Каменица ја отвори душата: Македонија никогаш не била само работа за мене

Легендарниот Касим Каменица дојде во Охрид како гледач, но признава дека ракометот сè уште не го пушта. Во големото интервју за 24Ракомет зборуваше за годините во Пелистер и Кометал Ѓорче Петров, полните македонски сали, денешните клубови, странците, тренерската професија и за внукот Лиан, кој како трета генерација од семејството Каменица застана меѓу стативите.

Касим Каменица се обидел да се повлече од ракометот. Си кажал дека работата во неговиот матичен клуб во Горажде ќе биде последната тренерска станица и дека конечно ќе се навикне да живее без секојдневниот ритам на тренинзи, натпревари и подготовка на екипата.

Обидот не траел долго. Неколку месеци подоцна повторно почнал да го чувствува истиот немир во часовите кога вообичаено се одржуваат тренинзите. Преку летото ги посети кадетското Европско првенство во Белград, Турнирот на шампионите во Добој, големиот детски турнир во Бјелина со околу 1.300 деца, а потоа пристигна и во Охрид.

Не како тренер, туку како човек кој и по толку години не може само да помине покрај сала во која се игра добар ракомет.

„Се обидов минатата година, кога престанав да бидам тренер, тоа да биде мојата последна станица. Работев во матичниот клуб во Горажде. Но, кога поминаа неколку месеци, почнав да се фаќам себеси дека сè уште го имам тој немир. Во времето кога се одржуваат тренинзите и натпреварите во мене се буди некој посебен адреналин.

Затоа целото лето бев во движење. Бев во Белград на Европското кадетско првенство, во Добој на Турнирот на шампионите, а со големо задоволство заминав и во Бјелина, на детски турнир на кој имаше околу 1.300 деца. И, секако, не можев да одолеам да не дојдам и во Охрид. Тука има многу квалитетни екипи, пријатели и луѓе што сакам да ги видам. Ракометот едноставно сè уште не ме пушта.“

Каменица е на трибините, но натпреварите и натаму ги гледа со очите на тренер. Не навива, не ја следи само топката и не го интересира единствено резултатот. Го набљудува поставувањето на одбраната, движењето без топка, транзицијата и новите тактички идеи.

„Јас никогаш не можам да гледам ракомет како обичен навивач. Секогаш го гледам тренерски и се задлабочувам во проблемите на играта. На овој турнир, на пример, се забележува обидот да се игра во напад со четири бекови, без класичен пивот. Тоа е одредена новост која почнаа да ја користат Италијанците. Можеби звучи необично бидејќи Италија не е земја со голема ракометна традиција, но нивниот селектор почна со таква формација и гледам дека тука ја користат повеќе екипи. Мене секогаш ме привлекува нешто подлабоко во играта. Не можам да го исклучам тренерот во себе и само да го гледам резултатот.“

Посебно внимание му привлекол Охрид. Каменица во екипата гледа стабилност, добра одбрана и јасна тренерска идеја.

„Со големо внимание го очекував натпреварот меѓу Охрид и Загреб. Двете екипи негуваат квалитетна одбрана 6-0 и ја прават селекцијата на играчите првенствено според нивните одбранбени карактеристики. Охрид е вистинско освежување во регионот, особено по освојувањето на европскиот трофеј. Борис Ројевиќ го познавам уште од времето кога работеше во Војводина. Тој многу инсистира на квалитетна одбрана и можам да кажам дека Охрид во моментов игра една од подобрите одбрани во регионот.“

„Во Скопје се чувствувам подобро отколку во Сараево“

Македонија за Каменица никогаш не била само една од земјите во кои работел. Тука го изгради тренерското име, создаваше екипи, се бореше за трофеи и стекна пријателства што останале живи и неколку децении подоцна.

Кога зборува за Македонија, тонот веднаш станува поинаков.

„Јас своето тренерско име го изградив во Пелистер и тоа е неоспорен факт. Моите сеќавања сè уште се многу живи. Неодамна го следев кадетското Европско првенство. По натпреварот меѓу Македонија и Словенија, знаете ли кој прв ми се јави? Ванчо Јовановски, мојот голем пријател, голман и капитен на таа прва екипа на Пелистер. Ми се јави да ми каже колку му се допаднал мојот внук, кој денес брани за младата репрезентација на Словенија.
Тоа се врски што не исчезнуваат. Јас денес подобро се чувствувам во Скопје отколку во Сараево, во државата во која сум роден. Спомените многу силно ме врзуваат за македонскиот ракомет. Често доаѓам, секогаш доаѓам со задоволство и тука се чувствувам добро.“

Каменица пристигна во Битола кога Пелистер сè уште се создаваше како сериозна југословенска сила.

