СЕДМЕРЕЦ: Лаки Лузерот

Седмиот мундијалски настап дојде како награда, заврши како тешка лекција

1.Поразите и фактите

Шест натпревари, една победа, пет порази од нив четири двоцифрени, 57 гола во негатива и пласман на 23.место од вкупните 24 репрезентации што влегоа во главната фаза или ако сакатe, 9 од назад од вкупните 32 репрезентации на овој Мундијал од кои една не го ни доигра до крај. Најслаб пласман од сите седум досегашни на СП, послаб дури и од дебитантскиот од пред 22 години и што е уште попоразително, најслаба игра и најразочарувачки настап од сите досегашни. Тоа е факт колку и да настојуваме да го „ублажиме“. И, дефинитивно, тоа е тешкиот багаж што го враќа машката ракометна репрезентација на Македонија од 27.Светско првенство во Египет.

Седмиот мундијалски настап за македонската репрезентација дојде како награда по откажувањето на Чешка и заврши како тешка лекција.

Македонија пред 13 дена отпатува во Каиро како „лаки лузер“, среќна од (не)очекуваната шансата да го задржи континуитетот и декларативно, подготвена да одговори на предизвикот на најдобар можен начин.

Но, зборовите и делата се разминаа таму некаде кај пирамидите. И втората мундијалска сага во Египет, за македонската репрезентација излезе посурова и од таа дебитантската пред 22 години. Ударите и разочарувањата се редеа еден по друг.

Лош старт и -12 со Шведска, која на СП допатува преполовена, а на крај стигна до завршница. Ама ајде, тие се Скандинавци.

Потоа уште поголем шок од Египет и рекордни -19. И тие отидоа до четвртфинале, се подготвиле, напреднале, под водство на Парондо тераат како Шпанци. Ама ајде, тие се домаќини…

За Чиле бевме подготвени, фала богу! Два пати ги победивме во Скопје, ама во Каиро пак беше неизвесно. Прва победа, втор круг и малку надеж дека не е баш се толку црно. Не може да биде…Кај да е ќе им тргне…

Со Словенија отпорот траеше 15 минути, потоа повторно летаргија и -10 на крај. Пред Русија капитулиравме уште побрзо и останавме на -12. Со Белорусија како за крај, се држевме до 40-та, ама финишот повторно беше поразителен. Капитенот на тајм-аут грмеше „немој да сме паднале…“. Џабе!

Поразите и во последните два натпревари и така веќе беа однапред потцртани и најавени. Можеби реално според односот на силите. Ама и крајно демотивирачки на цела мака. И тоа токму од тој што треба да мотивира. Зошто така?

Сигурно ви текнува на времето кога Кречмар се чудеше „не ми е јасно како, ама Македонците победуваат некако и кога не можат!“ И тогаш  Македонија беше истата таа од два милиони и играчите не беа вајани како Германци, ама имаа желба и срце планина. Или автобус, што би рекол Вујо…И победуваа. Бранеа, „клаваа“ голови…не се предаваа.

Сега предвреме се предававме во немоќна Ф-поза.

2.Каде ја згрешивме работата?

Класика е после битка да бидат сите генерали. Посебно овде кај нас. И деновиве се свртеа милион дебати и анализи, од „поарно ич да не одевме“, до „дотука било, толку од ракометот и од македонската гордост“. Отпишување од ракометната мапа, погрдни зборови, па дури и некои оди за македонскиот ракомет. И ретко, тука-таму по некој збор за поддршка дека не е баш се така безнадежно како што изгледа после Египет.

Иднината е далеку од светла, ама не е ни толку црна, да бидеме реални.

Ајде да тргнеме од оние помалку убавите работи:

-лоши се двоцифрените порази без борба.

-лоши се изговорите дека не викнале во „5 до 12“. Прво, знаевме дека сме прва резерва и нели, се подготвувавме „како утре да играме на СП“. Второ, Швајцарците отидоа на СП како втора резерва и по таа наша логика требаше да бидат уште поизненадени, понеподготвени и покатастрофални во група со Франција, Норвешка и Австрија. Но, тие не беа ни лоши, ни катастрофални, напротив. И да не заборавиме, Македонија само пред три месeци, ја победи Швајцарија во квалификациите за ЕП 2022. Што се сменило толку многу, во толку мал период?

