ДНЕВНИКОТ од Краков: „Журек“ против малери

Краков, 13 јануари: Еве, дојде и тој фамозен петок 13! За некого среќен, за некого малерозен. За некого само ден обичен како и секој друг. За нас овде во Краков  – ден за нов мундијалски почеток.

Македонија нова и подмладена, ама, сепак за постабилно потпрена на петоаголникот 30+ (Митревски-Пешевски-Марковски-Манасков-Георгиевски), го почнува осмиот мундијалски настап. И тоа ни помалку ни повеќе, прва на мегдан – Норвешка, најтешкиот од сите три тешки противници во групата.

Што да се прави, таква ни била среќата. Освен сила и квалитет, на светските ракометни првенства, кои се малку „поегзотични“ од силните европски, понекогаш ти треба и малку среќа. Посебно ако не си еден од најсилните, па да си газиш без разлика дали е тешка или лесна групата, дали е четврток 12 или петок 13.

Како што им се погоди вчера на Љубо Обрадовиќ и на репрезентацијата на Капе Верде или Зеленортски Острови, во Гетеборг, да го победат Ургвај и со нивната историска прва победа во вториот одигран натпревар на светските првенства воопшто, практично, да обезбедат пласман во главната фаза на СП. Зеленордските Острови на претходното СП 2021 во Египет, што им беше прв настап на Мундијал во историјата, одиграа само еден натпревар, изгубија од Унгарија и се вратија дома бидејќи поради короната немаа доволен број играчи…Две години подоцна „островјаните“ веќе имаат речиси обезбедена главна фаза на СП, што е наша главна децениска цел!

Искрено, не знам дали се подмладени или сe постари дебитанти, ама ете добро им оди. Можеби е до среќата, можеби е до климата. А, можеби е и до системот. Кој знае.

Или како што му се погоди на Вујо со Иран. Го реши Чиле на прв меч, му донесе историска прва победа на Иран на светските ракометни првенства и бодови кои, многу веројатно, може да им донесат и пласман во втор круг, богати премии и ракометна револуција во Иран. Кој што сака нека каже, ама Вујо мајсторе е човек претплатен за историја. Му успева некако. Или има ептен среќна ѕвезда, па се погодува некако секогаш во право време на право место. Или, едноставно, Вујо знае ракомет и како треба и со кого треба.

„Е, сега, ќе седнам таму во 28 ред и на раат ќе ја гледам Црна Гора“ – рече Вујо расположен по победата.

Само неколку часа пред тоа, ни раскажуваше Вујо какви се ракометните прилики во Иран и како го „собирал“ составот за мундијалот…

Се шегувавме синоќа по победата дека ќе го викнеме пак на дружба и пред дуелот со Шпанија, па може пак ќе им тргне на Иранците.

Вчерашниот четврток 12 на Вујо му се посреќи, ама ние фативме порано накај 13-ти. На враќање од „Таурон“, не чекаше „честитка“  и „канџа“ на тркало.

Ајде по „канџата“ нека оди малерот! Само денеска да ни се посреќи, си викаме додека полските полицајци љубезно ни објаснуваат дека најдобро за паркирање во близина на големата Арена е таму кај хотелот во кој пред седум години беа сместени репрезентациите, ама сега е банкротиран и напуштен…Добар или лош знак? Ми остана прашалник во глава во последните часови од првиот мундијалски ден во Краков.

Утре е нов ден, за нас посебен.

Утрински го одработуваме редовниот брифинг со селекторот и со дел од ракометарите пред денешниот прв меч. Нема многу што да се каже. Норвешка е Норвешка. Фаворити се за медал. Ние ќе бидеме среќни и со втор круг.

За кураж, онака патем, се потсетуваме дека Норвешка и пред седум години во Краков беше за нас речиси невозможна мисија. А, токму тој меч тогаш беше и исклучително важен во оние „тектонски“ поместувања и милион шеми како Македонија да фати олимписки квалификации како деветта од СП во Катар. И, невозможната мисија тогаш стана возможна. Македонија нагази олимписки мотивирана. Кире Лазаров ги бомбардира со 11 гола, Борко Ристовски имаше исто толку одбрани. Во еден момент нашите имаа дури и пет гола разлика, а на крај „позитивно реми“ што нам ни одговараше за шемата за олимписки квалификации за Рио.

Седум години подоцна, Норвешка повторно ќе биде голем предизвик за Македонија. Го прашав утрово селекторот дали може да се повтори приказната, или барем оној дел со мотивацијата. Ќе видиме вечерва…

А, во меѓувреме, во Краков веќе се комплетира и стандардниот „новинарски“ состав. Пристигнува и „Фалангата“ од сите страни и веќе се чувствува таа позитивна навивачка енергија.

За добредојде во прес-центарот не чека топол „журек“. Нов за тие што не биле, добро познат и препорачан за нас старите борци од 2016.

„Журек“ е традиционален полски специјалитет. Нешто како „појачана“ чорба со колбаси и со се и сешто внатре. Позната и како „работничка чорба“ која некогаш полските работниците ја јаделе да ги засити и да им даде сила да го издржат напорот преку цел ден.

Имаме ние и други полски приказни за „журекот“ од поново време. И така „журекот“ од Краков, ни остана симбол за чудна мешаница што ти дава необична свежина. Токму тоа и ни треба.

Во цела мешаница да ни остане бистра главата. И да имаме сила да го победиме петок 13 и сите малери. Денеска и во наредните пет денови.

Па после нов „журек“…Се разбира, само за тие со „добар желудник“.