Од минус седум до победа – Прилеп го шокира Младост во последната секунда!

Димитар Димитриоски ја реши драмата во „Млаз“. Младост испушти огромна предност и остана без победата што ја чека повеќе од пет години.

Прилеп направи голем пресврт и го совлада Младост Богданци со 29-30, по негатива од седум гола во второто полувреме. Херој на гостите беше Димитар Димитриоски, кој најпрво израмни на 29-29, а на истекот на времето го постигна и победничкиот погодок. Тој постигна три од последните четири гола на Прилеп со кои беше решен победникот.

Малку што навестуваше ваков расплет кога Младост водеше со 19-12 во 35. минута. Домаќините претходно одлично го завршија првото полувреме, со серија од 4-0 се одлепија од 11-10 на 15-10, а по паузата ја зголемија разликата на седум гола.

Прилеп го почна враќањето со четири последователни погодоци за 19-16. Младост и натаму ја имаше предноста, но гостите постепено ја враќаа неизвесноста во натпреварот.

Богданчани повторно дојдоа до четири гола разлика, 28-24, а по двата погодоци на Димитриоски, Андоновски реализираше за 29-26 во 55. минута. Тоа беше последниот гол на домаќините.

Завршницата целосно му припадна на Прилеп. Димитриоски намали на 29-27, Кастратовиќ погоди за 29-28, а потоа и израмни. Истиот ракометар го зададе и решавачкиот удар, со погодок на последната секунда за целосен пресврт и победа од 29-30.

Младост остана без првиот суперлигашки триумф по враќањето во елитата. Последната победа во ова натпреварување ја оствари на 24 април 2021 година против Астраион со 30:19. По 1.967 дена чекање, богданчани беа блиску до нова радост, но Прилеп им ја одзеде во драматичната завршница.

За прилепчани ова е втора победа во првите две кола, по стартниот триумф над Куманово.

Димитар Димитриоски постигна 10 гола за Прилеп, а Петар Марковски 6 гола. Кај домашните, Владимир Бојаниќ даде 7 гола, а по 6 постигнаа Андоновски, Јанковски и Ѓуриќ.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