Пет Македонки обезбедија трето коло во Европскиот Куп

Репрезентативката на Македонија, Александра Коловска со словачкиот шампион Михаловце успеаја да го елиминираат Винтертур на Симона Гроздановска и да обезбедат пласман во следната фаза во третото по ранг европско натпреварување.

Првиот дуел меѓу двете екипи заврши со минимална победа на Михаловце од 23:22 и реванш дуелот, кој беше проследен со голема неизвесност, заврши без победник, 25:25, па за еден гол словачкиот тим успеа да се избори за следната фаза.

Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете ракометарки од Македонија, Моника Јанеска и Ивана Гакидова, во својата дебитанска сезона на европска сцена обезбеди пласман во третото коло од Европскиот Куп, откако ги доби двата дуели против грчкиот тим Пилаја.

Составот на Коњалти на првиот натпревар триумфираше со 31:27, додека реванш дуелот, кој го одигра во Анталија, го доби со 11 гола разлика, 34:23. За Коњалти ова е историски успех, бидејќи во својот деби настап во Европа успеа да се претстави во добро светло.

Пласман во следната фаза од Европскиот Куп обезбеди и Зорица Десподовска со Кобержице. Полскиот тим на двапати беше подобар од косовскиот Феризај со 47:21 и 38:11. Во тимот од Феризај настапуваат двете поранешни репрезентативки на Македонија, Веселинка Треноска и Ива Стојковска, кои заедно со своите соиграчки имаа кратка европска авантура и своите настапи ќе ги продолжат во шампионатот на Косово.

Како што е веќе познато, шампионот на Грција, ПАОК, клуб во кој настапува повремената репрезентативка на Македонија, Александра Боризовска го елиминираше Металург во второто коло од Европскиот Куп и заслужено обезбеди пласман во следната фаза.

Во Европскиот Куп од македонските учесници место обезбеди Ѓорче Петров и Чаир. Освен Металург, елиминиран во второто коло беше и македонскиот вицепрвак Куманово.