Радовиш одработи рутински на гости кај Шампион

Ракометарите на Радовиш на гостувањето во Скопје кај Шампион одиграа рутински, триумфираа со 32:22 во натпревар од 7. коло во прволигашкиот плеј-оф.

Радовишани до овој момент имаат остварено пет победи, на свое конто имаат 15 бодови и понатаму остануваат во игра за втората позиција на табелата.

Гостинот победата ја најави уште во првиот дел кога се одлепи на 10:2. Високата предност од осум гола разлика беше причина да дојде до опуштеност во гостинскиот тим, домаќинот искористи дел од грешките на ривалот, но на полувреме имаше негатива од 13:9.

Во вториот дел сѐ течеше според планот на гостинската екипа, која вторите 30 минути ги одигра рутински. Домашниот тим влезе во уште поголема криза, па така високиот пораз беше неизбежен.

Предводник во победничката екипа беше искусниот Зоран Стојановски со девет погодоци, седум додаде Васе Петров.

Стефан Огненовски со седум постигнати погодоци ги предводеше стрелците во поразениот табор, а го следеше Филип Спирковски, кој имаше пет реализации.