ПРЕСИНГ: Ракометот уште еднаш го разубави јануари, луѓето што го водат – најголеми „душмани“

Тоа е многу потешко да се одигра отколку да се постави, изискувајќи од играчите кои треба да ја спроведат врвна спортска интелегенција и препознавање на ситуацијата, од аспект кој играч напаѓа и што може да се очекува од истиот. Иако, можеме да кажеме дека оваа шпанска 6-0 го „положи испитот“ и донесе можност за триумф, ограничувајќи ги шведските бекови на само 8 голови, за разлика од претходниот дуел со Данска, голманите не успеаја да „ја затворат“ предната линија на противникот во кој предничеше најдобриот дефанзивец на ЕП, Оскар Бергендал, со одлична реализација. Останува впечатокот дека Ривера малку и претера со „систематското“ менување на голманите, имајќи предвид одличната партија на Де Варгас во полуфиналето и неговото изоставување од стартниот состав. Шпанија на овој натпревар остана „покуса“ за дузина „лесни“ голови кои ги носи транзицијата и во таква ситуација е тешко да се очекува нешто повеќе против голема селекција како Шведска.

Норвежанецот Глен Солберг и ја донесе на Шведска петтата европска титула после 20 години пауза, зацврстувајќи ја на лидерското место по бројот на освоени златни медали, со состав кој, кога беше соопштен пред една година на СП во Египет предизвика изненадување, состав од кој беа изоставени неколку големи „ѕвезди“, создавајќи група на момци по негов вкус и на тој начин комплетно преземајќи го ризикот за евентуален (не)успех. Шведска со неколку „прекалени“ борци, играчи кои се промовираа на ова ЕП и играчи кои надоаѓаат, го потврди среброто од СП во Египет минатиот јануари со златен медал на штотуку завршеното ЕП.

Добредојдовте во мојата последна ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка!

ВО СУДИР НА ДВЕ РАЗЛИЧНИ И СИНОЌА ОДЛИЧНИ ОДБРАНБЕНИ 6-0 ЗОНИ, ИЗБОРОТ НА РИВЕРА И МОМЕНТУМОТ НА ПАЛИЧКА ГО ОДЛУЧИ ПОБЕДНИКОТ

Во максимално неизвесен натпревар, со две 6-0 одбранбени зони различни во својата ДНК, зони кои синоќа беа насочени кон затворање на средината на зоната, со големо внимание на бековите на двете селекции како главни протагонисти за успех во ракометот.

Жорди Рибера го стартуваше големиот натпревар, на изненадување на пошироката јавност, но по проверена шема на менување на голмани на секој следен натпревар, со условно кажано вториот голман, Родриго Коралес, со зона која и дефинитивно се покажа дека може и знае да создаде проблеми на селекции кои имаат широк ростер на играчи на бековските позиции. Но, она што е повжно, шпанската 6-0 покажа дека за да се игра една зона на големи смотри, играчите кои се селектирани во националниот тим мора да бидат „потковани“ со знаење и системот да го практикуваат од најмлади категории и нормално да имате (или да ги барате или создадете) играчи кои може да го имплементираат истиот, по антропологија и ментален капацитет. Во спротивно, невозможно е да поставите зона на начин на кој тоа го прави Шпанија, каде што во еден напад на противникот, неколку пати се трансформира, од плитка на одредени делови, со длабоки и прецизно дозирани антиципации на други делови на истата, врз основа на моменталната ситуација. Тоа е многу потешко да се одигра отколку да се постави, изискувајќи од играчите кои треба да ја спроведат, со врвна спортска интелегенција и препознавање на ситуацијата, од аспект кој играч напаѓа и што може да се очекува од истиот.

Иако, можеме да кажеме дека оваа шпанска 6-0 го „положи испитот“ и донесе можност за триумф, ограничувајќи ги шведските бекови на само 8 голови, за разлика од претходниот дуел со Данска, голманите не успеаја да „ја затворат“ предната линија на противникот во кој предничеше најдобриот дефанзивец на ЕП, Оскар Бергендал, со одлична реализација. Останува впечатокот дека Рибера малку и претера со „систематското“ менување на голманите, имајќи предвид одличната партија на Де Варгас во полуфиналето и неговото изоставување од стартниот состав. Шпанија на овој натпревар остана „покуса“ за дузина „лесни“ голови кои ги носи транзицијата и во таква ситуација е тешко да се очекува нешто повеќе против голема селекција како Шведска. Во нападот, имајќи предвид возраста и улогата на играње во два правци, шпанскиот селектор (не) очекувано стартуваше без „херојот“ Жоан Канелас, и тоа се почуствува во стабилноста и сигурноста на нападот на шпанците, но и во самата организација.

