Како ќе изгледа „новата“ ЛШ – кои екипи се можни ривали на Вардар (ФОТО)

Следната сезона во Лигата на шампионите се враќа системот на играње со смо 16 екипи, но за разлика од пред шест сезони, кога екипите беа поделени во четири групи по четири тима, догодина ќе бидат две групи по осум тима. Според клупскиот рејтинг за сезоната 2020/2021, во која влегуваат резултатите на сите македонски тимови во сите купови во сезоните 2016/2017, 2017/2018 и 2018/2019 (но не и тековната 2019/2020), Македонија котира високо  на третото место и според тоа може да има четири претставници во Европа – еден во Лигата на шампионите и три во Лигата на Европа.

Иако нашето првенство заврши и распределбата на местата во Европа се уште не е потврдена, јасно е дека Вардар ќе биде дел од елитната конкуренција во следната сезона. „Црвено-црниот“ тим можеби нема да има состав каков што навикнавме да гледаме во Скопје последните шест сезони, состав за високи дострели, но сигурно и понатаму достојно ќе го претставува македонскиот ракомет на европска сцена.

Покрај македонската Суперлига, и во дел од другите европски шампионати не се потврдени шампионите или учесниците во Европа, но познати се екипите што можат да бидат дел од ЛШ. Според рејтингот, сигурни учесници се десет екипи – ПСЖ, Кил, Вардар, Веспрем, Барселона, Келце, Алборг, Загреб, Порто и Фленсбург. Остануваат уште шест празни места, односно вајлд-карти што треба да ги додели ЕХФ, но тоа може да бидат само екипи од државите што се наоѓаат до 18 место на рејтинг листата и кои треба да исполнат одредени критериуми – сала, тв пренос, публика односно навивачи, историјат на европски настапи и буџет.

Една федерација може да испрати само по едно дополнително барање за место во ЛШ. Па така Франција ќе мора да се реши меѓу Нант и Монпелје, а еден од нив сигурно ќе добие место. Иако веројатно ќе има и барање од Магдебург или Хановер, ЕХФ нема да дозволи трета германска екипа во елитната конкуренција, додека ист би бил и случајот доколку има барање и за втор македонски претставник како што беше сезонава.

Следната вајлд карта би требало да оди за унгарскиот ПИК Сегед, и доаѓаме до бројка од 12 тима. Со оглед на тоа што ЕХФ сигурно нема да сака да го загуби скандинавскиот пазар, ќе додели вајлд карта на норвешкиот или шведскиот првак – Алингсас или Елверум. За следната покана би требало да се борат екипите од поранешниот СССР – белорускиот Мешков Брест, украинскиот Мотор и рускиот Чеховски Медведи, а фаворит за место во ЛШ е новиот тим на Сташ Скубе.

Португалските Бенфика и Спортинг, кои прават одлични состави за следната сигурно ќе сакаат да бидат дел од ЛШ, а едната екипа од двете ја ставаме во кошот со шпанската Бидасоа и полската Висла Плоцк. За последното место би се бореле екипи од типот на Целје, Динамо Букурешт, Татран Прешов и Кадетен Шафхаузен, но словенечкиот првак би бил фаворит со оглед на славното минато во историјата на ЛШ.

Можен изглед на ЛШ за сезоната 2020/2021?

ПСЖ
Кил
Вардар
Веспрем
Барселона
Келце
Алборг
Загреб
Порто
Фленсбург
ПИК Сегед
Нант/Монпелје
Алингсас/Елверум
Мешков Брест/Чеховски Медведи/Мотор Запорожје
Бенфика/Спортинг/Бидасоа/Висла Плоцк
Динамо Букурешт/Кадетен/Татран Прешов/Целје

Покрај овие екипи, сигурно ќе има уште некоја што ќе побара вајлд-карта од ЕХФ, па останува да почекаме еден месец за сите детали. Едно е јасно, кризата со корона ќе ги намали буџетите на екипите, а со настапот во ЛШ ќе можат да ја подобрат финансиската конструкција со оглед на што ќе има богат награден фонд. Затоа борбата за место во елитата ќе биде тешка.

Натпревари од ЛШ веќе нема да гледаме за викенди, термините се среда и четврток, со почеток во 18:45 и 20:45 часот. ЕХФ на почетокот на јуни веќе треба да ги собрано пријавите од екипите за европските натпреварувања, а кон средината на тој месец ќе бидат познати сите детали и конечните листи на учесници.