Охрид за момент ја презема лидерската позиција на табелата по некомплетираното второ коло од македонската Супер лига откако ја совлада екипата на Струга со 33-16(17-8).
Публиката во „Билјанини извори“ имаше многу причини да биде задоволна од составот на тренерот Ројевиќ кој одига еден сигурен и стабилен натпревар.
Уште на самиот почеток охриѓани ја поставија контролата над резултатот и ја преземаа иницијативата на овој дуел. Во воведот разликата се движеше од два до четири погодоци предност, а во самиот финиш на првиот дел Охрид искористи неколку грешки на противникот и си осигура мирна завршница во вториот дел. На полувреме домаќинот имаше висока предност од 17-8.
Во второто полувреме Охрид продолжи да го диктира темпото, а резултатската разлика продолжи да се зголемува во корист на „гладијаторите“. Снемуваше муниција и креатива во нападот на Струга, а на спротивната страна високата предност им даваше полетност на домашните ракометари.
Тоа се отслика и на семафорот, па на половина од полувремето беше запишан резултатот 24-10. Последната четвртина на теренот во дресот на Охрид ги видовме и голманот Ѓоргески и Карапалевски, а откако изминаа 60 минути на семафорот остана запишан резултатот 33-16.
Мате со 7 погодоци го предводеше нападот на Охрид, Зечевиќ и Јошида постигнаа по 5. Кај гостинскиот тим Танкоски, Георгиевски и Пајкоски постигнаа по 3 погодоци.
Во следното коло Охрид гостува во Скопје кај Бутел, а Струга ја пречекува екипата на Еурофарм Пелистер.
На табелата Охрид и Еурофарм Пелистер се изедначени со бодови, но Охрид има подобра гол разлика, во пресрет на останатите натпревари од ова коло кои ќе го променат изгледот на врвот од табелата.

























