СЕДМЕРЕЦ: Зошто ги почитувам некои Филипи

Спортот е пофалба и критика, за по дома со попуштање може јамб да си играме!

  1. Спортот, критиката и јавноста како цртичка

Ги почитувам луѓето што прифаќаат добронамерни критики и во нив гледаат мотив, а не навреда. За суетите во спортот нема место. И кога ќе се протне по некоја понекогаш, обично завршува неславно. Па барем овде ние имаме побајаги такви примери во сите спортови!

Суетата кога тогаш, ќе се „лизне“ на терен, оти спортот е сцена и арена. Колку и да сакаш, на публиката не можеш да и „замачкаш“ очи. Гледа и разбира, и што е победа и што е пораз, и што е убав гол и што е клучна одбрана, и што е грешка и што е промашување. Знае окото на гледачот и што е подвиг и што е потфрлување. И што е реалност, а што алиби.

Разликува гледачот и што е добра тактика, а што лоша компензација. И кога има подем и напредок, и кога има пад и стагнација. Е, сега работата е како тоа ќе се изрази и како тоа ќе се прифати од другата страна.

На крај на денот, врската е суштинска-причински-последична. Спортот постои за публиката – спортската публика постои заради спортот. Јавноста и медиумите се онаа цртичка помеѓу. Како кабел за струја. Некогаш под висок напон, ама ако го пресечеш, ќе останеш во темница.

А, ако не се гледаш и те нема никаде, па исто како да не си „играл“ никогаш!

Нормално, правиме муабет за натпреварувачки, врвен, спорт број еден, два, три…европски, светски, олимписки. Таму каде што има титули, пехари, оредени, подиуми, трибини, публика, спонзори, ваучери…

За по дома со попуштање може јамб да си играме.

  1. Пријателските со Египет од двете страни

Тој што ќе исчита дотука гарант ќе се запраша – што е сега работата?! Па нели, со друго бевме преокупирани деновиве – ЕХФ недела, нашите до Египет отидоа, селекторот младите ги испроба да видиме кај ни е сега поголема и посилна базата, во Скопје или во Битола…Па, и Парондо нов договор потпиша откако со „фараоните“ два пати не „преслуша“.

Добро, баш и не е дека му го продолжија селекторскиот договор на Шпанецот оти сега Египет два пати ја победил подмладена Македонија во овие пријателските, ама ете, се погодија едноподруго натпреварите и договорот.

Ги видовме младите на дело и се соочивме со реалноста кога пак влезе Жути да помага за да не тргне негативата пак накај јануарската 19-ка, далеку било!

Што е за право, на овие две контролни со Египет имаше и добри и лоши моменти.

Добар е изборот да ги пробаме силите со силен противник, наместо да „билдаме“ пријателски победи со послаби и лажни надежи како лани, па после да биде куку-леле, не бевме подготвени, бевме изненадени…виновни се медиумите што пишале дека сме изгубиле.

Добро е што оние од преодната генерација веќе полека почнуваат да сфаќаат дека сега тие ја носат одговорноста, па некогаш треба и да повлечат и да спасат и да шутнат.

Добро е што младите добија шанса и што добар дел од нив влегоа подготвени да ја искористат, да играат и да се докажат.

Лоши се поразите, оти нели, ние одиме секогаш на победа, ама не се и неочекувани со оглед на разликата во искуството и во квалитетот, па и во рејтингот кога на другата страна од теренот имате полуфиналист од ОИ и четвртфиналист од јануарското СП, а на оваа надежи и „полетарци“.

Лоша е играта топло-ладно на дел од играчите што реално, можат многу повеќе, но некако го губат ентузијазмот меѓу очекуваното и добиеното и оптимумот во пробните ротации и поделба на позиции.

Лошо или не многу добро, е што дел од играчите наместо да напредуваат, стагнираат во некоја помалку лагодна загарантирана, па и по малку привилегирана позиција во националниот тим, кога се подзаборава што значи „здрава конкуренција“ и постојан стимул да се биде подобар од претходно.

