Еве со колку бода стартуваат екипите во плеј-аутот, прашање е колку ќе испаднат од Супер лигата

Иако до крајот од регуларниот дел од сезоната треба да се одигра уште еден дуел, сепак, познато е кој ќе игра во плеј-оф, а кој во плеј-аут фазата. За зачувување на суперлигашкиот статус во елитата ќе се борат четири клубови од Скопје и четири клубови од внатрешноста на Македонија.

Во споредба со минатата сезона, тимовите на Прилеп, Куманово, Скопје и Вардар Неготино повторно ќе се борат и следната сезона да бидат дел од елитата. Новаците Аеродром и Мулти Есенс, кои се натпреваруваа во различни групи, во вториот дел од дебитанската сезона ќе имаат два меѓусебни дуели, бидејќи ќе играат во плеј-аутот, а на нив им се придружува и Еурофарм Пелистер 2, кој три сезони по ред играше во плеј-офот, во сезона 2021/22 избори и место во Европа.

Голден Арт кој што е еден од тимовите во кој акцентот е ставен да давање шанса на млади ракометари, исто така ќе игра во плеј-аутот. Тимот предводен од Филип Глигоров немаше многу среќа во борбата за плеј-оф, но битката за опстанок ќе ја стартува со максимален број бодови, односно 3.

Со три бода ќе стартува и Еурофарм Пелистер 2, два бода ќе пренесат Прилеп и Аеродром, по еден бод на свое конто ќе имаат Мулти Есенс и Куманово, додека без бодови ќе стартуваат Вардар Неготино и Скопје.

Сепак дел од клубовите веќе се „фатија“ за работа и веќе започнаа да прават стратегии како и со каков играчки кадар би можеле да останат во најсилната конкуренција во Македонија.

Супер лига, плеј-аут

Голден Арт 3
Еурофарм Пелистер 3
Аеродром 2
Прилеп 2
Мулти Есенс 1
Куманово 1
Вардар Неготино 0
Скопје 0

Вардар Неготино во ланската сезона преку бараж дуел против Драчево успеа да опстане во суперлигашката конкуренција, отпаднаа Радовиш и Јуниор КВ, на нивно место дојдоа вториот тим од Автокоманда и Аеродром.

До крајот на декември УО на РФМ треба да реши каков ќе биде системот на натпреварување в година, откако на Собранието во септември не беше прифатен предлогот да има две Супер лиги – А и Б.