Од борба за опстанок стигна до победи против двократниот европски шампион Металопластика и до борба за титулата во тогаш најсилната лига во светот.

„Во фазата кога создававме силен Пелистер, тргнавме практично од борба за опстанок. Потоа двапати ја победивме Металопластика, која во тоа време беше двократен европски шампион.
Една сезона се боревме со нив за титулата во Југославија и ја загубивме за еден бод. Во следната сезона, кога на полусезона заминав во Загреб, повторно бевме само еден бод зад нив.
Ќе ви кажам нешто што многу ретко го кажувам. Кога покојниот Бранислав Покрајац ме избра за селектор на младинската репрезентација на Југославија, ми рече дека избирал меѓу мене и Милорад Каралиќ од Борац Бања Лука.
Го прашав зошто се решил за мене. Ми одговори: ‘Каралиќ во Борац има пет репрезентативци, ти во Пелистер немаш ниту еден, а му бегаш осум бода’. Мислам дека со тоа е кажано многу за екипата што ја создадовме во Битола.“

Но, силата на тогашниот Пелистер не беше само во играчите и тренерот. Градот живееше со клубот, како што е случајот и денеска, а ракометарите ја чувствуваа одговорноста и на тренинг.

„Имавме неверојатна синергија меѓу управата, играчите, тренерот и навивачите. Пелистер беше одлично организиран клуб за натпреварување, но таа енергија од трибините беше нешто посебно. На нашите тренинзи имаше по 500 или 600 гледачи. Играчите не можеа да се кријат или да се штедат дури ни на тренинг. Потоа на гостување ќе дојдеа осум автобуси со навивачи во Бања Лука, Љубљана или Шабац. Тоа носеше огромна одговорност. Едноставно, не смеевме да ја разочараме таа армија луѓе.“

Кометал Ѓорче Петров – темелите на првата европска круна

Покрај машкиот ракомет, Каменица остави длабока трага и во женската екипа на Кометал Ѓорче Петров.

Не остана до освојувањето на европската титула, но верува дека бил дел од периодот во кој се поставувале темелите на клубот што подоцна стана европски шампион.

„Имам прекрасни спомени и од почетокот на создавањето на силен и професионален Кометал Ѓорче Петров. Јас ги поставив темелите на професионализмот во екипата која подоцна стана европски шампион.
Тоа беше првата европска титула во македонскиот ракомет и беше огромен резултат, особено ако се земат предвид средствата со кои се работеше во почетокот. Вања Бојков и Трифун Костовски го водеа клубот на многу квалитетен начин.
Во Јоханесбург освоивме и еден силен светски клупски турнир во конкуренција на европски прваци. Тоа беше патоказ дека екипата може да стигне далеку.
Во Македонија постоеше неверојатна енергија и ентузијазам за создавање вредности. Кога Кометал влезе во клубот, се создаде и финансиска база. Повредените ракометарки одеа на лекување во Виена, што во тоа време беше огромна предност во однос на многу други клубови. Сето тоа создаваше одговорност. Ние навистина живеевме за резултатот.“

Од клубот си замина поради принципиелни причини, но односите не биле прекинати.

„Со оваа временска дистанца тешко е да кажам што ќе се случеше доколку останев уште неколку години. Јас си заминав во процесот на созревање на клубот, затоа што почувствував дека во еден момент се навлегува во делот од работата што му припаѓа на тренерот. Принципиелно поднесов оставка. Но, останавме во добри односи и пријатели. Вања Бојков уште двапати ме повикуваше да се вратам на клупата, но моите професионални планови и обврски тогаш не го дозволија тоа.“

Четири силни клуба, но и опасност за остатокот од лигата

Каменица смета дека денешниот македонски клупски ракомет има поширока и посилна основа отколку во времето кога само Пелистер имал вистински статус во југословенската елита.

Денес гледа четири моќни клубови, но предупредува дека разликата во однос на останатите не смее да стане преголема.

„Во нашето време, помалку или повеќе, Пелистер беше единствениот клуб кој создаваше вредност признаена во југословенскиот ракомет. А југословенската лига тогаш беше најсилна во светот. Доаѓањето на Сергеј Самсоненко во Вардар многу ја промени сцената. Денес имаме четири силни клуба кои квалитетно и систематски ги зголемуваат буџетите и создаваат нови вредности. Таква широка база во наше време немаше.
Единствено се плашам клубовите од петтото до дванаесеттото место да не ја почувствуваат таа разлика како бариера и да мислат дека немаат што да бараат против водечките четири екипи.
Токму тие помали клубови треба да создаваат домашни играчи. Во водечките екипи има многу странци и тоа може да биде проблем за репрезентацијата. Вардар, на пример, има многу странски ракометари и мора да се пронајде вистинскиот баланс за националниот тим да не трпи.
Од друга страна, Македонија редовно учествува на големите натпреварувања, освен на Олимписките игри. За една мала земја тоа е добар резултат. Знам дека навивачите очекуваат и медали, но понекогаш тие очекувања не се целосно реални.“

„Прво би ги собрал најдобрите македонски играчи“

Кога би добил задача за три години да создаде европски конкурентна екипа во Македонија, Каменица не би почнал од странците. Прво би го изградил домашното јадро.

