По четири месеци пауза, Дарко Ѓукиќ на тренинг со Вардар (ВИДЕО)

Десното крило на Вардар, Дарко Ѓукиќ по успешната рехабилитација денес започна со тренинзи.

Српскиот репрезентативец во месец септември на суперлигашки натпревар против тимот на Прилеп се здоби со тешка повреда во која ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено.

Поради тоа, Ѓукиќ не му беше на располагање на тренерот Владо Недановски, кој на десната крилна позиција ги има на располагање уште Гоце Георгиевски и перспективниот ракометар Ален Ќосевски.

Медицинскиот тим на Вардар ќе ја следи неговата состојба и се уште не е познато дали искусниот ракометар ќе може да настапи на следните натпревари.