Чаир го „здроби“ Истогу и оди во третото коло од Европскиот Куп!

Екипата на Чаир направи историски успех на европска сцена, откако во реванш дуелот против Истогу забележа победа од 33:26 и обезбеди пласман во третото коло од Европскиот Куп. Ракометарките на Чаир по вчерашниот минимален пораз од 34:33, денес го одиграа најдобриот натпревар во својата историја на европска сцена и му се придружија на македонскиот шампион Ѓорче Петров во следната фаза од третото по ранг европско натпреварување.

Избраничките на Басри Љатифи одиграа одлично во првото полувреме. Чаир уште во воведниот дел покажа дека ќе атакува на победа и дека ќе се бори до самиот крај за влез во следната фаза од Европскиот Куп. Македонскиот претставник на стартот со погодоците на Ѓеоргиевска и Филипоска се одлепи на 3:1 и до полувремето константно беше во предност. Истогу освен на почетокот кога израмни на 1:1 во преостанатиот дел ниту еднаш не успеа да дојде до израмнување на резултатот.

Чаир постепено градеше сериозна резултатска предност. Меѓу стативите голманката Којовиќ бранеше кога беше најпотребно и не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа. Откако косовскиот тим намали на 6:5, ракометарките на Чаир со серија од 3:0 се одлепија на 9:5 и четирите гола предност беа само мотивација повеќе за ракометарките на Љатифи, кои во 20 минута зголемија на плус пет гола разлика, 12:7.

Истогу никако не можеше да го загрози водството на македонскиот тим, а искусните бразилски интернационалки во составот на Истогу, Да Роча и Таинара не можеа да направат нешто повеќе. До крајот на првото полувреме немаше промена на резултатот, па така Чаир на пауза имаше активен резултат од плус четири, 16:12.

Вториот дел мина во целосна доминација на Чаир. Во вторите 30 минути проработија Николовска и Рахмани и екипата на Чаир во 40 минута ги имаше највисоките дотогаш „плус 6“ и водство 23:17. Во тој момент беше јасно дека Истогу ќе има тешка задача да ја преполови негативата и да дојде до барем еден гол разлика.

Како одминуваше времето Чаир беше сѐ повеќе сигурен и поквалитетен во однос на поискусниот противник, кој иако имаше голема поддршка од трибините, сепак, не успеа да се врати во дуелот и да се избори за егал. Чаир во последните десет минути влезе со убедливо водство од 28:21 и тука беше сосема јасно кој ќе продолжи во следната фаза од Европскиот Куп.

Во екипата на Чаир речиси без грешка одигра Марија Николовска која постигна осум гола од девет обиди, Амела Џамкиќ беше стрелец на шест гола, по пет постигнаа Теодора Гулицоска и Стефанија Ѓоргиевска, а четири реализации имаа Леонора Рахмани и Мариами Микелидзе.