Словенија ја шокираше Црна Гора и се пласира на ОИ!

Репрезентацијата на Словенија е последниот патник на Олимписките игри во Париз, откако го доби дуелот против Црна Гора со 30:26 (14:11).

Црногорките од својата независност трипати по ред учествуваа на Олимписките игри, но сега ждрепката не беше на нивна страна, па освен со Словенија, играа и против Германија и Парагвај.

Славеа против Парагвај, загубија од Германија и на денешниот дуел со Словенија им беше потребна било каква победа.

Избраничките на Драган Аџиќ во секој сегмент од играта беа подобри од составот на Бојана Поповиќ и заслужено се пласираа на најголемата спортска манифестација.

Освен Словенија, пласман на Олимписките игри преку квалификациите обезбедија уште Германија, Унгарија, Шведска, Холандија и Шпанија.

Олимписките игри ќе се одржат во периодот од 25 јули до 11 август, а актуелен бранител на титулата во женска конкуренција е Франција.