ШПАНИЈА ГИ ПРОМОВИРАШЕ ТАРАФЕТА И КАСАДО КАКО НОВИ „ЗНАЛЦИ“НА ШПАНСКИОТ РАКОМЕТ

Сепак, мора да признаеме, Шпанија, во ситуација кога Раул Ентрериос и Дани Сармиенто се пензионирани (овој вториот го вратија да помогне), а Кањелас е пред пензионирање, промовираше на големата сцена двајца ракометни „зналци“, играчи кои знаат и умеат со топката, имаат солидна дуел игра, играат за себе но и за “цртата“ и крилните позиции, во имињата на Јан Тарафета и Аугустин Касадо. Шпанија, иако со видоизменет состав достојно го презентираше својот систем и ракомет на големата смотра во Унгарија и Словачка, создавајќи тим за ОИ во Париз 2024.

ГОТФРИДСОН КОГА НЕ Е ГЛАВЕН ПОЕНТЕР, ИГРА ЗА ЕКИПА, ШТО ГО ПРАВИ ВОНСЕРИСКИ ИГРАЧ

На другата страна, вториот селектор странец кој освоил европска титула, Глен Солберг, од самиот старт се наслони на „тимот што победува“, со главни протагонисти во, долго оспоруваниот, Андреас Паличка и дефинититвно најкорисниот играч на турнирот, Џим Готфридсон. Во ситуација кога шпанската зона беше поставена на начин на кој, на моменти имавме впечаток дека играат „фластер“ на Готфридсон, максимално ограничувајќи го протокот на топката, до израз дојде индивидуалниот квалитет и моќноста на Готфридсон, но и дуел играта на Лагерген, кои се ставија во функција на колективот „вработувајќи“ ги своите колеги од предната линија.

СОЛБЕРГ НИ „НАЦРТА“ КАКО СЕ СЕЛЕКТИРА И СОЗДАВА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ ЗА ТИМОТ

Ако за крилата и немаше дилема, како изненадување (имајќи предвид важноста и големината на натпреварот) може да издвоиме реализацијата на супер корпулентниот Оскар Бергендал, кој покрај што е неприкосновен во одбраната, на овој натпревар заврши одлична работа и во нападот, промовираќи се како решение на Солберг во два правци, на сметка на неповикување во националниот тим на големата „ѕвезда“ Андреас Нилсон како еднонасочен играч. Тоа се сегменти кои носат дополнителен квалитет и го прават тимот флексибилен, поливалентен и на крајот од денот конкурентен.

ФАКТОРОТ АНДРЕАС ПАЛИЧКА

За да не останеме должни, Шведска уште еднаш покажа дека ја има школски најдобрата 6-0 одбранбена формација, насочена од Солберг на густина и меѓусебно покривање, со силни централни дефанзивци кои тешко губат дуел, но и предводена на голот од Андреас Паличка, кој е повеќе од голман, ширејќи енергија и мотивација на останатите соиграчи. Резултатот можеше да биде различен, но впечатокот останува ист. Шведска е на старите патеки и следните 5-6 години ќе биде во самиот врв на европскиот и светскиот ракомет.

РАКОМЕТОТ ЗАСЛУЖУВА ПИЕДЕСТАЛ НА СВЕТСКАТА МАПА НА СПОРТОВИ, РАКОВОДНИТЕ СТРУКТУРИ И ЛУЃЕТО ВО ЦРНО ВО УЛОГА НА „СИДРО“ КОЕ ГО ДРЖИ ВО ТИЊАТА

Заврши уште еден голем настан, правејќи го јануари многу поубав и повозбудлив, настан на кој ракометот се презентираше во исклучително атрактивен спорт, спорт кој ги има сите атрибути за да биде на ниво на кошарката (не дај Боже фудбалот), со витешки елементи кои ги дозволува дуел играта, со бзрина кој последните 10-15 години се имплементира, брзина која сега гледаме дека дозирано и наменски се користи (за разлика од почетокот кога сите играат брзо затоа што беше модерно), со атракција која ја нуди голманот како фундамент и транзицијата која следува, како врвна нирвана за ракометните фанатици.

Но за жал, спорт кој е „заложник“ на мала група луѓе кои го водат истиот, со продолжени раце во националните федерации, со судии кои и на натпревари од највисоко значење, се „главни“ на терен и влијаат на конечниот резултат (еклатантен пример се германските судии синоќа), иако треба да бидат сервис на „главните актери“, со одлуки кои за 80% од пошироката јавност (а богами и за голем дел од стручната фела) се нејасни, оставајќи простор на истите да одлучуваат по лично убедување (фаул во напад, пасивен напад, слободна рака), разорувајќи го ракометот како спорт, одвраќајќи ги спонзорите и ракометните работници и оставајќи го во „тињата“ на кој и функционира и опстојува. Секоја чест за одредени судии од рангот на нашите Николов – Начевски кои на ова високо ниво судат без калкулации и репсект, при тоа добро „потковани“ со храброст и пред се знаење и искуство.
Да ги поставиме вистинските прашања и тези, за да ги направиме проблемите реално решливи. За нашиот спорт се работи, за ракометот!

Горан Ѓоргоноски,

Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете