ИНТЕРВЈУ: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, македонските адути за олимписко финале!

Македонската олимписка делегација на ЛОИ во Токио нема ракометари и ракометарки, но затоа има ракометни судии. И тоа не било кои, туку најдобрите – Славе Николов и Ѓорѓи Начевски. Арбитрите кои во моментов се број еден, не само во Европа, туку и во светот, па повеќе од заслужено се во ова друштво. За нив ова е трета Олимпијада по Лондон 2012 и Рио 2016, на која сметаат дека според квалитетот, зрелоста и сигурноста со која судат заслужуваат и очекуваат да делат правда во финалето.

Николов и Начевски веќе 17. години (од 2004) растат како квалитетен производ и судиски пар кој е почитуван каде и да се појави во ракометниот свет. Токму поради тоа се можеби и единствените кои од 2005 година до денеска немаат пропуштено ниту едно големо натпреварување, без разлика дали станува збор за младинско, сениорско, машко или женско натпреварување. Ако броиме само во сениорска конкуренција – шест Европски првенства и шест Светски првенства во низа, заедно со три Олимпијади (оваа во Токио е третата). Азиско и Африканско првенство, финале на Супер Глоуб во 2016 година, три полуфинални натпревари на Ф4 во Келн во Лигата на шампионите и едни од ретките судии кои трипати во низа се вратиле во „Ланксес Арената“ (секако со исклучок на Германците кои се домаќини). Преку 1.000 натпревари се веќе отсудени.

Ѓорѓи бил ракометар (играл за Вардар, Металург, Пролет), стигнал до младинска репрезентација и потоа се откажува. Тренирал и бокс и борење и никогаш не му бил императив да биде ракометен судија, но под притисок (се смее) почнува да суди со Панче Папуџиев. Славе, пак, тренирал фудбал во Вардар, а од времето кога имал 5-6 години ги следел својот татко Стојан Николов и Драган Начевски (’им ги носев куферите низ Југославија’) кои тогаш се судиски пар, а потоа ќе почне да суди и тренинг натпревари на РК Вардар во Расадник.

„Бевме фамилијарно и приватно поврзани од деца и имавме договор дека ќе судиме заедно и дека ќе ги замениме родителите. Ѓоко играше ракомет подолго, јас почнав порано да судам и сменив неколку партнери – Владо Саздовски, Ѓоко Колески, Зоран Наумовски, за во 2004 година кога видовме дека патиштата ни се поврзуваат и дека имаме иднина на меѓународен план, да се спаривме со Ѓоко. И од тогаш сме тандем.“

Двајцата имаат пред себе примери за какви судии треба да бидат, Стојан Николов поранешен судија и Драган Начевски, актуелниот прв човек на судиите во Европската ракометна федерација, поранешен ракометен судија (кој заедно со Марјан Начевски своевремено беа исто така на врвот како судиска двојка во светски рамки) и се уште активен ЕХФ делегат. Но, тоа што некој отворил пат за Славе и Ѓорѓи во европски рамки, колку што е помош, толку е и товар затоа што мораат да докажат дека се достојни наследници и судиска двојка која се што добила во својата кариера го заслужила со многу вложување, пот и квалитет.

„Подобар доказ за нашиот квалитет од настап на трета Олимпијада во низа, нема“ – дециден е Славе Николов. „Лондон 2012, Рио 2016 и сега Токио.“

„Не сакам да звучам нескромно, но очекувавме да се најдеме меѓу официјалните лица. Ние судевме во Лондон 2012 кога најмалку очекувавме да бидеме поканети, каде бевме најмлади во пресилна конкуренцијата на Данци, Швеѓани, Норвежани, Словенци, Романци… сите беа искусни и квалитетни судиски двојки. Не се дававме ни тогаш, држевме ниво со постарите и поискусните. Сега во Токио со овие судиски парови кои се со нас ние сме доктори, професори на науки (се смее) Сите се помлади од нас!“, додава Ѓорѓи Начевски, а на тоа веднаш се надоврзува Николов: „Според мене зенитот е сега, во квалитет, стабилност, сериозност, сигурност и мислам дека можеме и очекуваме да судиме во финалето на Игрите. Но, тоа е политика! Сите се свесни дека сме број еден, колеги, делегати, главните од ЕХФ и ИХФ, и иако можеби не оспоруваат потајно знаат дека сме најдобриот судиски пар во моментов, кој и можеби најмногу заслужува да суди финале. Секогаш го зборуваме тоа. Да бевме од некоја  скандинавска држава, Германија, Франција, Шпанија… немаше да има финале кое ќе беше без нас. Од Македонија да се пробиеш и да бидеш на секое ЕП, СП, на трета Олимпијада во низа, тоа многу значи, односно значи дека треба да си многу подобар од останатите и вредиш да бидеш таму.“

