да ги напушти „црвено-црните“ редови, но никогаш не го сторил тоа. Најзвучна е понудата да биде селектор на Нигерија.

„Имав многу понуди и не е дека не беа финансиски добри, но секогаш кај мене преовладуваше она емотивното. Тешко ми беше да се одлучам да си одам од Вардар. Знаете што значи кога во еден клуб ќе пораснете играчки, ќе ставите крај на кариера и ќе почнете нова – тренерска. Вардар ми ги даде најубавите години и како играч и како тренер, ми овозможи да бидам сè – и селектор на А репрезентација. Во некои ситуации улога играше и семејството. На пример иако само три месеци сум работел со девојки (и тоа пак во Вардар) имав две убави понуди од клубови во Унгарија, но не ги прифатив. Го сакам клубот, го чувствувам како мој и не знам како ќе звучи, но мислам дека ќе се разболам ако заминам од Вардар“, објаснува Петрушевски и продолжува: „Имав понуда да бидам селектор на Нигерија. Сериозно размислував за тоа, да бидам искрен и сериозни пари беа понудени, но тогашниот Амбасадор на Македонија во Катар не ми даде виза. Неколкупати разговарав со него и не ми дозволи да одам таму, пред се затоа што е опасно по живот и нема никакви гаранции дека ќе се вратам жив и здрав. Истовремено се случува двајца Хрвати кои работат таму да ги киднапираат, читав дека таму нема власт, функционираат како феудално општество, а и самиот Амбасадор инсистираше да се откажам од идејата и сето тоа пресуди и ме одврати… Тие беа подготвени и да дојдат во Македонија за да преговараме, но последен контакт беше кога им побарав како гаранција да ми ги префрлат сите пари – тука заврши муабетот.“

ПИШУВАВМЕ „ЦРВЕНО-ЦРНА“ ИСТОРИЈА

По три децении во Вардар и по се што поминал со клубот го замолив Петрушевски да издвои некои моменти кои му се драги и кои оставиле најголема трага.

„Првата шанса самостојно да водам Вардар во натпревар од Лигата на шампионите беше против Веспрем. Добро се сеќавам на секој момент, каков стрес беше тоа за мене. Имав одлична екипа – Јовиќ, Манасков, Колев, Маљцев, Атанасовски… Сме имале милион состаноци, но кога застанав да водам состанок како прв тренер ми се блокираше умот. Сакав да му потенцирам на Пепо (Манасков) за противнички играч кој ќе внимава на него, ќе го чува и за кој не смее да му дозволи да го испровоцира, но се блокирав, не ми текнуваше името на ракометарот. Како се што знаев одеднаш да го снема! Потоа дојде ремито со Магдебург. Доживување беше една македонска екипа да игра во Германија. Паметам 13 илјади публика, Магдебург најсилен со Кречмар во тим, ние нерешено играме со нив. Потоа го победивме Кил – како не знам (се смее). Паметам другиот ден рано наутро Михајло ми се јавува и ми вели: ‘Колегата од Кил ги трча играчите на кеј за казна’ – колку беше среќен и горд претседателот! Убави времиња, еден друг Вардар, со друга атмосфера и друга енергија.“

СЕКОЈА СОБЛЕКУВАЛНА ИМА СВОЈА УБАВИНА

Токму тоа е интересно, што Столе Петрушевски ја познава соблекувалната на Вардар од времето кога играше во „Расадник“, па преку „Кале“ и се до денеска во „Јане Сандански“. Може ли да се направи споредба?

„За мене соблекувалните на Вардар секогаш биле најубави, без разлика дали биле во ‘Расадник’, кој протекуваше, или во ладното ‘Кале’ или сега во идеалните услови во ‘Јане’. Мислам дека сега со глобализацијата на спортот и со се што се случува многу попрофесионално се насочени работите. Има хемија и се е одлично, но ја нема онаа блискост и дружба како порано. Мислам дека причина за тоа е и времето во кое живееме и начинот на функционирање на системот. За мене моето време е најубаво (се смее). Од друга страна има и разлика, кога сте играч и кога сте тренер. Како играч вистински ја чувствувате атмосферата во соблекувалната и како таа живее, а како тренер влегувате и излегувате и не може комплетно да се знае и почувствува сè, иако на теренот може да се види сè. Вардар секогаш била специфична екипа, со посебна душа. Мислам дека најдобар пример за тоа е и се она што се случуваше во 2019-та. Да играте цела сезона без пари и да освоите титула во Лигата на шампионите, тоа најдобро говори за какво братство и единство имате во соблекувалната.“


Петрушевски како играч беше дел од Вардар долги години

Петрушевски дури и се потсети како се случило „Кале“ да стане дом на Вардар.

