Вујовиќ: Сите ги интересира зошто некои играчи не играа, но сега не можам да објаснувам

Ракометарите предводени од Веселин Вујовиќ стигнаа до победа на првиот натпревар на 49. издание на Струшкиот турнир против организаторот на истиот, Струга со 39:26.

За разлика од вчерашното издание против Еурофарм Пелистер, денеска тренерот беше задоволен од изданието на македонските ракометарки и најавува сосема различно издание во можното финале против истиот противник.

„Можам да кажам дека Струга беше еден достоен противник, но не толку силен за да мораме да го дадеме нашиот максимум. Секогаш кога играчите ја забележуваат разликата во квалитет доаѓа до психолошки пад. За разлика од вчера задоволен сум од билансот на македонските играчи. Тргнавме добро во првиот дел, дадовме 21 гол што е многу. Знам дека навивачите се во паника и бараат победи, знам и дека на Еурофарм Пелистер им е важно да освојат некој трофеј, засега тоа е така, но ќе видиме кога ќе се делат титулите како ќе биде. Ќе продолжиме со ротацијата, сите играчи да имаат минутажа и на следниот натпревар и во финалето. Сите луѓе ги интересира зошто некои играчи не играа, веројатно јас знам зошто го правев тоа, но сега не можам тоа да го објаснувам. Во текот на утрешниот ден пристигнува Гурбиндо, ќе видиме дали ќе биде составот против Бутел, ќе го има првиот тренинг и состанок со екипата.  Неговото доаѓање отвара нови можности на тимот и сигурно доколку стигнеме до финалето ќе биде многу поразлично од Супер Купот“, коментираше Вујовиќ.

Вардар настапот на Струшкиот турнир ќе го продолжи во сабота кога ќе се сретне со Бутел Скопје и со триумф ќе обезбеди финале на турнирот.