РАКОМЕТНИ ПРИКАЗНИ: Виктор и Михаела Вељаноски – братско сестринска врска што ги поврзува Металург и Вардар

Виктор и Михаела Вељаноски се млади, перспективни ракометари со голем потенцијал, но и со голема посветеност и желба да бидат успешни во спортот. Тие се брат и сестра,  потекнуваат од кичевската ракометна школа и се меѓу најголемите таленти израснати под водство на тренерот Драган Кузманоски.

Нивниот потенцијал набрзо е детектиран од големите скопски клубови каде тие ја продолжуваат својата кариера. Виктор на 16 годишна возраст, пред шест години, од Кичево се сели во младинската екипа на Вардар, извесен период поминува во Пролет, а потоа по препорака на Филип Миркуловски оди во Автокоманда, Игор Котевски го зема под свое во Металург РА и таму останува. Иако на почетокот фудбалот му е прва опција, а ракометот „спорт што не го познава“, на крај тој му станува професија. Неколку години подоцна, во Скопје му се придружува и помалата сестра…

„Прво јас дојдов во Скопје, а потоа и Михаела. Во Кичево немаше многу услови, бевме мал број на играчи, некогаш дури и недоволно за да направиме „нормален“ тренинг. Една полусезона играв за Гостивар, им помагав, одев само за натпревари. Потоа добив понуда од Вардар и дојдов во Скопје и тука од трета година го продолжив и средното образование во фискултурното училиште „Методија Митевски Брицо“. Мислам дека за мене беше пресуден  тој повик од Вардар. Тоа беше еден чекор напред и дефинитивна одлука да продолжам со ракометот.  На почетокот ми беше тешко додека се навикнав на новата средина, на животот во интернат. Но, ги издржав тие две години, а потоа веќе беше многу полесно. Тренирав во квалитетна средина, а покрај ракометот продолжив и со студии на Факултетот за физичка култура. И мислам дека  направив правилен избор. Ако останев во Кичево сигурно многу рано ќе прекинев со ракометот“, раскажува Виктор за оној пресуден момент во неговата кариера.

По стапките на својот брат оди и помладата сестра Михаела, која всушност и прва почнува да тренира ракомет и како најмала го „воведува“ овој спорт во семејството. Но, и таа како и нејзиниот брат после извесно време веќе не гледа голема перспектива во мала средина како Кичево и шансата за напредок ја бара во поголем клуб.

Нејзиниот талент го препознаваат во ЖРК Вардар и таа лани се приклучува во младинскиот состав на вардарки. Михаела доаѓа на проба во ЖРК Вардар, брзо се вклопува, ги освојува симпатиите и останува во клубот. Иако новата средина на старт ја плаши, сигурност и дава тоа што не е сама и што ја има поддршката од семејството.

„Таква беше ситуацијата, во Кичево многу девојчиња се откажаа од ракометот, клубот немаше доволно играчи. Јас бев упорна, се случуваше обично во петок да бидам сама на тренинг. Како помала бев многу крупна и за мене ретко кој веруваше дека ќе биде нешто во спортот. Само тренерот Драган Кузманоски веруваше во мене и беше убеден дека може да успеам. И сега редовно се слушаме, се интересира, секогаш е тука за нас кога и да ни треба некој совет. Имав голема помош од тренерот, тој многу работеше со мене, ме поддржуваше и ми помогна да дојдам на проба во Вардар, да ме видат тренерите и јас да видам како би се вклопила во нова средина. Не размислував многу, веднаш прифатив и дојдов во ЖРК Вардар. На почетокот, искрено ми беше малку страв. Не знаев како ќе ме прифатат тренерите и другите ракометарки. Во Вардар беше селектирана многу добра младинска екипа под водство на Анжела Платон и Марија Папуџиева. Во Кичево бев прва, најдобра во мојата генерација, овде имаше многу силна конкуренција. Првите денови ми беше многу тешко, бев сама во нова средина. Но, во клубот брзо ме прифатија и тоа за мене беше пресудно. Јас сум презадоволна и од тренерите и од управата и од целата екипа. Ми дадоа огромна поддршка и многу шанси да играм и да напредувам. Добивам шанса да играм и во првиот тим и тоа за мене е уште поголема мотивација“, вели Михаела.

