СЕДМЕРЕЦ: Најдобриот нека биде шампион!

Вардар го победи Еурофам Пелистер и се врати во игра за титулата, шампионот оди на втора „меч топка“ во Охрид, а охриѓани си имаат свои пресметки

1.Вардар на чекање

Најдобриот нека биде шампион – рече Стевче Алушовски, многу едноставно најавувајќи ја финалната разврска во суперлигашкиот плеј-оф која баш и не е толку едноставна.

Шампионот Еурофарм Пелистер ја пропушти првата меч топка на сред Скопје да прослави нова титула. Сметките на битолчани им ги помрси – кој друг ако не Вардар!

„Црвено-црните“ пред својата публика во „Јане Сандански“ го добија големото дерби, му го нанесоа првиот пораз на Еурофарм Пелистер во плејофот, се реваншираа за поразот во Битола, додуша со помала разлика, и се вратија во игра за враќање на титулата. Но оној непланиран пораз во Кавадарци и лошиот влез во плеј-офот го ставаат Вардар во позиција на чекање.

За враќање на шампионската титула вардарци зависат од себе, но и од другите. И чекаат кикс на Еурофарм Пелистер.

Вардар во дербито покажа борбеност, истрајност, добра тактичка подготвеност, оптимална искористеност на целиот потенцијал и на адутите во вистински момент. Во меч во кој резултатот беше во преден план, а притисокот речиси опиплив, се грешеше и на двете страни. Но, вардарци успеаја да грешат помалку од противникот и на крај да го надиграат шампионот.

Никогаш не го отпишувај Вардар пред време! Се потврди по 1.999 пат.

2.Втора меч топка за шампионот

А токму тоа му се случи и на шампионот. Еурофарм Пелистер самоуверено и малку повеќе опуштено по сензационалната победа против Алкалоид во Автокоманда со која го исфрли вицешампионот од игра, во „Јане“ се лизна и не ја фати првата меч топка за одбрана на титулата. Пелистерци ја пропуштија шансата против Вардар во Скопје да прослават нова титула и да им направат голем мерак на битолските „чкембари“ традиционално завојувани со скопските „комити“.

Битолчани го платија данокот на претходната победа која можеби малку повеќе им ја крена самодовербата и малку повеќе ги опушти. Се најдоа затекнати, на моменти изненадени и збунети од отпорот на вардарци како прв пат да играат со најголемиот ривал, па по десетина минути да не можат гол да постигнат!

Можеби и залихата и комотната позиција што ја има Еурофарм Пелистер со резервна опција за одбрана на титулата, влијаеја на психата и на играта на битолскиот тим.

А, можеби и преголемата желба ги изгоре битолчани во клучните момент.

Како и да е, шампионот во второто дерби во Скопје не одигра шампионски и ја продолжи неизвесноста околу шампионската титула најмалку за уште една недела.

3.Кој чека (нема) да дочека

Скопскиот пораз, прв во плеј-офот, сепак не го обесхрабри Бранче Ангеловски. Шефот на клупата на битолчани кој во играчката кариера го носеше и „зелениот“ и „црвено-црниот“ дрес, на Вардар му порача дека „може да чека кикс колку сака, ама тој кикс нема да го дочека“.

Бранче ќе има шанса тоа да го докаже веќе в недела кога Еурофарм Пелистер на гостувањето против Охрид ќе ја има втората меч топка за одбрана на шампионската титула.

Сепак, да не заборавиме дека тука нешто се прашуваат и охриѓани кои по изненадувачкиот настап во плеј-офот, сега на неколку кола пред крај, им дишат во врат на актуелниот и на поранешниот шампион во борбата за титулата.

Стевче Алушовски не е некој што лесно се предава и што тукутака би прокоцкал историска шанса. А не е ни Охрид под негово водство.

„Ние не се откажуваме, ако можат Вардар и Еурофарм Пелистер да се надеваат на титулата, зошто да не се надеваме и ние? Нема да бидам нескромен, мислам дека и Охрид има шанси да се бори за титула…Се е можно“ – порача Алушовски.

Аљуш тренерски е најискусен во тројката поранешни репрезентативци сега тренери што се борат за шампионската титула. Сигурно не пресуден, но во одредени ситуации може да биде и тоа како битен фактор.

Впрочем, Алушовски со Охрид или Охрид со Алушовски, во плеј-офот веќе направи едно големо изненадување кога прв му ги помати сметките на вицешампионот Алкалоид. Во македонската Супер лига тоа ич не е мала работа.

Па сега, најдобриот нека биде шампион…