ДНЕВНИКОТ од Краков: Пораката што ми го разубави денот!

Краков, 12 јануари –  Македонија по осми пат на Светско. И, пола Македонија повторно во јануарски ракометен поход на Краков. И ние со неа, се разбира. И после сите поминати години и настапи, пак останува истиот мерак и возбуда пред секој нов ракометен пат.

А, бе и температура дигнав додека се пакував! Додуша, не толку од возбуда, колку од скопскиот грип што се прошири во маглата. Ама, зарем тепературата може да застане на патот за светско, ви се молам! Се дозираш имуно на најјако, пакуваш мини аптека и две кила лимуни и фаќаш патот. Среќа па не мерат температури на секој чекор, како лани инаку и фрижидер со мраз ќе требаше да спакувам…

Македонија се сака, а ракометот и јануарските патувања за многумина станаа пасија и уживање, дури и без титули и медали на врат. Се бара нишка и се ужива во моментот и деновите кога се бориме, навиваме, се караме и се мириме, се надигруваме и се надмудруваме, тагуваме и со часови дебатираме за секоја пропуштена шанса – што ќе беше ако беше…Но, затоа пак и од еден убав гол може да направиме еуфорија и цела вечер да наздравуваме!

„Да не одиш за Краков?“, „Да не имате едно место…“, „Да не знаете некој што му треба првоз имаме две слободни, да не одиме празни…“

Титкаат пораки една по друга во македонскиот поход на Краков, како да е за патување од Скопје до Куманово, не за пат од 1400 километри, плус минус!

„Ма што е тоа до Краков, ситница. Не е Америка“ – се пошегува со нас колегата Дражен Пиневиќ.

Добро знае Пина дека ќе тргнат Македонците за ракомет и за Америка ако треба. Америка, Америка… не е проблем, ќе се снајдеме. Тоа е дел од оној балкански ракометен колорит и врската што им дава посебен белег на ракометните првенства секој јануари.

Се шегуваме додека ги освојување Татрите и низ снегот ситниме километри до Краков. Имаше некоја шега дека годинава пешки ќе одиме  до Краков, демек криза е, па не може да стигнеме без „техничка поддршка“.

Ај нека биде така! Ја прифативме шегата и вистински пешки по снегот влеговме во Полска. Мисијата комплетна, паузата забавна.

А, температурата? Епа, помина по пат додека ги пробивавме оние 1400 километри „пешки“ до Краков.

За разлика од репрезентацијата што ни е подмладена, ние новинарите уште играме во поголем дел, во стариот состав, па добро ни е познат и теренот и тактиката. На ЕП 2016, Краков сите не освои. И знаевме дека еден ден, кога – тогаш, пак ќе му се вратиме со нашата „pilka reczna“. И некако ич не не изненади ждрепката кога ни се падна пак група „краковска“. На толку „навивање“  да биде пак Краков ќе беше чудно да не се паднеше! А, и замокот во 2016 намерно го оставивме непосетен, за пак да се вратиме. Велат, така се прави ако сакаш некаде пак да се вратиш.

И, седум години подоцна, еве не нас пак во Краков.

KOCHAM  PILKA RECZNA,  KOCHAM KRAKOW, KOCHAM  POLSKA …, а богами ги  „kocham“ и омилените „веделки“, топ им се. Подобри од лимуните и од витамините,  „полековити“, со гарантирација!

Во омилениот град нешто е исто како што го паметам, нешто се сменило. Времето е многу потополо од она мразулникот во 2016, ништо не е смрзнато, ама и ние сме поискусни и одиме директ на познато без да мрзнеме со саати барајќи „кантор“ за злоти.

Домаќините љубезни исто како што ги паметан од европското. Не дочекаа во „Таурон Арена“ и како стари ракометни пријатели, не „спроведоа“  до пултот за акредитации по скратен пат да не вртиме кругови. Знаете, акредитацијата за новинарите е првата работа што треба да се заврши. А, потоа тргнува стандардната шема.

Официјалниот хотел во кој се сместени репрезентациите е втората „задолжителна“ дестинација. И пак, за среќа се погаѓа тука во близина, од другата страна на замокот, на десетина минути од нашата овојануарска краковска локација. Идеално за работа! Плус, за разлика од лани, нема ни здодевна корона изолација. Да здивнеме и ние и репрезентациите и да си ја работиме работата на раат.

Норвежаните веќе ја одработуваат првата средба со новинарите и тоа на отворено. Пука сонце во Краков, па штета е да не се искористи.

Тука се и Шпанците. Алекс Душебаев  веднаш доаѓа да се поздрави, срдечен како и секогаш и секогаш расположен да прозбори на македонски. Го слушам потоа, со насмевка му објаснува на Де Варгас кој го чека пред лифтот, дека „тоа се Македонците“.

Додека ги чекаме нашите, еве го и Вујо се симнува да се видиме.

„Чекајте ме, одма се симнувам…“ – вели Вујо и за две минути еве го со нас на кафе.

Нашите се на пат, ги чекаме да пристигнат. И додека срдечно се поздравуваме со сите познати ликови со кои не споил ракометот низ годините, малку ме јаде мислата како ќе биде ова светско со нашите.

Новата генерација е малку затворена за јавноста. Доаѓаат некои други времиња од оние нашите старите кога сите функциониравме заедно, кога официјалните средби редовно завршуваа со неофицијално кафе…кога ги бркавме менаџерите што го бркаат нашиот Филип Кузмановски, кој дебитантски блесна на тоа европско пред седум години.

Кој знае дали сега или некогаш во иднина ќе има пак такви моменти или ќе мора да се привикнуваме на новата подзатворена шема и на „новиот идентитет“, што и да му значи тоа на селекторот. И тамам да ме фати носталгија по старите добри времиња и јанѕа дека на ова СП нема со кого кафе да испиеш, ми светка порака:

„Ние доаѓаме, ќе се видиме…Ќе не чекате?“

Пораката ми го развредри сончевиот ден во Краков уште повеќе. Се насмевнувам. Има и во новата генерација нешто од старата школа.

Сите заедно. Така е најдобро.