Вардар со Кристопанс и Дисингер против Мешков Брест

Со вкупно 17 ракометари во експедицијата, бројни проблеми околу повредите но со мотивација и желба, ракометарите на Вардар отпатуваа за Брест, каде в сабота ќе го играат натпреварот од 9. коло од Б групата од Лигата на шампионите. За останување во игра за што повисок пласман на „црвено-црните“ им требаат бодови од ова гостување.

Единствено Сергеј Горбок остана во Скопје поради повреда. Од младите со екипата заминаа Кизиќ, Карапалевски и Кукуловски. Поради повреда претходната недела со намален интензитет тренираа неколкумина ракометари. Сите ќе бидат во составот на тимот, а кои ќе играат и колку време ќе можат да бидат на паркетот ќе зависи од тоа колку ќе можат да го издржат напорот што го бара натпреварот. Тоа посебно се однесува на Даинис Кристопанс и Кристијан Дисингер.

Вардар е на 5. место на табелата во Б групата со 9 бода, а разликата со вторпласираниот Монпелје е само два бода. По ремито на Мотор Запоржје во Германија кај Кил, сега ситуацијата е уште покомплицирана и сите повеќе екипи сериозно се во игра за првото место.

Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во Лигата на шампионите, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот меѓусебен дуел сезонава во ЛШ победи Вардар со 36-31.