За една година, напредокот и резултатите се видливи. Михаела Вељаноска летово влезе и во поширокиот состав на македонската кадетска репрезентација пред настапот на СП У18.

„Бев на поширокиот состав на кадетската репрезентација во јуни, но бев повредена и не се покажав во најдобро светло. Се надевам дека следнава сезона ќе биде многу подобро. Сакам да тренирам, да сум подготвена, да напредувам. Мило ми е што има силна конкуренција во клубот и гледам да ги стигнам подобрите. На пример кај нас во Вардар на мојата пикерска позиција е репрезентативката Ивана Џатевска и таа ми е како еден пример. Сакам да работам и да напредувам во ракометот, но во исто време гледам да не го запоставувам ни училиштето. Се надевам дека ќе успеам“, вели скромно младата ракометарка на ЖРК Вардар, но со јасна цел пред себе.

Михаела пред неколку дена го потпиша својот прв двегодишен договор со ЖРК Вардар и во „црвено-црниот“ табор засега ја гледа својата иднина.

„Во ЖРК Вардар толку добро ме прифатија, се ми овозможија и не ни размислувам за друга опција. Тука сум задоволна и добро напредувам. Сакав да останам и среќна сум што го потпишавме договорот и што ќе бидам дел од ЖРК Вардар и во наредните две години. Се навикнав во новата средина и сега е веќе многу полесно за разлика од лани. Многу ми значи тоа што сме тука заедно со Виктор и со нашата постара сестра Викторија која исто така студира во Скопје. Заедно е полесно. Се помагаме и се поддржуваме. Тоа на сите многу ни значи“, истакнува Михаела.

Она што Михаела ќе ја приврзе за ЖРК Вардар, Виктор го наоѓа во Металург РА. И покрај сите проблеми низ кои минуваше клубот од Автокоманда, тој се уште е расадник на таленти и место каде што младите играчи добиваат шанса да играат и да напредуваат. Како бек дефанзивец, за Виктор е посебно драгоцено минатосезонското искуство во Металург РА да игра заедно со долгогодишниот македонски репрезентативец Велко Марковски.

„Велко многу ми помогна да напредувам како одбранбен играч, многу научив од него. Игравме заедно една полусезона, кога играчите од првиот тим на Металург по суспензијата се приклучија и ја доиграа сезоната во Металург РА. Мене повеќе ми лежи играта во одбрана, а Велко тука е еден од најдобрите, за тие неколку месеци многу научив од него“, истакнува младиот ракометар на Металург РА.

Неговите амбиции и во иднина се врзани со тимот од Автокоманда пред кој во новата сезона стои голем предизвик.

„Мојата цел на прво место е со Металург РА сезонава да бидеме први и за следната сезона да влеземе во Супер лига. Моментално тоа ни е најбитно. Добра екипа сме, сите се добри момци и верувам дека ќе успееме да ја оствариме целта. Амбициите засега се врзани со клубот и со факултетот, барем во наредните 2-3 години. Се надевам дека состојбата во клубот ќе биде стабилна и дека сезонава ќе ја оствариме целта. За понатаму ќе видиме како ќе биде. Нормално, за секој спортист е предизвик доколку има можност, да заигра и некаде во странство. Но, мислам дека за да биде успешно сето тоа, прво треба да се собере искуство и да се достигне одредено ниво“, вели Виктор.

Иако знаат да се пошегуваат дека еден ден можеби сепак ќе заиграат како брат и сестра и двајцата во ист дрес, засега остануваат задоволни и посветени секој со својот клуб.  Млади се, но добро знаат што сакаат и се трудат да успеат, взаемно се помагаат и се поддржуваат и знаат да ги почитуваат вистинските вредности во спортот.

„Треба голема посветеност, доаѓаат лоши моменти кога помислуваш да се откажеш. Добро е што ние сме тука еден за друг. Се поддржуваме и си разменуваме искуства, совети. Добро е и што имаме голема поддршка и од нашите родители кои ни овозможија да дојдеме тука за да напредуваме, секогаш се тука за нас и не поддржуваат во нашиот избор, без притисок. Тоа многу значи за нас“, истакнува Михаела.