СЕДМЕРЕЦ: Се потрошија кредитите на Вардар, каматите доаѓаат за наплата

Додека ги броевме „козите на комшијата“, Македонија се лизгаше надолу и прв пат во 30 години остана без место во Лигата на шампионите и во двете конкуренции

1.Симболична 13-ка под линијата

Натпреварот на Еурофарм Пелистер со норвешки Колстад на 6 март 2024 година, теоретски, може да биде последен за македонска екипа во Лигата на шампионите во догледно време. Од следната сезона, Македонија веќе нема загарантирано место во Лигата на шампионите, според новото рангирање од Европската ракометна федерација.

И за прв пат во последните 30 години, Македонија ќе биде без претставник во најелитното европско натпреварување и во двете конкуренции, ако се изземат како исклучок оние две „казнени“ сезони – 2022/23 кога ЕХФ го суспендира Вардар од ЛШ поради старите долгови и сезоната 2000/2001 кога ЕХФ ги суспендира сите македонски клубови од евроските настапи поради инцидентот со Гунар Прокоп. Исклучок, со оглед на тоа што и во првиот и во вториот случај отсуството беше „административно“ и за една сезона, а по рејтинг Македонија држеше место во најелитното европско натпреварување. Сѐ досега или попрецизно, до следната 2024/2025.

Рејтингот на македонскиот ракомет во последните неколку сезони стрмоглаво оди надолу. И тоа е факт што се гледа на ранг листите на ЕХФ, колку и да се обидуваме да ја разубавуваме сликата и да ги амортизираме проблемите и падот надолу и на клупско и на репрезентативно ниво.

Европската ракометна федерација го објави новото рангирање врз основа на резултатите на клубовите од претходните три сезони на кое Македонија бележи пад од осмо на 13.место и нема доволен коефициент за македонскиот шампион да игра во најелитното европско натпреварување.

Како резервна опција останува можноста новиот македонски шампион да се обиде да влезе во ЛШ со вајлд-карта. Но, ако одлуката на ЕХФ во разделувањето на „специјалните покани“ се базира на резултатите од сезонава како еден од побитните критериуми што треба да ги исполнат апликантите, тогаш и „вајлд-картата“ се сведува на теорија.

2. Кога ќе дојде ќе му ја мислиме

Можеби онака „на прва“ и добиена во официјална верзија, делува помалку шокантно информацијата дека европската Лига на шампионите од следната година ќе биде сѐ понедостижна за македонските шампиони, но, никако не е неочекувана или непредвидена. Со оглед на фактот дека во одредувањето на рејтингот ЕХФ ги сумира резултатите од последните три сезони, јасно беше дека еден ден ќе се потрошат кредитите од титулите на Вардар и каматата ќе дојде за наплата.

Само што ние си тера(в)ме по македонски, денес за утре… Што ти е гајле, не е кај тебе…Кога ќе дојде ќе му ја мислиме… И сеирџиски си ги брoевме „козите на комшиите“.

Прво со шеми кој што да ќари од суспензиите и пропаѓањето на Металург.

Потоа со некои проекции дека европски суспендиран Вардар ќе ја загуби моќта и доминацијата и ќе биде полесно совладлив и дома. Кои се па само тие да бидат шампиони! И сето тоа завиено во целофан на лажен морал дека секој мора да си ја плати казната.

Сега со сеири за поразите на Еурофарм Пелистер во ЛШ и на РК Алкалоид во Европската лига.

И, така додека си ги броиме „козите на комшиите“ рејтингот си тоне. Не дека клубовите треба да се амнестираат од одговорност за кризите и за поразите, нормално дека тие се најодговорните. Сепак, факт е дека во спортот потфрламе и системски со погрешни стратегии, политики, ваучери, лиги и системи, изместени перцепции, (не)стручност, недоследност, алчност и егоизам.

Сакаме да се пофалиме дека сме ракометна нација, ама како што оди рејтингот надолу така се празнат и салите, а се проретчуваат и децата што не така одамна ги полнеа ракометните школи, академиите, камповите.

3.Од европско чудо до ракометна провинција

Од оваа перспектива изгледа уште подрагоцена „златната ера“ во македонскиот ракомет и оние шест сезони кога Скопје беше единствениот град во Европа со три екипи во ракометната Лига на шампиони во двете конкуренции, а Македонија беше феномен во европската ракометна елита.

Се памети сезоната 2013/2014 кога и Вардар и Металург играа во четвртфиналето од ЛШ, а ЖРК Вардар стигна до полуфинале на женскиот Фајнал фор. Тројната програма во ЛШ траеше и во наредните шест години.

Тешко може да се заборави трансот во шампионската 2016/2017 кога РК Вардар ја освои првата европска титула во Келн, а ЖРК Вардар играше финале на Ф4 во Будимпешта. Уште потешко чудото на вардарци за втората шампионска титула во сезоната 2018/2019.

И после таа сезона, тргна црвената линија надолу. Заврши богатата ера на ЖРК Вардар и Македонија веќе немаше моќен шампион за женската ЛШ. Кризата го нагриза Металург, а со неа се изгуби и второто место што го имаше Македонија во машката ЛШ. Стигна ланската суспензија за Вардар од европските настапи што донесе сезона со нула учинок во ЛШ и придонесе за пад на Македонија за пет места надолу, три под линијата за место во ЛШ.

Не е многу за утеха ни тоа што под линијата на новата ранг-листа на ЕХФ во машка конкуренција се и другите земји од регионот. Или за појасно – во европската ракометна елита веќе нема директно место за ниеден балкански  шампион. Што е лоша тенденција и локално и регионално.