За среќа, сето тоа со работа се поправа и се дотерува, ако се има визија и добар план во целиот процес. Впрочем, за тоа се и тест натпреварите, да видиме до каде сме, што ни се предностите и недостатоците и што може најдобро да се извади од материјалот што го имаме. Се разбира, ако се има вистинско чувство и волја да се дестилира најдоброто, и од пофалбите и од критиките.

  1. Две приказни за двајцата Филипи

И, тука се враќаме на она од погоре. За различниот „прием на топката“, за пофалното или погубното влијание на критиките, но некогаш и на пофалбите.

Имало и едно и друго, сведоци сме низ годините. Едни се изгубиле погодени од критиките, други брзо „изгореле“ залажни од пофалбите.

Да бидеме реални, никој нормален не останува апсолутно рамнодушен, ни на едно ни на друго. Без разлика дали си долу на терен, горе во ложа и уште погоре зад тастатура. И, затоа им се восхитувам на оние што знаат да одиграат „еден-на-еден“ во секоја ситуација и да останат во игра, уште помотивирани.

Можеби ќе се согласите, можеби не, но мене двајца Филипи во овие дваесет и кусур години ми се најомилените примери.

Филип Лазаров само тој знае колку пати бил „дежурен виновник“ и примал стрели за се и сешто, најмногу затоа што се родил како помал брат на Кирил Лазаров! Загубени топка и најобични грешка имало стотици на терен, но ако му падне топката на Фиќо, е тогаш тоа секогаш е зголемено под лупа до национална катастрофа. И зад секоја добра партија кога знаел да го вади клубот или репрезентацијата од калта како онаа на СП 2013 во Шпанија, кај него веднаш се барала некоја друга „позадина“.

Филип, безмалку во целата своја кариера, сето тоа со години го носи како товар на грб. Но, и покрај сите можни критики, тој секогаш успева да остане исправен и позитивен и секогаш разумен и искрен. Не му било сеедно сигурно, но никогаш, ама баш никогаш, не одбил да зборува. Знаел дури и да се пошегува на своја сметка, ама никогаш јавно не потклекнувал и со никого не се пресметувал. Туку одмерено и достоинствено се справувал и со пофалбите и многу почесто со критиките, дури и оние најболните и најнеправедните. Го кажа тоа отворено и во саботното интервју и сите не потсети дека медалот секогаш има две страни. Токму затоа Филип Лазаров за мене бил и ќе остане еден од спортистите кои најмногу ги почитувам.

Вториот Филип во сторијата за пофалбата и критиката е оној помладиот, Филип Кузмановски.

Често се смееме на една анегдота од ЕП 2016 во Полска. Филип нов, дебитант во сениорскиот тим, желен да ја оправда довербата и да се докаже, во авион како од пушка прашува:

– „Кога ќе ме има во „Седмерец“?

Овие постарите му се смеат – таму поарно барај да те нема, ако те има ќе те критикува.

А, тој на тоа со насмевка вели: -„Ако, не се плашам, може и од критиката нешто ќе научам“.

Некоја година подоцна…Македонија во Кожани шокирана од Грција во квалификациите за СП 2019. Во целата агонија по болниот пораз, Филип еден од најкритикуваните – како се измангупил во Битола, па се опуштил, па не може од терен да се одлепи, па толку ќе биде од него…

Не му е сеедно, се гледа, но неговиот одговор пак е со насмевка: „Ме „утепавте“, ама ќе видите, ќе се поправам и ќе докажам дека можам“.

И така беше. Следната година заигра во Бундес лига, ја преброди тешката прва сезона, продолжи и не се откажа. Понекогаш игра топло-ладно, но дефинитивно тој е лидерот на новата генерација. Затоа што знае да се бори и да ја победи критиката.

Ете затоа оваа колумна во ЕХФ неделата е за двајцата Филипи кои неизмерно ги почитувам и кои одвреме-навреме точно знаат да ме потсетат дека во спортот има различни победници.