ИНТЕРВЈУ Реваз Чантурија: Дојдов со торба за една недела, а останав 22 години во Македонија

Реваз Чантурија во 2004 година дошол во Македонија како 22-годишен ракометар, со облека за само една недела и без идеја дека ќе остане. Денес живее во Битола, сопругата му е Македонка, ќерката му пораснала тука, а сега како помошник-тренер на Еурофарм Пелистер 2 повторно е дел од клубот и градот што одамна ги чувствува како свои. Во разговорот за 24Ракомет зборуваше за случајното доаѓање, Вардар, Пелистер, ривалствата, македонскиот менталитет, младите играчи и за тоа зошто верува дека Македонија има голема заслуга и за подемот на грузискиот ракомет.

Понекогаш најголемите животни приказни почнуваат без никаков план. Без договор. Без спакувани куфери за нов живот. Само со една торба и облека за една недела.

Така во 2004 година Реваз Чантурија првпат стигнал во Македонија. Имал 22 години, играл во Грузија, а Македонија за него тогаш била само земја во која треба да помине неколку дена.

„Јас и не знаев каде е Македонија. Мајка ми дома ми објаснуваше дека тоа е дел од Југославија, дека сега е посебна земја, и ме научи каде се наоѓа Македонија на картата, го почнува разговорот Чантурија.

Дваесет и две години подоцна тој живее во Битола. Сопругата Билјана е Македонка, ќерката Ирина му пораснала тука, македонскиот јазик го зборува како дел од секојдневието, а ракометната кариера му е речиси целосно испреплетена со Металург, Вардар, Пелистер, Струмица, Струга, Прилеп и другите средини низ кои поминал.

Сега кругот повторно се затвора. Чантурија е во Еурофарм Пелистер 2, овојпат не со дрес и топка во рака, туку како помошник-тренер и човек кој треба своето искуство да им го пренесе на помладите.

Дојде да прошета – остана 22 години

Приказната за првото доаѓање во Македонија денес звучи речиси филмски. Чантурија бил регистриран за Шевардени, додека неговиот татко бил дел од друг грузиски клуб. Патувањето до Македонија првично воопшто не изгледало како почеток на трансфер.

„Во 2004 година дојдов во Македонија. Во тоа време ситуацијата во Грузија финансиски не беше добра и двата натпревари се играа на гости со Металург во Скопје. Клубот Мамули со кој дојдов беше поврзан со татко ми, кој ми беше тренер. Јас практично и не смеев да играм на натпреварот затоа што бев регистриран за Шевардени. Дојдов повеќе за дружење, да прошетам, да видам нешто. Патувавме три дена со автобус. Бидејќи долго патувавме направив тренинг со екипата, да останам во форма, објаснува Чантурија.

А токму тој тренинг ќе значи почеток на промената на неговиот живот. Некој од трибините во салата во Автокоманда забележал дека меѓу гостите има десно крило што можеби вреди да остане.

„На тренингот дојдоа луѓе од тогашната управа и тренери. По тренингот почна разговорот – им се допаднав како десно крило и сакаа да ме видат уште еднаш. Ми рекоа дека ако утре на мечот одиграм добро би сакале веднаш да потпишат. Проблемот беше што следниот ден јас не смеев да играм официјално, бидејќи бев регистриран за друг клуб. На крајот ме однесоа на тренинг во Автокоманда, тренирав таму и потоа почнавме да разговараме посериозно. Вечерта, по натпреварот, се договоривме“, вели Чантурија.

За останувањето најтешко било тоа што тој воопшто не бил подготвен да остане.

„Многу беше тешко, не само за мајка ми која беше во Грузија, туку и за сите со кои дојдов. Јас имав облека во торбата само за една недела. Дојдов за неколку дена и следното утро останав. Тоа е целата приказна. Имав 22 години и една торба со алишта за една недела.“

Таа една недела се претвори во живот.

Металург, Вардар, Пелистер… секоја средина остави нешто

Во македонскиот ракомет Чантурија помина низ различни клубови, различни градови и различни периоди. Металург го поврзува со почетокот. Вардар со скопското ривалство, историјата… Пелистер со нешто што не може лесно да се објасни плус салата и емоцијата.

