ИНТЕРВЈУ СЛАВЕ АТАНАСОВСКИ – ЧАВЕ: Селекторот не може да седи на „две столици“, Брестовац мора да избере!

Во период кога фокусот на љубителите на спортот е насочен кон настапот на машкиот национален тим во квалификациите за ЕП 2022, некако природно дојде за соговорник да го имаме првиот селектор на Македонија, Славе Атанасовски – Чаве. Ракометна легенда која го „крши ледот“ и ја предводи првата репрезентација на самостојна Македонија на едно големо натпреварување, ЕП за младинци во 1994 година во Израел.

Играч и тренер, кој е движечка енциклопедија и од кој може да научите многу, почнувајќи од „голем ракомет“, преку историја на екс-ју ракомет, како и подемот на нашите клубови Борец, Вардар, Металург, Пролет… Во својата кариера работел и со женски клубови, како тренер во Грција, а премиерата на селекторската позиција ја има како предводник на женската сениорска репрезентација на Грција, но таа авантура трае само месец дена.

Оние постарите, или од средната генерација го знаат Атанасовски и како првиот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија. Во декември 1993 година репрезентацијата првпат настапува на меѓународен турнир во Романија, што е прв официјален настап.

Започнал како гимнастичар во Партизан, па преминал на ракомет, играл голман и крило, но се „пронашол“ на бековската позиција. При една шестмесечна суспензија од ракометот, се пробал и како фудбалер, но не можел да и каже збогум на големата љубов. Конечно во 2015 година става точка на тренерската кариера во Пролет, откако дошло време да се раздели и со младинската генерација која ја пораснал. Сега одмора, гледа Бундеслига и француско првенство, националниот тим – задолжително, додека домашното првенство не го следи многу.

Ако некој сака да евоцира спомени или да научи нешто за ракометот може да го најде во кафеаната на неговиот син, Калдрма во Лептокарија, каде што и ние убаво си поприкажавме. Секако, настапот на Македонија во евро-квалификациите во ЕХФ неделата беше прва на листата теми за разговор.

„Имаме добра група. Со Финска и Швајцарија ќе се носиме, со Данска потешко. Верувам дека може да завршиме како втори во групата. Се чувствува на моменти дискомуникацијата меѓу генерациите, но и отсуството на почит помлади – постари играчи. Ми се допаѓа тоа што Мукаетов како претседател му има дадено комплетна слобода на Брестовац, како селектор да го одбработи своето. Секако потребно е тој да биде силен како авторитет, да наметне дисциплина и да ги постави работите, да застане над нив. Во спротивно јазот ќе биде сè подлабок. Од друга страна му замерувам на Брестовац, затоа што не може сам да работи со две репрезентации, младинците и А тимот. Мора да се одлучи за една, затоа што на две столици не може да се седи. Мислам дека со А селекцијата има капацитет да ја направи таа промена на генерации иако нема дилеми дека ќе му биде многу тешко. Го велам ова од искуство затоа што јас работев во многу полоши, импровизирани услови од оние што тој ги има денеска. Многупати сум имал непреспиени ноќи мислејќи дали е подобро да одиграм со младите или со сениорите, дали имам повеќе шанси во овие или оние квалификации, за да знам каде да форсирам. Затоа многу ми беше полесно кога ја дадов младинската репрезентација. Убаво велат старите две лубеници во иста рака не се носат. Една од овие репрезентации ќе страда“, потенцира уште на стартот Славе Атанасовски – Чаве.

Тој го прокоментира и новиот поширок список на кој има 35 репрезентативци.

„Не го разбирам и овој список сега од 30-35 ракометари, што ќе им се толку многу!? Да бидеме реални ние немаме квалитет во такви размери и последните пет-шест играчи на списокот се земени само за тренинг. Никој од нив не може да се најде во прва постава.“

Иако се фаќаме и за сламка, Македонија се поизвесно е дека ќе го пропушти СП во Египет во јануари. При една промена на генерација, дали е таа пауза во континуитетот на големи натпреварувања добра или лоша за нас?

„Лошо е што го пропуштаме Мундијалот во Египет. Играч се станува преку натпревари, без разлика дали губиш или победуваш. Колку што еден играч може да научи од тренерот, толку учи и од противничкиот играч на негова позиција. Кога гледаш или кога играш на силни натпревари, ти учиш од нив, така растеш и идивидуално и како тим.“

Гледате ли светла иднина за македонскиот машки репрезентативен ракомет?

