Металург ги заврши настапите во Европскиот Куп со уште еден пораз

Ракометарките на Металург загубија по вторпат од грчкиот шампион ПАОК 31:20 и се елиминирани од Европскиот Куп. Македонскиот тим ни оддалеку немаше шанса да ја загрози високата предност од првиот двобој на амбициозниот тим од Грција, кој обезбеди пласман во третото коло.

ПАОК уште во воведниот дел покажа дека ќе се бори за победа, иако од првиот дуел, кој беше одигран во Солун имаше залиха од седум гола предност. Грчкиот шампион многу лесно доаѓаше во позиција за гол во воведниот дел и веќе по пет минути играше имаше предност од 4:1. Откако првиот гол беше постигнат преку Младеновска, левото крило Мила Трајковиќ со својот прв гол намали на 4:2.

Следуваше период, во кој тимот од Грција одржуваше предност од два до три гола разлика и како одминуваше времето беше јасно дека избраничките на Јулијана Дамчевска ќе имаат тешка задача за да направат изненадување. Гостинот за првпат кон средината на првиот дел дојде до највисоките дотогаш „плус 4“ и водство 10:6.

Во последните десет минути од првиот дел тимот на ПАОК влезе со предност од 12:7 и до крајот на првото полувреме постепено ја зголемуваше разликата во своја корист. Металург веќе капитулираше и не можеше да направи нешто повеќе во дуелот против поискусниот противник. ПАОК на полувреме замина со убедлива предност од 17:11.

По десет минути игра во вториот дел резултатот беше 21:13 за ПАОК. Ништо не се промени во последниот дел од второто полувреме. Ракометарките на ПАОК ја казнуваа речиси секоја грешка на Металург и почнаа да зголемуваат на двоцифрена разлика, па така тренерот на гостинките ја измеша поставата и шанса им даде на останатите играчи од клупата.

Најефикасни во составот на Металург беа Ивана Арсениевска и Ива Божиноска со по пет гола. Повременета репрезентативка на Македонија, Александра Боризовска во дресот на ПАОК постигна три гола.