„Ќе си заминам ако нема засилувања, не сакам да бидеме ‘топовско месo’ во ЛШ“

Еден од повратниците во Лигата на шампионите во женска конкуренција е екипата на Локомотива Загреб, која последниот настап во елитното европско натпреварување го имаше во сезона 2014/15, во која беше елиминирана уште во групната фаза. Клубот во 2017 година го освои тогашниот Челинџ Куп, а изминатата сезона успеа да го освои првото место во Супер лигата во Хрватска.

Со освојувањето на првото место на домашна сцена, Локомотива Загреб доби директно место во Лигата на шампионите. Тимот од хрватската престолнина ќе игра во група заедно со Ѓер, Мец, Рапид Букурешт, Будуќност, Сторхамар, Кастамону и Есбјерг. Со каков состав ќе настапи хрватскиот шампион во најквалитетното европско натпреварување сѐ уште не е познато.

Главниот тренер на Локомотива Загреб, Ненад Шоштариќ во интервју за хрватскиот „Вечерњи лист“ истакна дека нема намера да ја раководи тренерската функција во клубот доколку управата не донесе сериозни засилувања на неколку позиции.

,,Имам јасна визија за следната сезона. Доколку сакаме сериозно да настапиме во Лигата на шампионите ни требаат неколку искусни засилувања. Јас не мислам да учествувам во тоа натпреварување доколку Локомотива Загреб бидe вреќа за боксирање”, изјави Шоштариќ за „Вечерни лист“.

Прославениот хрватски тренер, кој со женската сениорска репрезентација на Хрватска го освои бронзениот медал на Европското првенство во 2020 година, не сака неговиот клуб да биде „топовско месо“ во Лигата на шампионите.

,,Сакам Локомотива Загреб да донесе три-четири засилувања, ракометарки кои ќе донесат предност во натпреварите против силни европски клубови. Повторувам, не ми паѓа на памет да седам на клупата на клуб кој ќе загуби со 12 гола разлика. Работиме напорно цела година, емоционално и физички сум целосно исцрпен. Сега на ред е управата на клубот да си го одработи својот дел. Предвидени се средби со градоначалникот на Загреб, како и со спонзорите. Едноставно мораме да најдеме играчи ако сакаме да играме солидно во Лигата на шампионите”, заврши Шоштариќ.

Во екипата на Локомотива Загреб настапува репрезентативката на Македонија, Андреа Седлоска. Клубот го напуштија Дора Калаус, Луција Бешен, Кристина Пркачин, Ивана Дежиќ и Јосипа Мамиќ. Сите споменати ракометарки беа носители на играта во хрватскиот првак.