Ѓорче Петров слави – „лавиците“ го нокаутираа КА Тор и обезбедија трето коло во Европскиот Куп!

Ракометарките на Ѓорче Петров обезбедија пласман во третото коло од Европскиот Куп, откако по вчерашното реми, 20-20, вечерва славеа во реванш средбата против исландскиот КА Тор со убедливи 34-23.

Клучен за триумфот и пласманот понатаму беше периодот од 18 до 24 минута во првиот дел, кога избраничките на Симе Симовски предноста од три гола ја зголемија на седум, а до крајот на паузата со голот на Николиќ имаа и плус осум, 16-8.

Со головите на Бразилката Сораеш, КА Тор прв се одлепи на плус два, 3-1, но потоа по исклучувањето на Јохансдотир, македонскиот првак направија серија од пет гола и преку Коларовска стигна до 6-3. До крајот на првиот дел предноста на Ѓорче Петров само се зголемуваше.

Вториот дел со гол го отвори домаќинот, но очигледнот дека нивната игра беше прочитана и потоа пет минути не можеа да постигнат гол. Во меѓувреме Ризоска на два пати и Коларовска обезбедија и плус десет, 19-10, па домашниот тренер мораше да бара тајм-аут.

Сепак КА Тор веќе влезе во серија грешки, а македонскиот шампион стигна до највисоки плус 12, 26-14. Тоа внесе мало опуштање кај ракометарките на Ѓорче Петров, па домашниот тим казни со четири гола во серија за 26-18. Следуваше гол од пенал за Коларовска за 27-18 и можеше помирно да бидат одиграни последните десетина минути.

Најдобар стрелец во македонскиот првак беше Емилијана Ризоска со десет гола, Милица Николиќ даде шест, Јанкуловска и Коларовска по пет, Николовска четири пати се запиша во листата на стрелци, Дамјановска три пати, а еднаш стрелаше Мила Ѓорѓиевска, додека голманката Кицеска имаше три одбрани. Кај ривалот, голманката Лонац фати 13 топки, а најмногу голови – седум, имаше Бразилката Соареш.

Ждрепката за двојките во третото коло е на 17 октомври во Виена, а тогаш македонскиот првак Ѓорче Петров ќе го дознае противникот во следната фаза.