Мојсов: Не е важно колку падови имавме, туку колку пати се вративме – играчите изгинаа на терен!

Ракометарите на Прилеп на стартот на новата натпреварувачка сезона во Супер лигата направија мало изненадување, откако на свој терен го совладаа тимот на Бутел Скопје со 28:27.

Иако тимот на Горан Кузманоски во поголемиот дел од дуелот беше во минимална предност, сепак, мотивираните домаќини направија камбек во финишот и со голот на Рајатоски прославија голема победа пред своите навивачи.

Тренерот на Прилеп, Божидар Мојсов, за 24Ракомет ги сподели првите импресии по победата над скопскиот тим.

„Не е важно колку имавме падови во дуелот, најбитното е колку пати се вративме, навистина сакам да им се заблагодарам на своите играчи, го дадоа својот максимум, изгинаа на теренот, покажаа голем квалитет и баш сум среќен што имам ваква екипа и сега сум сигурен дека направив добра одлука што дојдов во Прилеп. Оваа победа со Прилеп ми е прва и најслатка во мојата тренерска кариера”, изјави Мојсов.

Екипата на Прилеп во вториот дел заостануваше и на четири гола разлика, но сепак успеа целосно да се врати и на крајот да слави.

„Според мене, пресудно за да го свртиме резултатот во своја корист беше срцето на играчите, навистина изгинаа на теренот,  денес имавме послаба партија на голманите, но и тие на некој начин имаа придонес за победата и баш поради тоа оваа победа е многу важна, бидејќи моите играчи победија со срце”, вели Мојсов.

Новиот тренер на Прилеп истакна дека Бутел Скопје бил целосно анализиран.

„Гледам мојот тим да биде максимално подготвен на натпреварите, во секој случај ривалот беше анализиран, направивме детална анализа на Бутел Скопје и анализа може секој да направи, но таа треба да се исполни и некој да ја одработи. Играчите ги исполнија сите задачи и поради тоа сум многу среќен. Ќе го дадеме најдоброто од себе, па ќе видиме дали ќе влеземе во плеј-оф или ќе играме во плеј-аут. Знаеме дека само треба да играме ракомет”, вели Мојсов.

Прилепчани на следниот дуел му гостуваат на Пролет во Скопје. Стратегот од Битола и на овој дуел најавува голема борба за бодовите.

„На следниот дуел, на гостински терен во Скопје против Пролет не знам со сигурност дали дали ќе има уште победа, но знам дека ќе има голем ангажман, максимална борбеност и борба за секоја топка. Ние сме на почеток и се уште се навикнуваме еден на друг, на секој играч му треба време, на некој помалку, на некој повеќе, но во секој случај кога се победува нема што да се жали”, заврши Мојсов.

Рајатоски е меч-винер: Херојски пресврт на Прилеп за три бода против Бутел!