Вујовиќ: Може да ме мразат, може да ме сакаат, но мора да го остават срцето на терен (ВИДЕО)

Екипата на Вардар стартуваше со подготовките за новата сезона во која има доста новитети, а тимот ќе биде предводен од одлично познатиот стратег, Веселин Вујовиќ.

Тој веќе го имаше првиот тренинг со тимот, а на почетокот на подготовките го даде и своето видување.

„Вчера имавме состанок со претседателот. Објасни каква е ситуацијата околу клубот и случувањата со ЕХФ, за плаќањето на депозитот. Моите информации се денеска е решено позитивно и тоа е олеснување за мене и играчите. Го одработивме и првиот тренинг. Како и секогаш сите не доаѓаат исто подготвени на тренинзите. Знам дека е големо интересирањето кога е Вардар во прашање бидејќи тоа е македонски бренд. Сите очекуваат Вардар да се впушти за трофеите. Ниту јас како тренер, ниту македонската јавност не се задоволува со просечност. Може да ме мразат, или да ме сакаат, но додека јас сум тренер мора да го остават срцето на терен“, рече Вујовиќ на првиот брифинг на стартот на подготовките.

Тој вели дека играчите кои ги одбрал за оваа сезона ќе треба да ги оправдаат очекувањата.

„Се надевам дека играчите ќе ја оправдаат довербата. Ќе видиме дали ќе има уште засилувања и во стручен штаб и во играчкиот кадар. Засега не можеме да ја користиме салата. Тука е премногу топло и не е хумано да се трча и да се тренира. На Златибор ќе биде полесно. Не очекува и натпревар против Еурофарм Пелистер и тоа ќе биде вистински празник. Имаме Струшки турнир и Хумел“, рече тренерот на „црвено-црните“.

На првиот тренинг недостигаше само Гурбиндо, додека сите други ракометари одработија според планот.