ИНТЕРВЈУ БРАНИСЛАВ АНГЕЛОВСКИ: Не прифаќам споредна улога, треба да бидам важна ’алка’ за да му се вратам на ракометот!

Повеќе од година дена една од иконите на битолскиот и македонскиот ракомет, Бранислав Ангеловски е надвор од ракометните случувања. Тој е дома, на константна релација Битола – Скопје, поради обврските со фамилијарниот бизнис и барем засега нема никакви ракометни активности. Официјално стави крај на играчката кариера во 2017, а потоа две години беше спортски директор на романска Констанца, за од таму да се врати во Македонија.

Многумина го гледаа како дел од „проектот за европска Битола“, односно фузијата на Еурофарм Работник и Пелистер, која намерно или случајно, тој ја најави на неговиот проштален натпревар, со кој стави крај на 20-годишната кариера. Со богато интернационално искуство, 159 настапи за А националниот тим, мастер коуч диплома и две години искуство како спортски директор, тој наместо да работи за доброто на македонскиот ракомет, е надвор од него. „По сопствен избор“ – вели Ангеловски, или подобро кажано во исчекување на вистинската понуда.

„На мојот проштален меч во Битола на картата стоеше Еурофарм Пелистер и ако некој ја направи фузијата тоа беше Бранко Ангеловски. Самоиницијативно, без никој од страна да ми сугерира што и како треба. Потоа, кога се вратив во Македонија, сите ме прашуваа што и како ќе се случува со битолските клубови. Првенствено се вратив во Битола за фамилијарниот бизнис, кој сега го водам, а за во ракометот чекав некој да ме исконтактира. Лани пред почетокот на сезоната имав разговор со Зоран Стерјев, кој најави дека ќе соработуваме. Сезонава, пак, добив конкретна понуда да бидам во управата на Еурофарм Пелистер. Мене таа улога ми е страна, непозната. Во управа на клуб се луѓе кои се состануваат два пати во четири-пет месеци, а тоа е премалку за мене. Таму не можам да бидам 24/7 со мозокот во ракометот. Целото мое искуство, енергија и слободно време сакам да го насочам. Имам мастер коуч диплома, 159 настапи за А репрезентација. Сум соработувал со сите селектори со исклучок на Гонзалез и на Брестовац. Огромно интернационално искуств и две години спортски директор на романска Констанца. Цел живот сум на терен и нема да дозволам да имам споредна улога. Не е важно дали Бране Ангеловски ќе биде во Еурофарм Пелистер или не, се надевам дека тие ќе си ги исполнат целите кои си ги имаат зацртано. А, што се однесува до мене, јас сакам да делувам долу на паркет, без разлика на која функција. Сигурен сум дека ќе му се вратам на ракометот, но сакам да делувам на теренот, сакам да бидам важна алка во некој проект“ – дециден е Бранислав Ангеловски.

ЗАМИНУВАЊЕТО ОД КОНСТАНЦА МИ Е МОЖЕБИ НАЈДОБАР ТАЈМИНГ ВО КАРИЕРАТА

Ако од една страна фузијата на битолските клубови се сметаше за причина за неговото враќање дома, од другата страна се мислеше дека и финансиските проблеми во Констанца го вратија Бранче дома. Но, сега тој убаво објасни дека сосем трета била причината.

„Во Констанца требаше да останам до 2020 година и моето враќање дома немаше врска со ракометот, семејството сакаше да се вратиме дома, а и беше веќе време 25-годишниот семеен бизнис да го наследам. Спортски директор станав на барање на новиот претседател на клубот, кој претходно ми беше клупски соиграч. Имав активен играчки договор уште една сезона и мојот план беше да го доработам договорот и потоа да се вратам во Македонија и во Битола да ја одиграм последната, проштална сезона и така да ја завршам кариерата. Пред да прифатам побарав пет дена за да размислам, а потоа се согласив за пет минути. Романија е огромна држава, а јас бев единствениот спортски директор – странец во сите спортови во Романија. Горд сум на она што го направив за две години на таа функција, но и заминувањето од позицијата во Констанца е можеби најдобриот тајминг во целата моја кариера. Немаше финансиски проблеми. Се случија многу работи. Буџетот од градот како главен спонзор беше намален за 10 посто, имаше промена на законот за странски играчи, па моравме да купуваме домашни, романски ракометари за кои обештетувањето беше многу високо. Клубот не сакаше навреме да ги потпише слободните играчи и нивната цена постојано растеше, тројца играчи кои ги сакавме заминаа во Динамо Букурешт… Се најдовме во една ситуација во која сфатив дека немаме екипа, која во новата сезона ќе може да се бори за шампионска титула, што според логиката на нештата требаше да биде следен чекор. А, сето тоа ќе се одразеше на мене како спортски директор. Врвот беше кога претседателот ми предложи една недела да работам во Романија и три недели да бидам дома со семејството. Тоа беше крајно непрофесионално, или работам и сум максимално посветен или не работам… А, дека сум човек со образ, тоа може да го потврди Никола Митревски. Тој уште лани требаше да оди во Порто, но имаше договор со Констанца и ќе требаше Португалците да платат обештетување. За да замине без проблеми се договоривме тоа да биде во клуб во Франција, Германија или да се врати во Македонија. И така тој дојде во Еурофарм Пелистер.“

