Алборг водеше 55 минути, но Веспрем со гол во последната секунда дојде до триумф

Иако Алборг цели 55 минута водеше против Веспрем во првиот четвртфинален дуел од ЛШ, сепак, унгарскиот тим се радуваше на победа, откако со гол во последната секунда дојде до 32:31 и на реваншот во Данска ќе патува со гол позитива. Голот за победа на Веспрем беше дело на Омар, кој во последните секунди успеа да им ја украде топката на гостите и да дојде до реализација.

На негативно изненадување на домашната публика, гостинот од Данска имаше фуриозен налет и во текот на првото полувреме најчесто водеше со три до пет гола разлика. Избраниците на Момир Илиќ лошо отворија, губеа со 6:1 во воведните десет минути и само за момент успеаја да се консолидираат.

Откако Веспрем поведе со 10:5, тимот на Илиќ со погодоците на Вајлупов, Сандел и Деска успеа за момент да се доближи на пристојни минус два, 10:8. Иако до 25 минута голманот на Веспрем, Родриго Коралес имаше пет интервенции, а голманот на Алборг, Никлас Ландин една помалку, сепак, данскиот тим помалку правеше грешки.

Камбекот на Алборг траеше само пет минути, потоа гостите повторно влегоа во ритам, најпрво во 25 минута ја вратија максималната предност од првите петнаесетина минути, поведоа со 15:10, потоа зголемија на 16:10 и на пауза заминаа со позитива од плус пет, 17:12.

Ракометарите на Алборг водени од одличната игра, во периодот од 35 до 40 минута се опуштија и дозволија Веспрем повторно да намали на минус два, 21:19. Од тој момент Алборг стравуваше за победата, бидејќи домаќинот во 48 минура преку Ремили дојде до само еден гол негатива, 24:23, а во 55 минута првпат изедначи на 27:27.

При погодокот на Касадо за изедначување, двете екипи тргнаа од нула, па така во последните пет минути одлучуваа само нијанси. Се играше гол за гол, при нерешени 31:31, тимот на Алборг на десет секунди пред крајот имаше напад за победа, но Омар беше целосно фокусиран, им ја украде топката на гостите и од контра успешно реализираше за првото и единствено водство на Веспрем (32:31).

Недим Ремили со шест погодоци ја предводеше победничката екипа, кај Алборг први стрелци беа Алекс Влах, Томас Арнолдсен и Рене Антосен, сите тројца постигнаа по четири погодоци.

Реванш дуелот меѓу двете екипи ќе се одигра следната недела, односно на 2 мај.