15-ГОДИНИ ГО ЧЕКАА ПРВОТО СЕНИОРСКО ФИНАЛЕ

Најдобрите македонски судии првото финале во машка сениорска конкуренција го добија на ЕП 2020 кога им судеа на Шпанија и Хрватска. Претходно правда во финале делеа само на СП во младинска конкуренција. Причините што 15. години мораа да го чекаат првото финале на големите натпреварувања во сениорска конкуренција се повеќе.

„Факт е дека Марјан Начевски и Драган Начевски го отвораат патот на комплетниот македонски ракомет во Европа, по осамостојувањето, но тоа колку што ни помогна, толку беше и потешко на почетокот. Секогаш има две страни, едни ги сакаат, други ги мразат, и не ни беше едноставно воопшто. Во наше време не се стануваше меѓународен судија за две години како сега. Ние судевме две година една лига, две во друга, две во трета, па чекавме едни да се откажат, па други да завршат кариера… се калевме и се калевме, си чекавме. Паметам на 26 години станав најмлад меѓународен судија. Но за мене тој процес е поправилен затоа што сега многу рано стануваат меѓународни судии, се заситуваат и потоа немаат императив да судат, немаат мотивација и некако влегуваат во тие води без искуство, што е погрешно“, потенцира Начевски.

„Вистина, Маки и Наче беа добра предиспозиција, но тоа беше и товар, затоа што сме имале квалитетен пар пред нас и моравме да се бориме и да докажуваме дека сме достојни наследници кои не случајно влегле во тој круг, да ги оправдаме очекувањата, а истовремено и презимето“, додава Николов.

Колку тоа што Драган Начевски, кој трет мандат е на чело на Судиската организација во ЕХФ ви помага или ви одмага?

„За нас е потешко што тој е таму (се смеат). Рековме веќе, да бевме од некоја друга европска земја со посилно лоби и поддршка ќе имавме судено на десет финалиња досега. Вака моравме да чекаме дури до лани и на ЕП за првпат да судиме едно европско финале и тоа си беше заслужено! Драган е принципиелен и покрај тоа што сме квалитетни и на врвот, моравме да чекаме за да нема коментари од типот дека Драган Начевски е татко на Ѓорѓи или, пак, затоа што е Македонец им дал на Македонци да судат финале. Во нашиот случај ние бевме трпеливи, работевме на нашиот квалитет и го добивме заслуженото, затоа што само ако си квалитет можеш да успееш, не е само да носиш презиме за да заслужиш нешто. Веруваме дека и ги надминавме Маки и Наче во квалитет“ – едногласни се партнерите на оваа тема, а Славе додава: „Ние имаме шест судиски пара во Европа и се надевам дека секој ќе си го најде своето место според квалитетот. Но, мора уште една работа да биде јасна, политиката игра улога. Секоја држава има судиски пар кој е број еден и кој го форсира и во друштво со такво силно лоби многу е тешко да се пробиеш, така е поставен системот.“

НЕ ГО МЕНУВАМЕ СТИЛОТ ЗА НИШТО

Една од главните причини за „проблемите“ кои ги имале при доделувањето на номинациите и делегирањата е Шпанецот Рамон Гаљего, првиот човек на судиите во Меѓународната ракометна федерација, со кој Николов и Начевски „војувале“ со години. Се започнува од квалификациите за ЛОИ Рио 2016 и дуелот меѓу Шведска и Шпанија.