НАЈТЕШКО БЕШЕ ДА СИ БИТОЛЧАНЕЦ КОЈ ИГРА ВО СКОПСКИ ТИМ И ГОСТУВА ВО БИТОЛА

Покрај интернационалната кариера, Ангеловски го има носено дресот на трите најголеми македонски клубови Пелистер, Вардар и Металург, и во сите три средини неговото име е запишано и првите шампионски титули.

„Во сите дресови се сеќавам само на најубавите моменти, се обидувам да се држам на позитивните работи. Лошите моменти ги чувам во некој фолдер што може подолу во меморија и ако треба да го барам да потрошам многу време и да не излезе на површина. Почнав во Пелистер и мислам дека таа школа која ја минав сега недостасува во ракометот и најблизу до тоа беше Металург со Лино Червар. Филтерот во Битола беше најважен, но на почетокот како младинец немав место да напредувам, бев 18ти играч во првата екипа, па заминав за Скопје. Дојдов во Вардар како младински репрезентативец и среќен сум што можам да кажам дека сум бил дел од тимот на Вардар кој по осамостојувањето ги освоил првите шампионски титули. Во 1997 година го освоивме Купот на Македонија, немав ни 20 години, а потоа во 1999 Вардар стана шампион на Македонија и јас имав голема улога… Една полусезона играв и за Пролет. Од Вардар заминав затоа што ми пречеше да играм лево крило, мислев дека можам многу повеќе да дадам како среден бек. По една полусезона во Пролет, тогаш веќе како А-репрезентативец добив понуда од Загреб и и ден денеска сум благодарен што управата на Пролет имаше слух и ја разбра мојата желба и ме пушти да одам без никаков проблем, како слободен играч иако имав уште година ипол договор. Од загреб се вратив дома, во Пелистер, во период кога клубот четири години немаше трофеј. Направивме добра екипа таа сезона и донесовме двојна круна, која беше последна за Битола. Интересно е што таа сезона на битолски клуб спонзор му беше скопскиот градоначалник, Трифун Костовски. Тој јасно даде до знаење дека ќе помогне една сезона додека управата на клубот да најде начин да направи буџет за следната. Освоивме двојна круна, но наместо да продолжиме како европски клуб, сите си заминавме. Јас требаше во ’пакет’ со Ванчо Димовски и Мојсовски да продолжам во Вардар, но Металург беше поупорен. Тогашниот тренер Јовица Цветковиќ лично ме побара и се договоривме. За две години во Металург освоивме сè што можеше да се освои. Одново првата шампионска и Куп титула на Металург поврзани со името на Бранко Ангеловски, кој тие години беше и МВП на Купот и на првенство, а и од РФМ бев прогласен за најдобар играч. Тоа е времето во кое бев најмногу играчки исполнет… Во тоа време ривалитетот меѓу Скопје и Битола беше многу голем. Беше тешко од Битола да бидеш прифатен во Скопје, а уште потешко, битолчанец кој игра во Скопје и гостува во Битола. Сега го нема тој притисок“ – се потсетува Ангеловски.

ДОЈДОВ НА ШЕСТ МЕСЕЦИ ОСТАНАВ ДЕВЕТ ГОДИНИ ВО РОМАНИЈА

Интернационалната кариера го води во Франција, потоа ОАЕ, одново се враќа во Вардар, за на крајот приказната да ја заврши во романска Констанца, каде оди на шест месеци, а ќе остане девет години, па дури таму и ќе се прости од активно играње ракомет.

„Во Констанца требаше да одам година дена порано, но тие не ми дадоа договор навреме и ги чекав повеќе од пет недели, за на крајот да си подадам рака со Михајло Михајловски и да се вратам во Вардар. Но откако си замина Вујо од екипата и дојде Љупчо Савевски за тренер во Вардар и направи милион проблеми, немав друг избор освен да си заминам. Тогаш Цветковиќ стана тренер на Констанца и одново ме побара и така отидов во Романија. Цветковиќ не издржа долго, играчите го саботираа, не можеа да го прифатат неговиот систем на работа. По неговото заминување сакав да си одам и јас, но тој ме пресече и ми рече дека не го знаел Бране како кукавица. Бев ставен на тест во Констанца и издржав машки таа полусезона, за потоа никогаш да не заминам од таму. Имав опција во 2012 да се вратам во Металург, скоро и се беше договорено. Но, кога беше именуван Звонко Шундовски за тренер на Констанца не можев да си заминам. Дојдов на шест месеци, останав девет години – седум како играч и две како спортски директор.“

САКАВ ПРОШТАЛНА СЕЗОНА ВО БИТОЛА, А НЕ ЕДЕН МЕЧ

Ангеловски имал желба кариерата да ја заокружи од таму каде што почнал, Битола, но тоа да го стори со играње на цела сезона за битолски клуб, а не само еден ревијален меч.