„Во Металург поминав пет и пол години. Тоа е огромен период од мојата кариера, со него станав два пати шампион на Македонија и два пати освојувач на Купот на Македонија, нормално дека носам многу спомени. Со Вардар бев пократко, една година доволно да ја почувствувам атмосферата во клубот. А за Пелистер… За Пелистер не треба многу да се зборува. Кога ќе влезеш во таа сала и кога ќе се наполнат трибините, Чкембарите, тоа е магија. Особено ако играш добро. Тогаш чувството е нешто посебно. И Струмица ја паметам многу убаво. Таму имав три одлични години и навистина добри сезони.“

Помина низ доволно средини за македонскиот ракомет да престане да го гледа како странец. Го гледа однатре.

„Металург – Вардар беше големо дерби, но Вардар – Пелистер е нешто друго“

Како играч кој бил на различни страни, Чантурија ги почувствувал и најголемите ривалства во земјата. Прво Металург – Вардар. Потоа Вардар – Пелистер.

„Кога играв за Металург, тогаш големото ривалство беше Металург – Вардар. Тоа беше вистинско дерби и огромен натпревар за Скопје. Потоа од Вардар заминав во Пелистер и тогаш почувствував нешто друго. Луѓето знаат да кажат дека Вардар – Пелистер е едно од најдобрите ривалства на Балканот. Јас би рекол дека е едно од најдобрите во Европа. Играјќи за двата клуба, можеш добро да почувствуваш колкаво значење има тој натпревар за луѓето.“

Најтешките сали не ги поврзува само со противникот, туку и со публиката. Автокоманда, Битола и „Кале“ му останале посебно во меморијата.

„Имаше сали во кои едноставно не ти одеше натпреварот. Не знам зошто, но некои места ти остануваат така во глава. Така беше Охрид, во таа сала никогаш не можев да играм добро. Не знам зошто. Автокоманда, битолската сала и Кале имаа посебна атмосфера. Тоа се сали во кои публиката навистина го знаеше ракометот и можеше да те носи или да ти направи огромен притисок, вели Чантурија.

Идеалната седумка на Чантурија

Во текот на годините делел соблекувална со многу големи македонски и странски ракометари. Да избере само еден како најдобар му е речиси невозможно.
Затоа го натеравме да состави своја седумка од играчи со кои играл во Македонија.

Одговорите доаѓаа брзо, ама не се само седум.

„Стојанче Стоилов, Жути (Филип Миркуловски), Олег Маљцев, Гоце Георгиевски, Бранко Ангеловски, Дејан Пецаковски, Гоце Макалоски, Владо Недановски, Борко Ристовски, Ванчо Димовски, Иван Марковски, Раде Стојановиќ, Горан Ѓоргоноски….и многу други, ако заборавив некој се извинувам, вели Реваз.

И веднаш додава дека изборот е незгоден бидејќи низ Металург, Вардар и Пелистер играл со голем број репрезентативци.

„Тоа е тешко прашање. Низ кариерата играв со доста добри играчи. Кога ќе почнеш да набројуваш, секогаш ќе заборавиш некого.“

Денешната лига можеби е најсилна досега

По повеќе од две децении во Македонија, Чантурија може да ја спореди лигата од различни периоди. Неговото мислење е дека денешното првенство има ширина и квалитет какви што ретко имало.

„Мислам дека оваа година можеби ја имаме најсилната лига во историјата на македонскиот ракомет. Има четири навистина силни екипи, но и зад нив има клубови што можат да бидат незгодни меѓусебно. Секој може да загуби ако не влезе како што треба во натпреварот. На квалитетот не можам ништо да му одземам, смета Чантурија.

Но, една работа денес е сосема различна – социјалните мрежи.

„Покрај тоа што денес се игра помодерен ракомет, јас би ги додал и социјалните мрежи. Тие создаваат дополнителен набој и дополнителен притисок. Тоа е и добро и лошо. Во Македонија публиката отсекогаш го знаела ракометот. Кога ќе влезеш во сала, луѓето разбираат што гледаат. Но, денес со социјалните мрежи коментираат и луѓе кои можеби не го познаваат ракометот доволно и веднаш почнуваат анализи, коментари…“

Ги читаш ли коментарите?