„Брестовац во моментов го има најдоброто што го имаме, има нешто ама се уште е недокажано. Дел од играчите при оваа смена на генерации беа малку и исфорсирани. На натпревар нема млад – стар, прашање е дали си добар или не. Не успеаја на прва да се снајдат и потоа психички паднаа, а моментот на созревање е многу важен фактор. Во новата генерација главен проблем ќе биде десен бек. Велковски и Серафимов не се од калибарот на Лазаров и тоа ќе се почувствува. Талески и Кузмановски досега требаше да се докажат и тие да ја превземат улогата на лидери. Кире е во залезот на кариерата и прашање на време е само кога ќе каже крај. На другите позиции мислам дека сме добро покриени. Не ми е јасно зошто едно крило како Давор Палевски остана надвор од репрезентацијата, а беше дел од генерацијата која во Алжир го освои 6. место.“

КЛУБ – РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НАЈДОБРО РЕШЕНИЕ ЗА НАС

Чаве направи една интересна паралела меѓу трите репрезентативни генерации кои се имаат сменето во изминативе три децении и ја даде и формулата за успех.

„Ако погледнам наназад онаа селекција претходно со Миркуловски, Мојсовски, Димовски… Сите тие беа во Металург и само го чекаа Лазаров да дојде. Многу е подобро и полесно кога го чекаш само тој еден да дојде и да го воиграш во тимот. Додека за онаа прва генерација, како и за оваа сега времето е кусо. Додека да се соберат и да се воиграат поминале денови и се пропуштила шансата. Клуб-репрезентација за нас е особено важен. Тоа ни го донесе 5. место на ЕП во Србија, кога беше Металург. Како пример го имаме и Кометал Ѓ.П. кај дамите, тоа ни се најсвежи докази дека кај нас тоа е најдобро решение.“

СЕЛЕКТОР НЕ СЕ МЕНУВА СЕКОЈА ГОДИНА

Македонската машка репрезентација за неполни три децении има сменето околу 25 селектори, па неизбежно беше првиот предводник на националниот тим да го прашаме дали и таа неконстантност на клупата влијае на досегашните резултати?

„Сигурно дека има! Многумина од тие селектори кои биле и во нашите клубови не заслужиле да се најдат на таа позиција, или станал селектор, но работел послабо и веднаш смена. Селекторот мора да одработи еден циклус од четири години, ако е добар нека продолжи, ако не се знае… Исто така порано имаше некое правило селектор е тој, помошник тој и потоа се тежнееше асистентите да бидат тие кои ќе ја превземат репрезентацијата. Пример сме јас и Ванчо Јовановски. Ние во 80 посто од работите се согласувавме, 20 посто не, но кога Ванчо стана селектор тие 20 посто ги исфрли, но останаа оние 80. Тие се основата на работата и со нив има континуитет, се познаваат и играчите добро и сето тоа дозволува само природно да се продолжи со работа во тимот.“

МАКЕДОНИЈА СЕГА Е ИМЕ ВО ЕВРОПА, ТОГАШ НИ ВЕЛЕА „КОИ СТЕ ВИЕ?“

Кога зборуваме за репрезентацијата и за тоа што значи Македонија денеска на ракометната мапа, Чаве не можеше, а да не се потсети на тоа како било во почетоците…

„Тогаш, во 1993 година ги собравме играчите од повеќе клубови, Пелистер, Металург, Вардар… од надвор доаѓаа само Томче Петровски од Франција и Пепи Манасков од Германија. При формирањето додека не признаат како земја и од ЕХФ и од ИХФ нас никој нè не ’фермаше’. Пример за тоа, ќе побараме од Германците Манасков да дојде на репрезентативен собир една недела и ни велеа кои сте вие и не го пуштаа, или ќе дојде некој натпревар, тој не можеше да дојде. Истото се случуваше и со Томче Петровски. Тогаш и условите беа многу тешки, немаше соодветни подготовки како сега, дресови позајмувавме од клубови… Паметам, првиот меч на турнир во Романија играме против Русија и чекаме час и половина да почне дуелот затоа што Русија требаше да ги смени дресовите, а не сакаше да го стори тоа. На крајот ние бевме тие кои ги сменивме дресовите… До тој степен на почетокот бевме ние немоќни, а тие силни на европската ракометна мапа. Сега имаме одлични услови, Федерација која ти дава и ти овозможува сè, имаме луѓе кои работат во ЕХФ, го имаме Драган Начевски како прв човек на Судиска организација, сега со поинакви очи гледаат на нас. Секоја пионерска работа е тешка, тогаш никој нè не знаеше, ни велеа кои сте вие? Сега Федерација и ИХФ стои зад тебе.“