„Првиот европски дуел мислам дека го игравме со Гуил, во ‘Расадник’, кој протекуваше, а баш тоа попладне врнеше еден пороен дожд и имаше барички на теренот во салата. Немаше услови за игра и опциите беа или да се игра другиот ден или да се најде нова сала. Михајло, паметам, експресно договори да играме во ‘Кале’, организираше автобуси за публиката, ние ракометарите, со сопствени автомобили и се префрливме во ‘Кале’. Победивме на тој натпревар, но потоа не се пласиравме понатаму за еден гол.“

МРК ВАРДАР БЕШЕ ОДЛИЧНА ПРИКАЗНА

Покрај првиот тим на Вардар, Столе, предводи и неколку проекти под „црвено-црната“ капа, меѓу кои и МРК Вардар, за кој вели дека бил убава приказна.

„МРК Вардар беше одличен проект. Михајло имаше амбициозен план да ги собере сите добри македонски играчи за да не се грижи за иднината на клубот. Тогаш правилата беа поинакви, не можеше толку странци да играат. Убава замисла и идеја која ја водеше братот на Михајло, Владо Михајловски – Папс, со кој имавме одлична соработка и на кој сум му неизмерно благодарен за довербата која ја имаше во мене. Во таа екипа беше и Бранче (Дилбер) едно прекрасно доживување, какви сеќавање имам од тоа време. Го победивме Партизан во Белград во СЕХА и бевме на сплавови да прославиме по шорцеви и папучи (се смее). Редарите на сплавот беа навивачи на Звезда и кога слушнаа дека сме го победиле Партизан ни дозволија така облечени да влеземе (се смее). Бевме во Белград и кога се случи атентатот на Џинѓиќ, требаше да играме со Металопластика, но мечот беше откажан… Убава идеја беше таа лига, но скапа, а финансиите беа пресудни, како и за сè!“

ТАКТИКА И ТЕФТЕРИ

Стојан Петрушевски играл на голманската позиција, но само неколку месеци во кариерата бил тренер на голмани. Тоа се должи најмногу на фактот дека сака да работи на тактика. Интересно е што секој тренинг, од почетокот на тренерската работа, му е запишан во тефтер.

„Кога почнував не беа работите дефинирани како сега – тренер на голмани, Јас бев асистент, кој истовремено им помагаше и на голманите. Одвојувавме време да работам и со голмани, но повеќе ме влече тактиката. Во една прилика Цевак (Љубомир Савевски) и ми го потенцираше тоа. Се посветувам на тоа и тука се пронаоѓам, на полето на тактиката. Денеска има сè и кондиционен тренер и тренер на голмани, секој со своја работа, функција и задача. Колку многу сум посветен на тоа говори фактот дека секој тренинг ми е запишан на лист, без разлика дали е мој тренинг или сум следел тренинг на друг тренер. Секој детал, задача ги имам забележано во тефтери кои ги имам од почетокот на кариерата. Паметам, во времето кога бев селектор бев на едно интервју и во автомобилот имав оставено ранец со три тефтери. Ми ја обија колата и ми го украдоа ранецот. Ништо вредно немаше земено, но она што го имаше во тефтерите беше богатство за мене. Мислам дека за една минута ми исчезна тригодишна работа, многу бев нервозен.“


Бранко Дилберов долги години беше дел од Вардар, заедно со Стојан Петрушевски

КАКО СЕЛЕКТОР МУ ЈА ДАДОВ КАПИТЕНСКАТА ЛЕНТА НА ЛАЗАРОВ

Во резимето на Петрушевски стои дека бил селектор на машката младинска, но и на сениорската репрезентација. Тој дури откри дека во неговото водење на А националниот тим Кирил Лазаров станал капитен. Петрушевски бил и прв селектор на ракомет на плажа, со настап на првенство во Аланија, Турција.

„Во неколку наврати ја водев младинската репрезентација на Македонија, но тоа беа само квалификации, немаме настап на големо натпреварување. Во тој период не се посветуваше големо внимание на младите категории, се задоволувавме само со играње квалификации. Јас, лично, како тренер не, но таква беше политиката на Федерацијата, целиот фокус беше кон сениорите. Имав убава генерација – Кукоски, браќата Марковски, Трајковски, браќата Маџовски, Костески, Пецаковски – плејада млади играчи, а имав и амбиции. Најмногу шанси за пласман на големо натпреварување имавме на еден турнир со Франција и Луксембург, но претрпевме два порази и кога загубивме од Луксембург тоа се претвори во најголемо разочарување“, се потсетува Петрушевски и продолжува: „Потоа добив шанса да бидам селектор и на сениорската репрезентација. Два циклуси му бев асистент на Драган Ѓукиќ, кој беше тренер и на Вардар, во тоа време, а јас му бев асистент. Михајловски беше претседател на РФМ и не сакаше да менува ништо, а јас најдобро ја познавав работата и системот на Ѓукиќ, па добив шанса. Игравме квалификации со Белгија, Турција и БиХ, бевме први во групата и со Унгарија игравме за бараж. Сакав да останам до крај, но Михајло мислеше дека со Тута Живковиќ ќе имаме повеќе шанси и го постави за селектор. Но, ги загубивме и двата натпревари од Унгарија.“

 

