Тиквеш запиша втор триумф – кавадарчани славеа против Бутел

Ракометарите на Тиквеш ја запишаа втората победа во Супер лигата, откако на домашен терен беа подобри од Бутел Скопје со 38-33. Кавадарчани во финишот на првиот дел направија значајна предност, која гостите успеаја да ја преполоват во второто полувреме, но не и да се заканат со комплетен пресврт.

Домаќините отворија подобро и поведоа со 5-2, но гостите кои и за оваа прилика не сметаа на столбовите на одбраната, Тодески и Николоски, набрзина се вратија во егал и со погодокот на голманот Богдановски израмнија на 6-6 по десетина минути игра.  Чаневски му фати пенал на Бен Махфуд, па бутелци дури и поведоа со 7-6, а водеа и со 10-9. Тогаш домашниот стратег Грчевски побара тајм-аут и неговите момци заиграа посериозно.

Со серија од пет погодоци која ја предводеа Ончев и Димовски, Тиквеш ја презема контролата и се одлепи на плус четири, 14-10, а на паузата кавадарчани заминаа помирни со истата позитива. Водеа во второто полувреме со шест гола домашните, 23-17, но Чаневски одбрани два пати во серија, потоа и тој погоди од гол на гол, па Бутел ја преполови негативата, 25-22. Имаа гостите прилика уште повеќе да намалат, но промашија.

Казната стигна преку Димковски за 30-26. Чаневски одново им даде прилика на соиграчите да намалат, но Велков му го одбрани пеналот на Јаневски. Потоа уште еедна таква шанса не беше искористена и веќе немаше назад за гостите.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Димовски со осум, како и Коцев и Бен Махфуд со по шест гола, додека кај Бутел Скопје се истакна Јаневски со седум погодоци.