Приватна архива на првиот селектор на Македонија, Славе Атанасовски – Чаве

„НЕ СЕ КИТАМ СО ТУЃУ ПЕРЈА“

Атанасовски се гордее со фактот дека е прв селектор на Македонија, позиција која смета дека си ја заслужил и со квалитетот и со искуството, но истовремено дека успехот кој го направил со таа генерација, освоено 6. место на ЕП во Израел е заслуга само на млади македонски ракометари.

„Заслужив да бидам селектор со се што имав претходно сторено во кариерата, но она на што сум особено горд е дека ја предводев првата репрезентација на Македонија во кој било спорт на едно големо натпреварување. Освоеното 6. место беше огромен успех. Во тоа време исто така се натурализираа многу играчи, но јас сум секогаш за домашни играчи и тренери. Добро се сеќавам по враќањето од ЕП во Израел, Таки Џиков, кој тогаш беше министер за спорт, а исто така и ми беше колега – професор дојде и ми вели ’сакам да ми кажеш искрено колку репрезентативци имаш фалсификат’. Му одговорив ’не се китам со туѓи перја’, јас работам најдобро што знам и со мои деца. Ми велеше утре пак ќе те прашам, и така неколку дена. Се срамел дека можеби имаме некој играч со фалсификат, но кога го уверив дека нема ниеден ни организира прием кај претседателот Киро Глигоров.“

Зошто по само година дена доаѓа до смена на селекторската позиција, односно Ванчо Јовановски, кој претходно беше ваш асистент, сега ја води Македонија на ЕП во Италија?

„Некои членови на УО на Федерацијата не ме сакаа, па најдовме соломонско решение, му ја дадов младата репрезентација на Ванчо, а јас останав во А тимот. По еден меч со Чешка многу силно се одрази тоа не почитување, не признавање кои некои луѓе ги имаа кон мојата работа и едноставно му реков на Ванчо дека ’нема лезет веќе’. Си велам излегувам од работа, оставам студенти и трчам од град во град, од држава во држава, а нема никаков фит-бек. Исто така многу се плашам од летање во авион, па и тоа си одигра улога. И финансиски немаше никаква добивка. Ќе ни дадеа за на пат две евра или пет евра, а ти ќе потрошиш 15, трошев повеќе отколку што заработував. Ништо не беше решено, за разлика од сега, или ако споредиме какви беа условите за дамите, во кои се вложуваше многу тој период. И така заврши мојата селекторска функција.“

ЛАЗАРОВ ПОЧНА НА КРИЛО, СТОЛЕ КАКО БЕК

Кога сте пионер на македонскиот ракомет, тогаш многу добро ги познавате и почетоците на сите актуелни репрезентативци, а Чаве ни раскажа каков бил стартот на некои од нивните кариери.

„Кирил Лазаров на ЕП во Израел го зедов како 16-ти играч, а во тоа време се играше со 12 играчи. Федерацијата исто така беше фер и ми дозволи да го земам на првенството. Таткото на Лазаров играше одлично ракомет, многу силен, квалитетен ракометар и бевме добри пријатели и тој ме замоли да го земам на ЕП, кога беше изборот на играчи во Битола. Како можев да не го земам, татко му ги оставаше коските на игралиште, а реално во Кире од тогаш се гледаше перспектива. Неговиот прв тренер во Овче Поле, Баже го играше како десно крило. При едно гостување му велам, зошто не го ставиш да игра бек? Од бек полесно се прави крило, а од крило бек тешко да направиш. А, и што е поскапо бекот или крилото? Тој ми вели бекот. Епа, пушти го бек да биде. (се смее) Јас така гледав од сите аспекти и ме послуша и еве какво играчиште стана денеска. Тој е многу паметен играч, прави многу мудри потези во кариерата, но да го видам да се проба во Бундеслигата. Кире и сам има кажано дека ако играл во Германија досега ќе му била завршена кариерата. И најважно од се имаше среќа во кој клуб и да отиде. Не смее да се занемари и фактот дека Кире има огромен удел за нашиот репрезентативен успех. Сите репрезентации кои имаат добар десен бек, се силни. Истото беше и со Индира Кастратовиќ кај жените, таа ја влечеше цела репрезентација. Но, не е само Кире… Столе почна во Металург како бек. Го гледам и му велам на Симе (Симовски) малиов е добар за тепање ама не е за да игра бек. И потоа Столе стана пикер.“

Уште една работа која особено го радува Чаве е што голем број на ракометари од неговото време сега ја водат иднината на мак-ракометот.