„Најпрво би ги собрал најквалитетните македонски играчи. Тоа мора да биде основата, за клубот да биде препознатлив со средината и земјата во која работи.
Странецот мора да биде дополнителна вредност. Треба да донесе нешто што го немате во сопствената земја. Да се носат странски играчи за да бидат дванаесетти, тринаесетти, петнаесетти или шеснаесетти во составот е комодитет кој не му е потребен на македонскиот клуб.“

Посебно го радува враќањето на дел од македонските репрезентативци во домашното првенство.

„Западот веќе не произведува доволно играчи и зема од нашиот регион. За македонскиот ракомет е добро што Никола Митревски и Филип Кузмановски се вратија на домашната сцена. Тоа се врвни играчи кои можат многу да им дадат на клубовите и на младите околу нив.

Апелот треба да биде помалите клубови да работат поквалитетно, да ги едуцираат тренерите и да создаваат играчи што подоцна ќе им ги понудат на водечките екипи. Само така ќе има повеќе простор за Македонците, а корист ќе има и репрезентацијата.“

Современиот тренер не смее само да ја копира Барселона

Каменица припаѓа на генерација тренери која тактиката ја создавала на терен, преку повторување и работа од понеделник до сабота.

Денес има видеоанализа, статистика и големи стручни штабови, но повеќе информации не значат автоматски и повеќе знаење.

„Ние целата тактичка подготовка моравме да ја направиме низ тренингот, на терен, од понеделник до сабота. Тоа беше практична работа. Денес се гледа огромно количество видеоматеријал. Но, гледам и дека многу клубови од нашиот регион ја копираат Барселона и тренираат еднаш дневно. Не ја земаат предвид целата слика.
Барселона секоја сезона стигнува до завршницата на Лигата на шампионите. Има голем број силни натпревари, а во составот има десетина или дванаесет репрезентативци кои во јануари заминуваат на Европско или Светско првенство.
Ние овде мора да произведуваме играчи. Секако дека ни е потребен резултат за да привлечеме спонзори, но главната мисија мора да биде создавањето играчи.“

Каменица се присети дека како млад ракометар ги запишувал тренинзите на Зоран Живковиќ, затоа што уште тогаш знаел дека еден ден сака да биде тренер.

„Младите тренери денес можат да симнат тренинг од интернет, на пример тренинг на Барселона, и веднаш да се обидат да го применат во својата екипа. Но, можеби тој тренинг воопшто не одговара на играчите што ги имаат. Сè мора да се работи според можностите и карактеристиките на сопствениот тим. Тоа е една од најголемите разлики меѓу постарите и помладите тренери. Јас уште како играч почнав да сонувам тренерски соништа. Затоа по тренинзите на Зоран Живковиќ одев дома и ги запишував вежбите. Уште тогаш се подготвував за еден ден да станам тренер.“

Што може Македонија да научи од Словенија?

Каменица долго живееше и работеше во Словенија, каде што беше и селектор. Според него, главната разлика не е само во талентот, туку во системот, дисциплината и односот кон младите.

„Словенија има систем поставен на повисоко ниво. Тоа е работлива и дисциплинирана нација и со нивните играчи е многу благодарно да се работи. Не мора постојано да ги терате да ги исполнуваат обврските. Нивниот најголем проблем е преминот од младински во сениорски ракомет. Многу млади, ако не студираат, веќе на 18 години се доведени во ситуација да размислуваат за својата егзистенција.
Ако успеете да ги задржите тие таленти и правилно да ги воведете во сениорскиот ракомет, тогаш добивате квалитетни играчи. Јас со многумина од нив и денес имам одлични односи. Тоа значи дека и тие се благодарни, бидејќи не сум се занимавал со нив само на теренот, туку и со приватниот живот и со предизвиците што ги опкружувале.“

Медалите на младинските селекции не ги смета за случајност.