„Факт е дека сме судиски пар број еден во светот во моментов, иако според нас официјалните рангирања не секогаш се регуларни. Во ИХФ, на пример, постоеше непотизам. Со главниот на судиите, Шпанецот Гаљего долги години бевме во конфликт. Од една страна поради татко ми. Едниот е главен во Европа, другиот во светот, а секој си има свои ставови и размислувања. Втората работа е што тој наметнуваше некој свој стил, кој ние не го прифаќавме и малку бевме одбивни кон тоа. Тој притискаше да се прифатат и да се спроведат во однос на стил на судење и на правила, а ние му контриравме“, вели Ѓорѓи, а потоа Славе се надоврзува: “Тешко прифаќавме што е вистина и тоа не му одговараше затоа што другите, помлади судии го гледаа тоа и како поискусни нè следеа нас. Гаљего нè гледаше проблем и нè „сечеше“ постојано. Потоа и ние увидовме дека не може со ’глава во ѕид’, се смиривме и до некаде се случија и некои позитивни работи. Ние сме можеби единствените судии кои не сме го смениле стилот, уште го држиме истото ниво. Во кариерата 80 посто си свој, додека 10-20 посто може да попримиш, а тоа не му се допаѓаше на Шпанецот. Ние не бевме делегирани за квалификациите во 2020 година кои се одложија поради пандемијата и потоа кога му направија притисок нè делегираше и најтешките натпревари беа се на наш грб. На крајот ние му требавме на него.“

„Опструкциите од Гаљего почнаа по квалификациите за ЛОИ во Рио, кога судевме натпревар Шведска – Шпанија. Јас досудив пенал за Шведска во последните две секунди од натпреварот. Пеналот беше регуларен, Шпанија загуби и за првпат после 40 години не отиде на едни Олимписки игри. Тоа ни се врати како бумеранг“, се потсетува Николов.

КОГА СУДИМЕ НИЕ ИГРАЧИТЕ ЗНААТ ДЕКА ЌЕ ИМА РАКОМЕТ

Како на вас гледаат ракометарите, тренерите… во европски рамки?

„Не гледаат од каде сме, нè гледаат како личности, како квалитетни судии. Нè знаат сите, сме им суделе од деца, во младински категории и се однесуваат со респект. Знаат со кого имаат работа, на другите судии им коментираат, кај нас што се вели се креваат два прста. На Хансен, Карабатиќ сме им суделе преку стопати, добро се познаваме и знаат дека никогаш не сме наштетиле некому со намера. Уште кога ќе видат кој им е делегиран знаат дека ќе има ракомет, дека дозволуваме предност, да се развие играта, погруба игра, сè точно знаат, но најважно е – само што ќе го погледнеш тој знае каде му е местото. Ние ја диктираме играта, но држиме до тоа ракометот да се игра за ракометарите и публика, а не за судии. Секако мора да бидеме авторитет, во спротивно ќе те ’газат’. Комуникација со играчи има кога некој коректно ќе те праша нешто, нема никаков проблем да му се објасни зошто е донесена некоја одлука. Ако е на арогантен начин или со недолично однесување тогаш дискусија нема. Најверојатно и затоа не сме имале приговори по натпревари, барем не се сеќавам“ – вели Начевски.

Нешто што најгласно одекна беа чекорите на Игор Карачиќ во финалето на ЕП лани.

„Да, тоа беше еден од најзабележителните (се смее) Кога свирнав Славе, бидејќи не можеше да види што се случува почна да вика: ’Што свириш? Што правиш, знаеш ли?’ Му велам ’Славе уживај, видов барем шест чекори’ и така и беше. Можеш да згрешиш од мало невнимание, нешто да ти ’избега’, но кога е момент на одлука не смееш да си дозволиш такво нешто. Ние носиме одлуки во дел од секунда, автоматски реагираш и одлучуваш, додека другите ги гледаат на ТВ на репетиција по пет пати. Се случило и имаме грешки, да ги видиме на снимка, па да се извиниме, но клучни грешки не сме имале!“ – дециден е Ѓорѓи.