„Сакав да имам проштална сезона во Битола, да завршам таму каде што почнав, но со сплет на околности се случи проштален меч, кој го обмислив на одмор. Постојано запишував некои детали и чекав ден кога сите ќе бидат слободни да ги соберам. Знаев дека ќе биде ЕХФ недела и имав среќа што Македонија не играше натпревари тогаш. Им благодарам и на претседателот Мукаетов, и на тогашниот селектор Раул Гонзалез како и Чакаревски, кој беше спортски директор кои имаа слух и разбирање дека се работи за ревијален меч. Лазаров се појави повреден, единствено Борко Ристовски не дојде, зошто не ми е уште јасен. Направивме ракометен празник и неодамна се потсетив со каква енергија го организирав сето тоа. Нервозата со деталите ми одземаа пет години од животот, но вредеше… Најинтересна беше реакцијата на луѓето кога им кажував дека сакам да ги згаснеме светлата на претставувањето во сала и пак да ги запалиме. Ми велеа ’Како!? Ќе го згаснет светлото во салата на претставување и потоа да го запалиш? Знаеш кога ќе ти се запали? Утре, може и задутре’ (се смее). Но, имав поддршка од општината, од Домот на културата во Битола, поработевме на светлото, па со стоперка мерев дека за четири ипол минути, ќе се вклучи осветлувањето и успеавме. Реално, најважно беше третото полувреме…. дружбата на крајот. Се радувам што по мојот проштален меч во октомври, РФМ организираше Куп на Македонија во април следната година и успеја истото да го изведе на претставувањето со згаснато светло.“ (се смее)

СРЕЌЕН СУМ ШТО НЕ БЕВ ЖРТВА НА РАКОМЕТОТ

Кога ќе погледне 20-тина години наназад Бранче вели дека е среќен што кариерата ја минал без посериозни здравствени проблеми и повреди и дека има некои одлуки кои не зависеле само од него, но генерално не жали за ниту еден потег.

„За некои работи не сум донел сам одлуки и не зависело се од мене. Генерално среќен сум што кариерата ја минав без посериозни здравствени проблеми и повреди, не бев жртва на ракометот. Надвор од терен добро се чував, особено како што ми минуваа годините. Никогаш во кариерата не сум пиел алкохол на ден пред натпревар, тоа ми беше како ритуал. Од денешна гледна точка жалам што не останав во Франција, но од друга страна ако останев таму можеби никогаш немаше да се вратам во Македонија. Таа сезона во Тулуз имав пех за пех и едноставно морав да си заминам. Ете, за таа одлука можеби, како и тоа дека со Македонија никогаш не сум играл против репрезентација на Франција. Не го фатив тоа време (се смее). Омилен гол ми е голот со кој ја завршив кариерата, на прошталниот меч. Во кариера не знам дали повеќе од пет пати сум решавал натпревар  и нормално добив шанса на прошталниот. Сите ми се тргаа од патот, па дури и голманот ми даде знак дека ќе се тргне, а во еден момент си помислив Бране по толку години подготовки не е дека сега ќе утнеш. Одев со топка да влезам во гол… А, некој што не го сакам тоа е судиската двојка Лопез – Рамирез, тие ми се најомразен судиски пар. Нè оштетија на мечот со Данска на ЕП 2012, а потоа и на олимписките квалификации против Унгарија за ЛОИ во Лондон.“

БЕЗ ТЕМЕЛКОВ НЕ МОЖЕВМЕ НА ЛОИ ВО ЛОНДОН

Не може да зборувате со Бранко Ангеловски за неговата кариера, а да не го споменеме националниот тим… А, и разговорот нè водеше во тој правец.