„Кога една земја има бронза со селекцијата до 20 години и сребро со генерацијата до 18 години, а истовремено има успех и во кошарката, тогаш не може да зборуваме за случајност. Тоа е доказ дека постои систем и вредности. По освојувањето на медалот, играчите веднаш добиваат поддршка и стипендии од Олимпискиот комитет. Така можат да се градат амбиции за следните Светски првенства, па и за Олимписките игри. Според мене, иднината на словенечкиот ракомет е отворена и чиста.“

Три генерации голмани во едно семејство

Темата се префрли од големите клубови и тренерските системи кон семејството Каменица. Касим беше голман. Неговиот син Дамир исто така застана меѓу стативите. Денес голман е и внукот Лиан Каменица, член на младинската репрезентација на Словенија. Но, Лиан прво тренирал фудбал.

„Како дедо денес сум можеби погорд отколку што бев како татко. Дамир ја избра голманската позиција за да не мора многу да трча, но не беше толку опседнат со ракометот како што е Лиан.
Лиан прво тренираше фудбал во Олимпија, исто така како голман. Јас, сепак, го гледав како ракометен голман и полека почнав да му зборувам и да му давам одредени насоки, за да го насочам кон ракометот.
Еден ден ми се јави и ми рече: ‘Дедо, те послушав. Знам дека ми мислиш добро и дека си стручњак во својата работа. Почнав да тренирам во Слован’. Тоа беше еден од најсреќните денови за мене.“

Лиан со Словенија стигна до сребрениот медал на Европското првенство за играчи до 18 години. Каменица ги следел натпреварите од трибините, овојпат не како поранешен селектор, туку како дедо.

„Во Белград бев исклучително горд. Многу луѓе ми пријдоа, многумина ми се јавија и зборуваа за него. Тој има добра улога во репрезентацијата, иако според мене понекогаш е малку запоставен на почетокот од натпреварите. Најчесто влегува од клупата и носи пресврт. Но, сребрениот медал е голем резултат и засега ги исполнува и своите амбиции и моите желби.“

Кога Лиан ќе прими лесен гол, во Каменица не се буди дедо што бурно реагира од трибините. Анализата доаѓа подоцна, во мирен разговор.

„На трибините сум релативно мирен. Се обидуваме, секогаш кога е можно, по натпреварот да седнеме и да разговараме. Му укажувам на некои ситуации и недостатоци. Она што многу ме радува е што тој неверојатно добро ги памети деталите. Ќе му кажам дека во 13. минута имало удар од десното крило, а тој веднаш ќе ме дополни и ќе ми ја опише целата ситуација. Тоа покажува дека аналитички го следи натпреварот и дека не ги заборава деталите. Имаме прекрасна комуникација. Тој знае дека му мислам добро, но не му се мешам премногу и не се наметнувам. Работата им ја препуштам на неговите тренери, но секогаш ќе ја има мојата поддршка.“

На прашањето кој бил подобар голман на 18 години, дедото немаше дилема.

„Јас почнав да тренирам ракомет на 17 години, а Лиан веќе на 18 има европски медал. Тој е пред мене. Има и висина од 195 сантиметри, индивидуално работи со тренер за голмани и верувам дека може да направи феноменална кариера. Во тоа сум убеден.“

Лиан еден ден во Пелистер?

Следната година Лиан треба да го заврши средното образование, а потоа ќе дојде период во кој ќе треба внимателно да го избере следниот чекор.

Каменица не ја исклучува можноста внукот еден ден да го видиме и во македонски клуб.

„Во школувањето не му се мешам. Следната година завршува средно училиште и веќе ќе биде на пазарот како голман од 19 години. Слован знае дека треба да му даде можност на млад голман кој потекнува од нивниот погон. Но, јас не би имал ништо против еден ден да дојде во Македонија. Редоследот би бил јасен – Пелистер е мојата емоција. Тој клуб и денес е мојот фаворит.“

Битола или уште еден тренерски проект?

Кога би можел повторно да избере една сала во која ќе води натпревар, Каменица тешко може да ја тргне Битола од срцето.

„Битолската сала е специфична. Таму сум водел натпревари во Лигата на шампионите и енергијата што ја има таа сала тешко може да се објасни. Секако, денес дел од условите се надминати. Потребни се подобро греење, климатизација и поголем комфор, каков што има во ‘Јане Сандански’ или во ‘Златорог’. Вардар исто така имаше феноменална поддршка во периодот кога ги освојуваше европските титули, а и салата во Целје има нешто посебно. Но, Битола за мене останува емоција.“

И покрај обидот да се повлече, Каменица на крајот признава дека не ја затворил целосно тренерската врата.

„Јас сè уште не сум кажал дека дефинитивно сум ја завршил тренерската кариера. Би ме привлекол проект со млада екипа, без посебен притисок, во кој би можел две години да создавам, да пробивам пат и да развивам играчи. За еден здрав проект со јасна цел и со време за работа, можеби повторно би седнал на клупата“, вели Каменица.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________