„Јас лично сум имал два такви натпревари со одлуки во последни секунди. Едниот е оној Шведска – Шпанија, кој го споменав, а ист таков пенал имав на ЕХФ финале меѓу Монпеље и Пик Сегед. Чист пенал во последни секунди, го досудувам и со него победува Пик Сегед. Има такви тешки моменти кога одлучуваш ти како судија, но позитивно е што тоа секогаш биле правилни одлуки.“

ПОЛЕСНО СЕ СУДИ ВО ЕВРОПА ОТКОЛКУ ДОМА

Николов и Начевски се можеби единствената судиска двојка од светскиот врв која може да ја видите и како суди во домашното младинско првенство.

„Никогаш не сме настапиле потценувачки кон никого. Нас и денеска не ни е под чест да судиме и младински и кадетски првенства, може сме и единствените од тие врвни судиски парови кои го прават тоа. На тие деца им е чест и кејф да дојдат Начевски и Николов и да им отсудат натпревар, а и ние на тој начин им даваме значење. Секое натпреварување си има своја убавина, иако реално нас ни е потешко да судиме дома отколку Европа. Полесно е да судиме Нант – Веспрем, отколку Пролет – Бутел, затоа што и тука има набој и притисок“, вели Начевски.

„Секој натпревар е со професионален пристап, нема потценување, од деца до Олимпијада! Ако влезеш со потценување тогаш се прават најголемите грешки. Ние сме дојдени до тоа ниво во кариерата кога сме пример за помладите судии и не смееме да си дозволиме опуштање или да правиме циркус, без разлика во кое натпреварувачко ниво судиме. Каква порака би испратиле тогаш? Сите ќе речат: ’Чекај, овие ли се првпар во светот!? Дојдени сме на тоа ниво на кое не ни е дозволен кикс и клубовите тоа го знаат.“

Славе Николов последната сезона ја одработи со двојна улога и како судија, но и како комесар за натпреварување во РФМ. Беше ли тоа проблем?

„Прави проблем, но доколку си максимално коректен и професионалец на натпреварот тогаш нема проблем, напротив добиваш и позитивни реакции. Најважно е квалитетно да се одработи, а откако ќе се направи тоа нема кој да даде забелешки. Еве една година како сум комесар, мислам дека не направив грешка и дека се мина во најдобар ред. Се трудев се да биде максимално коректно. Затоа и реков претходно, не смееме да си дозволиме кикс, притисокот ќе биде уште поголем.“

КВАЛИТЕТОТ НА СУДЕЊЕ ЗАВИСИ ОД КВАЛИТЕТОТ НА ПРОТИВНИЦИТЕ

По скоро две децении делење правда на ракометните терени низ светот, Начевски и Николов велат дека многу преживеале.

„Заедно сме 17 години и многу работи имаме преживеано. Четири крупни промени на правилата, кои всушност и се менуваат на секој олимписки циклус, а и многу генерации на судии сменивме. Се трудиме да се адаптираме на сè! Кога станува збор за правилата најтешко беше да се навикнеме на последните 30 секунди, најспецифични и најкомплицирани се. Правилата треба да се упростат, а не да се усложнуваат затоа што тие се за широка јавност, а мала финеса во тие секунди одлучува. Кога три судиски пара различно размислуваат за тоа правило значи дека не е како што треба и треба да се смени. Пасивната игра сега се менува од шест на четири додавања… Се е наука, се си има свои финеси и факт е дека десет различни парови, различно ќе судат еден ист натпревар. Квалитетот на судењето зависи и од квалитетот на екипите. Кога имаш квалитетни противници тогаш и судењето е подобро, помотивиран си, поконцентриран, почиста е играта. Многу зависи и од стиловите. Едно е кога играат европски екипи, друго е кога се европски со африкански или, пак, трето африкански со азиски екипи. Последно кога судевме Египет – Бразил, два различни стила, мора да се аклиматизираш, да се адаптираш, кога играат на пример Шведска – Франција точно ја знаеш тактиката, акцијата, фаулот.“

СО ИСТА СВИРКА ДОДЕКА НЕ СЕ СКРШИ

Како и спортистите, така и судиите имаат свои ритуали и суеверија.

