Куманово со висок пораз ја заврши европската авантура

Македонскиот вицепрвак Куманово на реванш дуелот против Макаби Аразим во рамки од второто коло од Европскиот Куп беше убедливо поразен со 43:23. По вчерашниот минимален пораз, денес Куманово одигра лош натпревар, посебно во второто полувреме кога им дозволи да домаќинките целосна доминација на теренот.

Ракометарките на Куманово имаа лош почеток и домаќинките покажаа дека се и повеќе од класа подобри од македонскиот тим. Макаби имаше фуриозен старт, поведе со 4:0 по пет минути игра, а за две-три минути стигна и до највисоките дотогаш „плус 5“ и водство 6:1. Ристова мораше да повика тајм-аут, со цел нејзините избранички да заиграат поангажирано и да фатат приклучок, но ни советите од клупата на Куманово не вродија со плод.

Екс ракометарката на Вардар, Екатерина Љубјанаја беше незадржлива на теренот и со нејзините погодоци домашниот тим по десет минути игра имаше предност од седум гола разлика, 9:2. Овие седум гола разлика на домаќинките беа доволно да имаат голема психолошка предност во битката за пласман во третото коло од Европскиот куп. Дополнителен проблем за Куманово беше голманката Никитина, која во првото полувреме бранеше во одлична форма и не дозволуваше лесни погодоци во нејзината мрежа.

Лошата одбрана и безидеен напад се провејуваше низ целиот меч и веќе во првиот дел македонскиот претставник капитулираше и немаше доволно сили да се надигрува со разиграниот Макаби. Израелскиот тим до крајот на првото полувреме рутински ја чуваше стекнатата предност од првите десетина минути и веќе во 20 минута стигна до 16:8. Во тој момент беше завршена европската авантура за македонскиот вицепрвак. По 30 минута игра, резултатот беше 21:13 за домашниот состав.

Како одминуваше времето Макаби од минута во минута ја зголемуваше разликата. За само десет минути игра во вториот дел домаќинот постигна 11 гола и во 40 минута дојде до водство од 32:15. Куманово се обидуваше да ја преполови негативата, но големиот број на технички грешки и слабата одбрана, беа клучен фактор за убедливиот пораз. Макаби рутински го водеше натпреварот до висок триумф и на десетина минути пред крајот поведе со 38:20 и заслужено обезбеди пласман во третото коло од Европскиот Куп.