СЕДМЕРЕЦ: Македонска лекција за Швајцарија

Никогаш не ја потценувај Македонија и не го нервирај Кирил Лазаров!

1.Радост, чест и „personal best“

Чeсни и пред себе и пред Бога, со велигденска победа против Швајцарија, македонските ракометари го заокружија најуспешниот квалификациски циклус досега и го „штиклираа“ настапот на ЕП 2022. Шесто ЕП во серија од вкупните седум за најуспешната македонска репрезентација.

Пет победи и само еден пораз е новиот најдобар квалификациски скор на Македонија во борба за настап на континенталните шампионати. Во претходниот циклус за ЕП 2020 имавме 4 победи со еден пораз и едно реми, три пати скорот беше 3-1-2, два пати 3-0-3…Сега за прв пат, Македонија оди на ЕП 2022 со 5-0-1, исто како Данска.

Има и уште еден интересен податок врзан за најуспешната македонска репрезентација во квалификациските циклуси за ЕП. Во четири од шестте квалификации во последните десет години, Македонија почнала со еден, а завршила со друг селектор. Цели циклуси како селектори истерале само Звонко Шундовски (ЕП 2012) и Ивица Обрван (ЕП 2016).

Во останатите било со смена. Шундовски почна, Обрван заврши за ЕП 2014. Лино Червар ги почна, а Раул Гонзалес ги заврши квалификациите за ЕП 2018. Шпанецот го почна и новиот циклус за ЕП 2020, но него го заврши Данило Брестовац. Иста практика се случи и во овој последен циклус. Брестовац ја почна, Кире Лазаров ја доврши работата за пласман на ЕП 2022.

Некои од овие квалификациски циклуси биле релативно мирни, некои малку потурбулентни, но, како заеднички именител под сите нив стои – зачуван континуитет во настапите на ЕП. Дали едното е подобро од другото останува беспредметно кога целта ќе биде постигната. А, целта нели, ги оправдува средствата.

2.Мотивација во комотна ситуација

„Ние сме победници и сакаме да победуваме“. Звучеше убаво за наслов изјавата на селектор-капитенот Кире Лазаров во најавата пред завршните два натпревари од овој циклус квалификации. За потоа да видиме како се испишува тоа и на терен.

Македонија, практично, уште во март го обезбеди настапот на ЕП 2022 со онаа историска победа против Данска. Во малку полабава ситуација, пласманот остана формално да се завери со бод или два во условно, полесните дуели со Финска и со Швајцарија,  репрезентации кои веќе ги победивме во првите дуели на стартот. Сето тоа, заедно со победата против Данска, за новиот стручен штаб носеше посебен предизвик, во оваа комотна ситуација да се наметне максимална концентрација и победнички менатлитет.

Со Финска лошо тргна, но на крај добро заврши. Со Швајцарија дома предизвикот беше уште поголем. Впрочем, тука и Швајцарците сами си направија лоша услуга и останаа без ЕП, заборавајќи на едно важно правило – никогаш не го потценувај противникот.

И, не го нервирај Кирил Лазаров кога играш со Македонија!

3.Товарот на очекувањата

Македонската репрезентација во овој квалификациски циклус и со релативно незгодна група, овој пат со време си ја обезбеди визата за ЕП и последниот меч не беше резултатски пресуден. За промена.

Но, селекторот и ракометарите ветија победа за Велигден. И ја остварија. За радост, за престиж и за самодоверба, за надигрување и за докажување, од пркост и гордост… Како и да е, победа си е победа. Македонија сака победи. И победници.

Не одеше се беспрекорно ни во Рихимаки, ни во Скопје, тоа е факт иако победите, во принцип, ги покриваат грешките. Во стручниот штаб сигурно се свесни дека им претстои уште многу работа до она најавено и посакувано модерно скоцкано издание на македонската репрезентација за ЕП 2022.

Кога ќе загусти, а  сега загустува дури и со полесни противници, на терен се уште е неопходно потребна и решавачка поддршката од Лазаров и од Миркуловски. Македонската репрезентација во последните два натпревари не успеваше да се одлепи ни со сите бравурози на Никола Митревски на голот. Во позитивна насока оди напредокот на Филип Кузмановски, кој чекор по чекор се посигурно ја гради лидерската позиција на новата генерација, но комплет бековската линија се уште е релативно танка и несигурна.

Со желба да ја оправда довербата во новиот сениорски предизвик храбро влезе младиот Игор Ѓорѓиев. Убав пример и за почеток воопшто не е лошо, но не е ни многу добро да се лансира како големо откритие и ѕвезда уште по првиот погоден седмерец…

Во Македонија очекувањата вообичаено ретко се поклопуваат со реалноста, а тоа понекогаш знае да биде и дополнителен товар. Од младите се очекува веднаш да станат искусни, од старите да останат вечно млади. Од селекторот да биде подобар од сите претходни… Оти така сме навикнати. А, од навиките тешко се откажуваме!