СЕДМЕРЕЦ: Шампионот со една рака на пехарот

Еурофарм Пелистер сигурно го преплива гостувањето во Охрид и е чекор поблиску до одбрана на титулата

1.Болдирана победа на битолчани

Шампионот Еурофарм Пелистер во беспрекорен ритам елегантно ја прескокна првата од последните пет пречки во завршниот круг и со сигурен чекор граби кон целта – одбрана на шампионската титула во македонската Супер лига. На гостувањето во Охрид, битолскиот тим не остави ништо на случајноста. И, од оваа перспектива, за Еурофарм Пелистер колку и да беше непријатен, на крај можеби и позитивно влијаеше минатонеделниот пораз од Вардар.

Максимално мобилизирани, екстра мотивирани, тактички добро подготвени, играчки надмоќни, голмански супериорни, навивачки гласни…битолчани успешно го препливаа Охрид во најтешкото гостување во финишот на сезоната. Влегоа подготвени во дуелот, решени да не дозволат кикс што ќе ги симне од врвот. Знаеја да ги искористат своите предности, но и слабостите и грешките на домаќините и заслужено ги однесоа бодовите.

Еурофарм Пелистер на почетокот од второто полувреме го скрши отпорот на охриѓани и резултатски се одлепи, а расположениот Калифа Гедбан на голот им стави крај на сите надежи на домаќините.

Филип Кузмановски капитенски ги предводеше пелистерци и одново беше Х фактор во тимот, и за компактноста на терен и за симбиозата со битолската публика на трибините.

„Им ветив дека ќе ја освоиме титулата, тоа за нив е награда, за нашиот град, за управата…честитки до мојот тим и до тренерот“ – ќе рече Фитиљот по победата во Охрид.

Болдот е токму тоа што додава уште еден Х во лидерството и во победата.

2.Охрид не е Кил, дефинитивно!

Добрата пролетна сезона што ја отвори Охрид, искуството и стабилноста на клупата, желбите, амбициите и поддршката од градот и од трибините го профилираа охридскиот тим во сериозен и за секого незгоден противник на македонската ракометна сцена.

Тимот предводен од Стевче Алушовски во суперлигашкиот плеј-оф фати приклучок во горниот дел на табелата со реални шанси да остане во големата четворка и да избори пласман во европските купови. На моменти со теорија и повеќе со желба, дури на кратко и да се замеша меѓу новиот и стариот шампион во борбата за титулата.

„Што го направи Охрид како да е Кил…“ – ќе ми забележи во негов стил директорот на Пролет по минатонеделните најави и пренесените изјави од охридскиот табор.

Охрид е далеку од Кил, се разбира. А, за сензација треба и малку повеќе од желба, дефинитивно! Како прво и основно – поширок ростер, повисок буџет и подолго искуство, а можеби и поголеми трибини. Тоа се потврди во дуелот со шампионот.

Но покрај езерото се гради убава ракометна приказна и тоа заслужува внимание. Особено кога има основа и темели на кои се потпира традицијата, а Охрид и блиска Струга имаат ракометна традиција и добра база што треба да се чува и да се надградува.

Колку и да не се мешаат спортот и политиката, барем формално оти практично е малку поинаку, Охрид има и градоначалник поранешен ракометар, кој сигурно не би го оставил ракометот на маргините. Што и не е баш небитен факт особено кога се работи за градските клубови што се финансиски во голем дел зависни од општински или државни пари.

3.Полни трибини, ама и стотици пред врата

Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер во „Билјанини извори“, преполни и прелеани и внатре и надвор, можеби го реши шампионот, но отвори и едно горливо прашање во ракометот и во македонскиот спорт воопшто – организација и спортска инфраструктура.

Дербито на 10.коло во суперлигашкиот плеј-оф се одигра во убава атмосфера пред затка полни трибини со домашни, гостински и можеби по некој неутрален вљубеник во ракометот што викендов се затекнал во Охрид и некако имал среќа или врска да влезе и да фати место во салата. Тоа е убавата слика што остава посебен белег на ракометот во Македонија.

Помалку убава е онаа од надворешната страна на салата.

Претпоставувам, не им било ни убаво, ни забавно на сите оние што вчера останаа од другата страна на вратата во „Билјанини извори“, па натпреварот наместо во сала, на крај го гледаа на телефон. Повеќето од нив со уредно купени билети, некои и сезонски.

Редовни или повремени посетители, охриѓани, битолчани, сами, со друштво, со деца или со цело семејство…небитно, сите останаа ускратени да го гледаат во живо натпреварот за кој купиле билет. Тоа е битно! И е проблем што мора да се реши. И во Охрид, и во Битола, и во Кавадарци…и во секоја друга сала во Македонија. Без разлика дали се трибините претесни и градот „плаче“ за поголема и пофункционална сала (како Битола и Охрид), дали „случајно“ се отпечатиле билети за уште 5-6 реда што ги нема (и тоа ни се случува, не дека не) или обезбедувањето и раководството имаат многу роднини и пријатели од оние „јас само да прашам…“ (си го имаме и тоа, не дека не).

Од управата на ГРК Охрид јавно им се извинија на сите симпатизери што вчера останаа пред затворена врата во „Билјанини извори“ и ги известија дека ќе пуштат слободен влез за следните два натпревари што ги играат како домаќини. Не ги одлутија оние што вчера останаа надвор со билетите во раце, ама барем го признаа пропустот, се извинија и се обидоа колку-толку нешто да надоместат.

Да се надеваме дека нема да остане само на извинување до некое ново „прелевање“ во „Билјанини извори“ оти лани, ако ви текнува, таму летаа и пендреци.