Се смее. „Понекогаш, да. Ако кажам дека никогаш не читам, ќе излажам. “

Повторно Еурофарм Пелистер – но овојпат од другата страна

По играчката кариера Чантурија имаше и тренерско искуство, меѓу другото и во Прилеп, Германија и Косово. Сега повторно е во Битола, како дел од стручниот штаб на Еурофарм Пелистер 2. И тоа за него не е само ново работно место.

„Огромна чест и огромна одговорност ми е што повторно се враќам во Еурофарм Пелистер 2, клуб кој последните години е на високо ниво, три пати ја вратија титулата во Битола, ја донесоа Лигата на Шампионите во Битола која одамна ја чекаше Битолската публика. Сега сум во стручниот штаб на Бранко Ангеловски, човек со огромно ракометно искуство кои сметам дека 1000% се дава себеси кога е во прашање ракометот. Јас сум сигурен дека знам каде се враќам и што значи овој клуб за градот. Кога еднаш си играл тука и си ја почувствувал Битола, тоа не можеш да го заборавиш.“

Сега треба да работи со младите и да го најде „материјалот“. Кај младите, за него, трите најважни работи се едноставни.

„Дисциплина, работа и храброст.“

И веднаш признава дека кај новите генерации гледа разлика.

„Има талент, има квалитет, но мислам дека во нашето време имаше повеќе трпение.

Денес младите се малку поразгалени и понетрпеливи. Сакаат побрзо да дојде сè.Секогаш постојат исклучоци“

Затоа за Еурофарм Пелистер 2 успехот не го гледа само низ табелата.

,,Нашиот тим е составен од многу млади играчи и се стремиме кон тоа да создадеме играчи кои ќе бидат подготвени да играат за првиот тим на Еурофарм Пелистер.

„Некои работи што ми ги правеа тренерите – нема шанса јас да ги правам“

Кога од играч ќе станеш тренер, почнуваш поинаку да гледаш и на сопствената кариера. Се сеќаваш на тренерите. На добрите работи. Но и на работите за кои уште тогаш си си велел дека еден ден ќе постапуваш поинаку.

„Има работи што ми ги правеле тренерите, а јас како тренер не сакам да ги правам. Не сакам ни многу да зборувам за тоа, но има нешта што сум ги поминал како играч и за кои си велам – нема шанса ова јас да му го направам на млад играч. Кога самиот си бил играч, многу полесно можеш да разбереш што чувствува човекот од другата страна.“

Токму тоа искуство сега треба да биде една од неговите предности во работата со младите.

Овде одамна не е само неговата кариера. Овде е и неговото семејство.

„Ќерка ми Ирина овде порасна. Сопругата ми е Македонка, битолчанка. Живеам во Битола. Што уште да кажам? Кога толку години си тука, кога семејството ти е тука, кога детето ти расте тука, зборот ‘втор дом’ веќе не е само фраза.“

Тогаш прашањето дали веќе се чувствува како битолчанец предизвикува насмевка.

„Па да. Така е.“


Македонија и Грузија – врска што не се гледа само преку Чантурија

Грузија останува неговата татковина. Во изминатите години грузискиот ракомет направи голем чекор напред, а репрезентацијата почна редовно да се појавува на големата европска сцена. Чантурија верува дека и Македонија има дел од заслугата за тој развој.

„Јас постојано го зборувам тоа – Македонија има голема заслуга што грузиската репрезентација денес е на ова ниво. Многу грузиски играчи низ годините доаѓаа во Македонија. Тука добиваа шанса, играа сериозен ракомет, се развиваа, а потоа одеа и понатаму. Денес ситуацијата е различна. Со добрите резултати на репрезентацијата, европските клубови многу полесно ги забележуваат грузиските ракометари. Сега, кога репрезентацијата двапати се пласираше на Европско првенство и кога играчите веќе се гледаат на голема сцена, клубовите од Германија, Франција и другите земји сами ги бараат. Полесно е. Но, јас лично никогаш нема да заборавам каква улога одигра Македонија. Можеби некој не сака да го признае тоа, но јас го кажувам јасно – без Македонија, според мене, немаше ни грузискиот ракомет толку лесно да стигне до ова ниво.“

И токму тука приказната повторно се затвора. Грузиецот кој дошол во Македонија без план да остане, денес од Битола зборува за две земји кои преку ракометот станале дел од истиот негов живот. Едната е татковина. Другата одамна престана да биде само „втор дом“.

Горан Антевски

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