-ако истрчавме толку неспремни, значи дека промашени биле подготовките, со нерешителни потези и нетранспарентни резови.

-лоша била и селекцијата на репрезентативците бидејќи на ова првенство се покажа дека одредени играчи, од оваа или онаа причина вклучени во составот, дефинитивно не се на репрезентативно ниво.

-лоша е проценката дека „овие се тие, кој и да дојде не може да најде други 16…“. Потценување или знак за немоќ и неспособност?!

-лошо е селектор да каже дека последните два натпревари се загубени, а тие да не одиграни.

-лошо е што Филип Талески со своите 2 и кусур, не се издигна над психичката блокада и стравот од неуспех и од критика. Ако на 19 години можеше да го решета Кил, може и сега со 25 и со бундеслигашки стаж, да постигне повеќе од пет гола на шест натпревари.

-лошо е одбраната да биде како швајцарско сирење, а некои играчи и понатаму да трошат кредити без покритие.

-лош е гардот кон јавноста и стравот од критика, конструктивна или претерана. Ако не можеш да се носиш со тешки зборови, не можеш ни со тешки противници!

-лош избор беше и Македонија облечена во оној „црно-црвен“ дрес на стартот. За среќа, само еднаш се појави. „Црвено-жолта, тоа е боја за која живот даваме…“, нели!

Една мудра изрека вели „Во животот не може секогаш да победите, но важно е со поразот да научите лекција“. И добро е ако научиме, порази за учење има колку сакате.

3.Светли точки во мундијалското сивило

На прв поглед не се многу, но  со оптимистички диоптер, има и некои добри работи што излегоа на виделина од македонскиот табор во Каиро.

-Кире Лазаров по 22 години се врати во Египет и ја заокружи неверојатната мундијалска кариера таму каде што почна. Поразите и бледата игра го засенија малку моментот, но не и големината на бројките зад името на капитенот. Уште еднаш, Лазаров заврши како прв стрелец во македонскиот состав со 28 гола, оствари недостижен подвиг – четири децении голови на СП, го постигна јубилејниот 500-ти гол во националниот дрес на големите натпреварувања и два пати заврши со признанието – најдобар играч на мечот. За Лазаров секоја чест иако, овој последниот податок не им оди многу на чест на младите да ги наттрчува капитенот на 40.

-Филип Кузмановски полека но сигурно веќе се профилира во предводник на новата генерација. На теренот помина најмногу од сите други (4 часа и 40 минути), грешеше, но и погодуваше, пола-пола (20/40), но од игра постигна најмногу голови од сите. Има дрскост и храброст, бундеслигашки тренинг и специфична карактеристика да не наведне глава на прва препрека. На чело го носи белегот од Краков како потсетување дека 2-3 конци зашиени на терен не може да го сопрат тој што сака да успее.

-Мартин Томовски носи најдобра статистика – специјалист за седмерци, одбранети 5 од 12 и единствен со место во Топ 5 меѓу голмани пеналџии, на неколку меча пред крај на главната фаза. Голманската позиција и така е најдобро обезбедена за иднина.

-Иако Кире Лазаров се уште е прва „седумка“ на десната бековска позиција, 20 години помладот Мартин Серафимов со „77“ на грбот, храбро зачекори по стапките на капитенот.

-Секој нов лет со раширени раце на Ненад Костески влева се поголема сигурност дека на десна страна добро ќе летаме и во наредните 10-15 години.

-Димитар Димитриоски од статист во Вардар, на ЕП истрча како втор со најдолга минутажа (4 часа и 25 минути поминати на терен) и се носеше со обврската, а над колективното сивило, во неколку потези се издигна и најмладиот во составот, Цветан Кузманоски.

Моежби имаше уште по некој блесок, но овие се тие највпечатливите.

По секој настап редно е да се тргне црта и да се сведат сметките. И секој да си ја понесе одговорноста. Секое чудо за три дена и проблемите под тепих е тактика за Лаки Лузерот.

Лаки Винерот игра поинаку.