„Жал ми е што не отидовме на ЛОИ во Лондон. На три дена пред квалификацискиот турнир на пријателски меч со Романија, се повредува Темелков. Добива потрес на мозокот, а тој беше клучен играч, затоа што со него во игра дозволуваше и Лазаров да игра одбрана и ние затоа не случајно имавме по 30 гола на натпревар, имавме многу добра полуконтра, многу добра транзиција. Со неговата повреда моравме да го менуваме Кире во одбрана и тука таа генерација одигра различно со Темелков и без него. Убеден сум дека ако го имавме во тимот ќе игравме на Олимпијада… Исто така ми е жал за дуелите во Ниш на ЕП 2012 кои ги загубивме (поразот од еден гол од Германија и ремито со Шведска), кои ни ја донесоа Данска потоа. Ако во Ниш поинаку одигравме најмалку полуфинале ќе игравме во Белград таа година“ – ги анализира репрезентативните случувања Ангеловски и додава: „Каква генерација имавме претходно – Лазаров, Марковски, Ангеловски и Јовиќ беа главни играчи во хрватското првенство само шест месеци пред Хрватска да стане светски првак во 2003 година. На дуел Загреб – Метковиќ, 65 посто од головите ги даваа македонски репрезентативци, Иван Марковски беше најдобар стрелец во хрватско првенство заедно со Лазаров, а со националниот тим не успевавме да направиме нешто.“

Истата паралела може да ја повлечеме и денеска… Имаме клубови кои играат во Европа, со Вардар како актуелен европски клупски првак, со генерација која заврши шеста на СП У21 во 2017 во Алжир, со голем број на познати и признати интернационалци… Успехот со националниот тим се уште недостасува.

„Вистина е дека логистичката поддршка од Федерацијата сега е силна и стабилна како никогаш, но за да се направи голем успех мора многу работи да се поклопат. Мислам дека треба да се следи моделот на Металург. Филип Миркуловски се изгради преку играње за Металург во Европа, во ЛШ, а Филип Кузмановски, кој го гледа денеска во Германија, или Талески на клупа на Вардар, кој влегува пет минути во игра. Тепачка беше за Мишевски каде ќе оди, а против Брест седеше на трибини… Успехот во 2012 беше од Металург, од каде доаѓаше цела репрезентација, со иклучок на четворица интернационалци и Столе од Вардар, сега сме некако раштркани, ќе ни треба време… Имам голема надеж во Левче Китевски, затоа што е многу студиозен. Тој беше дел од Металург кога се градеше тој проект, и токму таквиот костур е причината што клубот преживеа по финансискиот крах во 2014. Вистина не играа четвртфинале во ЛШ, но малку им недостасуваше да се најдат во следната фаза. Од тој Металург имаа и втора школа, а сега доаѓа и третата…“

ОБРВАН Е МРТОВ ЗА МЕНЕ

Последниот настап на Бранче за националниот тим е на ЕП 2014 во Данска, кога имаше многу перипетија и шпекулации поврзани со него, а сега тој ја кажа својата страна од приказната.

„Ивица Обрван е единствената личност на светот со која јас не разговарам и нема да разговарам во мојот живот. Сметам дека не заслужува ни да биде спомнат во ова интервју. Тој е за мене мртов, а за мртвите луѓе се најдобро… На ЕП во Данска имав 37 години и веќе планирав да се повлечам од репрезентација, но одиграв затоа што немаше кој. Мојсо ги скина предните вкрстени лигаменти, Прибак немаше право да игра на првите три натпревари, Филип Лазаров заработи скршеница на дланката на подготовки, Дејан Пецаковски имаше проблеми со колено, го имаа единствено Ацо Јоновски како бек-дефанзивец и тогаш ми се јавија на мене, како шестти играч. Секако дојдов за да и помогнам на репрезентацијата. Обрван беше премногу суетен, неговото мислење беше единствено, немаше простор за комуникација, дури си дозволи и со пцовки да ми се обраќа и сакав и да го напуштам тимот на сред првенство, но останав поради соиграчите. Им се извинив на соиграчите и на РФМ за таквото мое однесување, а Обрван од тогаш е неважен за мене.“

МЕНАЏЕРСКАТА РАБОТА НЕ Е ЗА МЕНЕ

Ангеловски одржува константна врска со сите репрезентативци, а периодов во Битола „кафе шемата“ ја прави со Иван Марковски. Иако на македонските ракометари им помага при трансферот во Романија, вели дека менаџерската работа не е за него.

„Во комуникација сум со сите. Со Митревски зборувавме веднаш по поразот на Порто во ЛШ. Со Дејан Манасков се слушнав кога се појави коронавирусот во Веспрем, бев мирен кога ми кажа дека не е тој. Со Кире (Лазаров) исто така бевме постојано во контакт на почетокот на пандемијата кога ситуацијата беше алармантна во Франција. Најчесто, пред Нова година, на последен ден од подготовки се собиравме сите репрезентативци и постарите што сме завршиле и они кои се уште активни, за да се видиме, да се дружиме… Што се однесува до менаџерската работа, таа не е за мене. Во две години како спортски директор најмногу проблеми имав со нив. Не сум таков тип, не знам да лажам. Последно им помогнав на Костадин Петров и Горан Крстевски за нивните ангажмани во Романија.“