Гол шоу на Мрвовиќ – Куманово е последниот патник во осминафиналето од Купот!

Тимот на Куманово е последниот патник во осминафиналето во Купот на Македонија, откако пред својата публика триумфираше над прволигашот Голден Арт 2, со резултат 24:21.

Гостите од Скопје влегоа во грч, направија неколку технички грешки и му дозволија на домаќинот да има резултатска предност во воведниот дел, но не поголема од два гола разлика. По нерешените 1:1, домашниот табор направи исчекор, постигна два гола во низа и се одлепи на 3:1. Составот на Голден Арт 2, кој во Куманово допатува без неколку првотимци, кон средината на првото полувреме се врати во игра и откако губеше со 4:2, направи серија од 3:0 и поведе со 5:4.

Тоа беше знак за домаќините да заиграат поангажирано и посериозно, бидејќи прволигашот даде до знаење дека може да биде незгоден. Голден Арт 2 во неколку наврати не успеа да дојде до највисоките два гола разлика. Домаќините предводени од Мрвовиќ израмнија на 6:6, додадоа уште два гола во низа и во 20 минута дојдоа до резултатска предност од 8:6. Сепак, помладиот тим не се предаваше и рамо до рамо се бореше со поискусната екипа, која пред финишот од првиот дел имаше позитива од три гола предност, 12:9, додека по 30 минути игра резултатот беше 12:10.

Куманово во продолжението за само неколку минути игра го скрши отпорот на гостинот, се одлепи на 17:11 во 40 минута и до крајот немаше поголеми проблеми. На голот на Куманово солиден беше Кимовски, Мрвовиќ повторно влезе во брзина, па така домаќините имаа активен резултат до последната минута. Избраниците на Глигоров во еден момент имаа краток залет, намалија на 18:17, но поискусниот тим не дозволи ривалот од Скопје да направи евентуален пресврт, заигра поцврсто во одбраната и со победа од 24:21 го завери пласманот меѓу 16-те најдобри екипи во Купот.

Најефикасен на натпреварот беше српскиот интернационалец, Вучко Мрвовиќ со 16 погодоци. Младиот ракометар беше незадржлив на теренот и најзаслужен за пласманот на Куманово во осминафиналето во Купот на Македонија. Кај Голден Арт 2 се истакнаа Андреј Божиновски со седум и Кристијан Стаменковиќ со шест гола.

Куп на Македонија, елиминации:

Јехона – Бутел Скопје 30-53
Вардар – Мулти Есенс 43-18
Аеродром – Пролет 33:35
Вардар Неготино – Партизан Гевгелија 40-16
Тиквеш – Кичево 46:20
Алкалоид – Астраион 47-15
Јуниор КВ – Драчево 28-23
Прилеп – Металург РА 36-22
Голден Арт – Овче Поле 47:13
Еурофарм Пелистер – Текстилец 45-19
Радовиш – Преспа 34-21
Младост Богданци – Охрид 20-41
Струга – Македонија ЃП 41-32
Еурофарм Пелистер 2 – Шампион 41-12
Скопје – Бисинов 47-17
Куманово – Голден Арт 2 24:21