„Мило ми е од тоа време и од клубовите каде сум бил тренер и играч излегоа толку многу тренерски имиња Илија Темелковски, Љупчо Савевски, Ангор Здравковски, Ванчо Јовановски – сите селектори, Александар Царчев со голманите работи во репрезентација заедно со Брестовац, Стевче Алушовски, Аце Станковски, Ацо Јовиќ, Пепи Манасков… навистина ме радува тоа.“

ВАРДАР И МЕТАЛУРГ СОЗДАДОА ПРОФЕСИОНАЛЦИ

Името на Славе Атанасовски е запишано во голем број на македонски клубови, каде паралелно бил и тренер и играч – Работнички, Вардар, Пролет, Борец, Металург… Имал понуда да игра и за Металопластика, а за таа пропуштена шанса жали и ден денеска. Но од друга страна е среќен што до прва рака можел да го види подемот на македонскиот клупски ракомет.

„Во тоа време созреваа тие генерации во Металург и Вардар и се насетуваше дека ќе се искачиме во европскиот врв. Михајло со Вардар и Минчо со Металург се креатори на професионалните ракометари. Минчо кога го формираше Металург му ги зема на Михајло играчите, па сопствениците се наддаваа… Тие почнаа да ги плаќаат играчите, донесоа тренери од надвор и ги направија професионалци. Металург е првенец во системска работа на еден клуб. Лино кај некои тренери има преодна оценка, кај некои нема. Факт е дека Лино прво побара и доби комплетно реновирана „Автокоманда“, потоа формира Академија во која работеа неколку тренери со четири-пет генерации и го крена нивото на работа. Потоа факт е дека си го гледаше само интересот, да си ги земе парите и да си замине. Вардар исто така вложи многу, го донесе кремот на европскиот ракомет и затоа му се врати со две титули во Лигата на шампионите.“

ЛЕГЕНДИТЕ СЕ ЗАБОРАВЕНИ

По повеќе од половина век минат во ракометот, Чаве вели дека сè што сакал во животот добил преку ракометот, но исто така потенцира и дека денеска луѓето кои ги поставиле основите на македонскиот ракомет се заборавени.

„Ракометот мене ми е љубов и сè што имам и што сум сакал во животот ми дал ракометот. Благодарение на него сум ја видел цела Европа, имам пријатели низ цела поранешна Југославија и сум заработил некоја. Но, не сакав да зависам само од ракометот и затоа се образував и станав професор по физичка култура. Дневникот никој не може да ми го земе (се смее). Воопшто не се посветува внимание на нас, луѓето кои направиле нешто за македонскиот ракомет, но не е тоа случај само во ракометот, туку општо во сите спортови во Македонија. Јас и не сум таков човек, да го виткам р’бетот за да бидам во нечиј видокруг, немам потреба од тоа, јас сум се докажал. Можеш да ме купиш како тренер, затоа што тоа е занаетот кој го продавам, но не и како човек. Единствено нешто што сум добил е една сезонска влезница за натпреварите од СЕХА-лигата. Ми паѓа тешко понекогаш кога ќе застанам во ред и чекам за да си купам билет за да влезам на натпревар на репрезентација, а гледам пред мене како луѓето кои стојат на врата пуштаат нивни пријатели и лица кои не ни знаат како се викаат играчите на теренот… но тоа е нашата реалност.“

ВНУЦИТЕ ДОСЛЕДНИ НАСЛЕДНИЦИ

Атанасовски веќе пет години е комплетно надвор од ракометната сцена, но вели дека достојни наследници има во своите внуци.

„Мојот син е инструктор по скијање, а внука ми Јана е првак на Македонија во скијање, но не ја следам многу. Морам да признам дека сум противник на индивидуалните спортови, иако се радувам на сите нејзини успеси. Но, по завршувањето на мојата играчка и тренерска кариера сметам дека ќе имам доследни наследници во моите внуци Стефан Ристовски, кој тренира во Ѓорче Петров и Јаков Атанасовски, кој е дел од Академијата на Алушовски“ – гордо потенцира Чаве за крај.