Шестиот турнир „Еден живот, една љубов“ стартува на 5 октомври

Ракометната академија Вардар годинава по шести пат го организира традиционалниот турнир „Еден живот, една љубов#. Во изминатите пет години турнирот прерасна во силен и квалитетен настан каде членовите на Академијата ги развиваат и унапредуваат ракометните вештини.

Турнирот годинава ќе се игра во два викенда, и тоа викендите 5 и 6 октомври и 19 и 20 октомври. Во спортскиот центар „Јане Сандански“ се очекува повторно да се соберат најголемите вљубеници во ракометот – членовите на Ракометната академија Вардар.

Првиот викенд е резервиран за момчињата и девојките од генерацијата 2006/07. На теренот ќе бидат екипите на Урдаревски Вардар, Ангели Вардар, Филип Вардар, Будимир Вардар, Бисинов Вардар и Балтепе Вардар во машка конкуренција, како и екипите на Будимир 1 Вардар, Будимир 2 Вардар, Драчево Вардар, Делчево Вардар и Седмерец Вардар во женска конкуренција. Првиот ден, 5 октомври, екипите ќе се натпреваруваат во групи, а вториот ден се разигрува за пласман.

Викендот 19 и 20 октомври ќе се одигра турнирот за генерациите 2008/09 и за децата родени 2010 година и помали кои се натпреваруваат во мини ракомет. Турнирите се одлична форма на натпреварување да се види колку напреднале младите ракометари и каде се наоѓаат во однос на нивните врсници, како и да се привикнат на физички напорни натпревари набиени во два дена.