„Пред натпревар задолжително се масираме, сите ни се смеат поради тоа, но тоа е нешто што го правиме од секогаш. На пример, Португалците и Шпанците, кои се шегуваат со нас, сигурно 30 пати сме им помогнале кога од напор ќе им пукне лигамент или тетива. Тоа е начин на опуштање, но и подготовка за натпреварот, исто така слушаме и музика“, објаснува Начевски. „Што се однесува до суеверие, со иста свирка судам додека не се скрши. Ама 17-години судам со истата, таа што ми ја даде татко ми.“

„Ритуалот почнува од соба. Подготовката на торбата, каде стојат маиците, каде свирката, картоните… Како влегуваш во гардероба, кој ќе почне натпревар, начинот на кој ќе го започнеш мечот, сè е тоа ритуал. Во соблекувална бодрење, смеа, шега. Ѓорѓи најчесто ми вели ’Ајде сега, оваа како да е финале!’ за да нема опуштање. Исто и јас, со иста свирка свирам додека не се скрши. Мене ми се скрши мојата на натпревар и паметам тогаш немав резервна и ја зедов од записничарот и уште судам со таа, но сега носам резервна во заден џеб“, се смее Николов.

ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ НЕМИ ЗА НИВ

Николов и Начевски каде и да одат се познати како македонски судиски пар, но државата (барем засега) не покажува некој голем интерес кога станува збор за нивната работа. Тие судат и на трета Олимпијада во низа, а МОК на официјалната промоција воопшто не ги ни спомена како дел од нашите претставници во Токио.

„Три Олимпијади, по шест Светски и Европски првенства, европско финале… Да бевме спортисти досега ќе имавме стипендии, пензии, еднократна годишна помош, нешто! Ние не спаѓаме во ниту една категорија на институциите, никаде не сме вклучени, МОК дури нè не ни спомена како претставници во Токио. Нè ни е јасно зошто!? Ние како Николов и Начевски сепак ја претставуваме Македонија, не само на Игрите, каде и да одиме, а ниту РФМ, ниту МОК, ниту АМС како да не го гледаат тоа.“

Нивото до кое се стигнати арбитрите им дозволува и да заработат, а не да биде ова само од љубовта кон ракометот.

„За наши услови се заработува, но треба да бидеш на ова наше, топ ниво, за да го почувствуваш тоа. Сепак во споредба со кошарка, фудбал или одбојка е 10:1. Потребно е да имаш од 50 до 80 натпревари во сезоната за солидна живеачка. Кога ќе собереме, ЛШ, СЕХА, ИХФ, ЕХФ, квалификации – ние во последната полусезона имавме околу 40 натпревари. Сепак, мора да се има и стабилна работа, која ќе те осигурува, затоа што една повреда е доволна за да заврши судиската кариера.“

ЛОИ ПАРИЗ 2024 Е КРАЈОТ?

Славе Николов и Ѓорѓи Начевски на следната Олимпијада во Париз во 2024 година ќе ја прослават 20-годишнината од заедничкото делење на правдата, а планот е тука и да ја заокружат кариерата.

„На Олимпијадата во Париз во 2024 година ќе заокружиме 20 години како судиме заедно и најверојатно тоа ќе ни биде и последно големо натпреварување. Славе е малку повозрасен, а според правилата две години пред возрасната граница мора да се повлечеш. Таков е планот, да се одјавиме или на ЛОИ 2024, или, пак, на СП 2025. Ќе видиме како ќе биде“ – објаснува Ѓорѓи, а Славе продолжува: „Сега уште имаме мотив. Не сме суделе финале на СП и финале во Лигата на шампионите. Еве, се надеваме на олимписко финале, но ќе видиме како ќе биде. Ова е како дрога, те влече.“

СИНОВИТЕ – НАСЛЕДНИЦИ

Разговорот го завршивме со интересна констатација – традицијата ќе продолжи, односно за свои наследници ги гледаат синовите, исто како што тие сега ги заменија нивните татковци.

„Синовите ги гледаме за наследници! (се смеат) Тие се на самиот почеток, но имаат од кого да учат, а и генот е присутен. Инспирацијата и мотивацијата се потребни, но најважно е да имаш цел пред себе за да го оствариш.“