„Сега кога ќе се присетам кога јас бев селектор на Македонија, Кирил Лазаров стана капитен. Бевме во ‘Континентал’ на собир и Иван Марковски откажа настап поради приватни проблеми. Размислував некое време и потоа во договор со Михајло, како претседател на Федерацијата одлучивме тој да стане капитен. Беше многу примерен и културен и дисциплиниран. Еднаш побара да задоцни половина час, затоа што бил на свадба, му дозволив. Навистина задоцни само половина час, и кога се врати во хотел, ми тропна на вратата и ми кажа дека се вратил. Јас сум за да им се даде поддршка на македонските селектори. Кире, со се што сторил играчки заслужува шанса и доверба и поддршка, иако факт е дека како што е потребно да минат години и да се порасне како играч, така треба време и работа и трпение за да се порасне и како тренер.“

И не само селекторската функција, Петрушевски бил и македонски репрезентативец, но конкуренцијата на неговата позиција била силна во тоа време и место за него има само во два квалификациски циклуси.


Петрушевски беше дел од сите успеси на Вардар кога Михајловски беше претседател

„Горд сум и на тоа што во два наврати сум бил дел од репрезентацијата. Во тоа време да си во друштво на играчи како Пепо (Манасков), Стефановски, Царчев, Ходик, Зарков, Марковски, Алушовски… На мојата позиција конкуренцијата беше страшна! Но, тоа се убави времиња од кои и денеска имам големи пријатели. Со Пепо работиме како тренери. Со Александар Петровски најдолго, осум години бевме соиграчи во Металург и Вардар. Данило Брестовац четири години ми беше соиграч, потоа уште четири години имавме соработка тренер – играч. Аце Станковски, Зоран Петковски – Зенга, со кој никогаш не сме соработувале, но секогаш сме во некој ист круг…“

СОН МИ Е ДА ГО ВОДАМ ОВОЈ ВАРДАР ИЛИ ДА СЕ ПРОБАМ НАДВОР

Ниту на 57-годишна возраст Столе Петрушевски не престанува да сонува. Сака да го води овој Вардар, или, пак, да го направи чекорот кој никогаш досега не се осмелил – да прифати странски ангажман.

„Ракометот е мојот живот. Секој кој се занимава со ракомет знае каква специфична аура има кога ќе влезете во сала. Нешто од внатре ве тера, тоа е љубов, живот и додека имам сила и енергија ќе бидам посветен на тоа и никогаш нема да кажам – доста е! Секој тренер сака да води голем клуб, да стане селектор, и јас сум еден од нив, не можам да кажам не, но факт е дека во Вардар моите соништа се исполнуваа. Сакам во Вардар да ја завршам кариерата. Реков Михајло и Владо – Папс имаа(т) толку голема доверба во мене, клубот ми даде сè што можев да посакам. Морам да се заблагодарам и на две дами – на Станче Димовска за сета поддршка и на Индира Кастратовиќ, која направи многу за мене во времето на Самсоненко. До крајот на кариерата единствено се надевам дека ќе имам шанса да го водам овој Вардар, каков што е денеска. Или, пак, како голем вљубеник во германскиот ракомет, можеби, конечно, ќе се решам да си го исполнам вториот сон – да прифатам некој странски ангажман. Би сакал да водам германска екипа, може и во втора и во трета лига. Желба ми е да останам во Вардар, и ако заминам мислам дека ќе се разболам, но од друга страна не знам што ќе превладее во даден момент. Она што исто така ми претставува задоволство е соработката со играчите, почитта која ја имам од нив. Ончев ме спомена во неговото интервју, и тоа е уште еден момент кој ми носи задоволство во работата. Голем број на играчи кои минале дел од кариерата со мене имаат солидни кариери и интернационални и репрезентативни искуства. И сите тие се прекрасни личности.“

СЕМЕЈСТВОТО И ПЧЕЛАРСТВОТО – ОДДИШКА

Две работи му се оддишка на Столе од ракометот – семејството и пчеларството. Наместо синот, кој тренирал ракомет да го наследи Петрушевски, се случува спротивното, таткото да одгледува пчели по иницијатива на синот.

„Син ми се обиде да ме наследи, играше лев бек и кога дојде моментот посериозно да навлезе во ракометот како дел од МРК Вардар, ја скрши клучната коска. Следеше пауза, рехабилитација и потоа им се посвети на студиите. Тој е и причината поради која почнувам да се занимавам со пчеларство. На негова иницијатива и со поддршка од пријател, кој е асистент по пчеларство на факултет, зедовме два сандаци со пчели. Требаше јас да помагам само, а син ми да го води тоа, но потоа тој крена раце, а мене ми прерасна во мини-задоволство. Да бидам искрен, семејството (сопругата, синот и ќерката) и пчеларството ми се оддишка од ракометот. Немам премногу време, но го работам со љубов. Кога ќе влезам таму престанува се друго да постои. Ако имате многу пчели тогаш е бизнис, а ова што го имам јас е само за опуштање и задоволство.“