Симовски за 24 Ракомет: Професионализмот е збогатен, на девојките е да покажат колку можат

Женската сениорска репрезентација на Македонија стартуваше со подготовките за турнирот во Анталија во рамки на ЕХФ неделата, а во овие денови ќе се направи обид да се крене формата на националниот тим и да се види колку девојките можат во моментов.

Составот има претрпено промени, а селекторот Симовски вели дека се очекува од секоја од нив да го даде максимумот.

„Имаме доволно време за да се подготвиме. Одиме на турнир во Анталија каде ќе играме против Турција А, Турција Б, Италија и Косово. Составот е релативно изменет. Имаме нова стратегија да се подмладува репрезентацијата и да се дава шанса на оние девојки кои полека го поминуваат тоа селектирање од пионерки, кадетки, младинки… во своите клубови, па и во репрезентацијата. Скаутингот се прави веќе две години, а селектирани се 7-8 девојки. Се гледаат уште девеојки кои можат позитивно да одговорат на повикот. Во оваа ЕХФ недела треба да го дадат својот максимум и да видиме до каде се стигнати“, коментираше Симовски за 24 Ракомет.

Тој вели дека кај ракометарките има позитивни моменти и очекува тоа да се поправа и во иднина.

„Има напредок. На одредени девојки веќе им се дадени ситуации кои мораат да ги подобрат во однос на физичката подготвеност. Ноември го искористивме за тоа. Се вклучуваат и нови моменти во женската репрезентација. Професионализмот е збогатен. Мислам дека ќе ги оправдаат очекувањата на овие контроли кои следуваат“.

И овој собир дефинитивно е во рамки на подготовките за ЕП 2022 на кое Македонија е еден од домаќините заедно со Словенија и со Црна Гора така што сите работи водат кон тој настап.

„Подготовките се веќе почнати. Без разлика на тоа, место во репрезентацијата секогаш има за оние кои во моментот се најдобри, но и за оние кои мислиме дека како млади кадри ќе одговорат системот којшто го негуваме“, коментираше Симовски за 24 Ракомет.

За Турција се патува в четврток наутро, па потоа ќе следуваат контролите на кои ќе треба да се види како се движи формата на ракометарките во финишот на есенскиот дел од сезоната.